Микробиолошкиот „Џони Деп“ ја доби микробиолошката „Амбер Херд“

Во 2022 година, за биологот Дејвид Сабатини пишавме: „Пред само неколку години важеше за генијалец и еден од најголемите живи научници кому му се предвидува Нобелова награда затоа што е на траг да открие лек за рак. Денес човекот не може да се вработи никаде во САД“. Четири години подоцна, да апдејтираме: Сабатини доби милионска отштета.

Судска порота од Масачусетс, на Дејвид Сабатини му додели отштета од шест милиони долари (плус камати) во спорот за клевета што тој го водеше против Кристин Кнаус, негова поранешна колешка од Институтот „Вајтхед“ за биомедицински истражувања.

Не сите очекуваа ваков судски епилог, особено што институтот Вајтхед во 2021 година заклучи дека тој ја прекршил политиката за консензуални врски и политиката против вознемирување. 

Сабатини влегува во „зајачката дупка“ за време на една научна конференција за рак и лизозоми во април 2018, кога се запознава со Кристин Кнаус, истражувачка која исто така доаѓа во Вајтхед институтот, но за да има своја лабораторија, за регенерација на црниот дроб.

Сабатини и Кнаус имаат секс. Тој 50, таа 29 години. Се договараат да имаат лабава врска, со гледање и со други луѓе. Подоцна таа му ги спомнувала своите, „анестезиологот факбади“, „финансискиот брат“ или „професорот по физичко “. Се договориле и да не кажуваат на работа, да не комплицираат, и онака се заедно за да им биде забавно.

Меѓутоа во август истата година, институтот усвојува нов „правилник за интерни врски“, според кој шефовите на лаборатории не смеат да имаат „консензуални или сексуални врски со колеги“ од лабораторијата. „Тоа што веднаш не отидов во кадрово да ја пријавам врската со Кристин беше критична грешка,“ сумира денес Сабатини.  

Се забавуваат и во периодот кој следи но фаќа пандемијата која физички ги разделува иако и натаму одржуваат контакти. Таа купила ново црвено Ауди, му пратила слика. Нему му умрела баба му, ѝ кажал. Пријатели.

Сè до октомври 2020 година кога ѝ привршува стипендијата во Вајтхед а таа на пријатели им праќа порака дека „ќе отпакува еден тон трауми и потисната злоупотреба“. Кога директорот на Вајхед ја прашува зошто не конкурира за нова стипендија, Кнаус за првпат изговара „бев малтретирана“, раскажавме во статијата Џони Деп и Амбер Херд од светот на микробиологијата.

Ен Оливариус, адвокатка специјализирана за случаи со сексуално вознемирување е изненадена и од фактот што поротата зазела целосно спротивен став oд оној на Кристин Кнаус како и од огромната отштета, необична за вакви случаи.

Пред овој скандал да му ја извади кариерата на Сабатини од шини, му се предвидување Нобелова награда. 

29 октомври 2026 - 12:28