Во војна со дрвјата

Некогаш кога нашите племиња доаѓале наваму (без разлика кој кое племе и да бил), сè било зелено и под гооолема шума со гооолеми дрвја (ќе ви објаснам во некој друг текст зошто сум толку сигурен во ова). Ако сега се качиш на Водно или на Скопска Црна Гора и ја погледнеш Скопската Котлина (важи и за сите други градови) ќе видиш само остатоци од тоа зеленило, а посебно ретки се дрвјата. Изгледа дека сме „војувале“ долго и „крваво“ со шумата која сме ја затекле... Кои методи и тактики се докажале најуспешни? Каков е исходот од „војната“ досега?

Големи „резови“. Ако не сакаш некое „непријателско“ дрво да доживее длабока старост и да сее околу себе отровни гасови (како тој „озлогласен“ кислород!), отсечи му што поголеми гранки. Совет од искусни „војници“ - најдолните гранки се и најголеми и најважни...тука мавај! Што подивјачки, тоа посигурно! Бидејќи повеќето не знаат како правилно се сече гранка, некако инстиктивно се успешни за вакви напади. „Фес“ резови, кои нема да се затворат со години (читај: никогаш) се идеални. Има логика, нели? Што би му се случило на некој од „нашите“ ако се сопне од корен од некое „непријателско“ дрво, па остане без рака од падот и никогаш не појде на лекар? Гангрена и сигурна смрт. Значи, големи и „фес“ резови се полн погодок!

Друга многу јака тактика против дрвјата која сè поагресивно ја развиваме и во која сè подобро ни оди е набиеното живеење (урбанизацијата). Тогаш „пукаме“ во нив и без тие да се свесни, од зад грб, на метар далечина – нема шанси да промашиш! Еве ти едно вообичаено сценарио. Купуваш куќичка или барака во некоја населба со ниски куќички или бараки. Ништо не им фали на тие објекти, ама ти се правиш демек ти е тесно и демек сакаш по една соба за секого од твоето семејство, и по некое време и по еден спрат за сите твои деца а за тебе и жена ти цело приземје од минимум 100 квадрати (а знаеш дека слабо веројатно е сите да живеете на куп еден ден, дури во себе не ни сакаш).

Гледаш дека „непријателите“ се вкорениле таму пред вас. Го оградуваш плацот за да нема кај да избегаат и никој да не те види, дури ни од твоите соборци, случајно да не заплаче кога ќе почне „пукањето“. Додека заградуваш, му „стегаш“ по некоја шајка 10-ка во деблото приковувајќи му тараба, така навестувајќи му дека му дошол крајот. Додека дрвото се „лигави“ и му тече од раната, ти почнуваш со офанзивата. Копаш темели за куќата, копаш ровови за канализација (мора сè ново, нели?), правиш нови стази и парапети, и притоа му отсекуваш што подебели корења. Сега веќе знаеш дека на таа страна сигурно ќе се исушат и гранките.

Продолжуваш. Како ја креваш куќата во висина (рековме, се преправаме демек ни треба толкава, се сеќаваш?), му сечеш гранки кај ќе стигнеш, и како што ќе стигнеш, најдобро со отчепување или преломување, што подивјачки! Не застанувај – ти пречи да го гледаш и како наказа покрај твојата кич –куќа. Тоа тебе ќе ти правело сенка... море скини го! Последниот чекор: Одиш и вадиш дозвола за сеча, зашто ние не користиме забранети и „неконвенционални“ воени методи. Сè мора да е по закон! Сигурно добиваш дозвола, јас не чув досега некому да не дале. Сега можеш со мирна совест да го ликвидираш. Едно дрво помалку, еден „непријател“ помалку!

Онаму каде што имаше бараки и/или  ниски куќи и многу, многу зеленило и големи дрвја меѓу нив, веќе нема ништо од тоа. Големи згради (каде ли ќе паркираат сите тие луѓе?) и многу исечени или тешко оштетени дрвја...

Сами уверете се колку успешна метода на „војување“ со дрвјата е урбанизацијата. Еве го истото дрво неколку месеци подоцна, поточно на 15.11.2016.

Ако ти е дадено да војуваш по булевари и на јавно зеленило, еден многу успешен метод е да им насипеш земја врз корењата и така да ги угушиш. Сè помалку вода и воздух ќе им доаѓа до корењата, и ќе умрат од „непознати причини“. Они нас ќе ни „фрлаат“ лисја одозгора!..  Знаеш, лисјата се направени да нè дефокусираат. Ние имаме толку важни работи: трчаме по трговски центри да си изнакупиме работи, имаме едно чудо работи за фрлање на кои веќе ни поминал меракот, а мора и да сме во тек со сè што се дешава по светот (особено виртуелниот, кој ни е некако пореален, макар го викале„виртуелен“).

Кој ќе се бафта сеа со лисја? Секоја година паѓаат на милиони и милијарди, кој им знае точен број? Да ги собираш, да прави компост од нив, да чистиш кровови и олуци... Помалку дрвја, помалку трошоци за собирање „досадни“ лисја (макар некои шират пропаганда дека биле убави наесен и полесно било да се помине лето под нивна сенка), и најважно, повеќе време за пред компјутер! Според некое истражување, повеќето видови дрвја врз чиишто корења е насипана земја имаат уште максимум 7 години живот. Што подлабок насип, толку побрзо и посигурно ќе ги нема. Јас сум сигурен – со нашите проверени методи на „војување“, ќе ги средиме и преостанатите големи дрвја по градовите!

На многу булевари, корењата на дрвјата се под насипана земја.

А ова е најсигурната метода на офанзивно војување –  „скастрување“ или „кастрење“. Може да го наречеме и „башибозук-кроење“ или „кратење на јуриш“ (онака, „партизански“, херојски, мушки!) Се сече било каде по должината на големите гранки и се остава само дебло со ампутирани екстремитети. Колку мерак им носи на сите кои се вклучени: брмчачи на моторни пили, „мајстори“ и  секакви „инџилири“, а најфасцинирани и воодушевени се обичните сеирџии од околните куќи и станови (само не им е толку возбудливо кога „војната“ е во нивни двор, зашто за сè нешто се плашат...Коркачи).

Највозбудливо е кога се применува пристапот „кому иде“ кога се сечат. Тогаш не се ни пази каде ќе летаат „непријателски“ делови. Тоа не е важно. Најважно да се запамти е ова - што поголеми рани, толку поголем влез за инфекции на непријателите. Врвно биолошко оружје! Вака можеме да инвалидизираме цели „непријателски“ одреди (т.е. дрвореди), и да придонесеме остатокот од нивниот живот да им биде мизерен. Некои мислат дека дрвјата се така направени што под ваков стрес дури и сами си ја викаат смртта да им скрати маките со тоа што лачат разни материи во воздухот и почвата со кои привлекуваат габи-деструктори, вошки и други инсекти кои ги јадат уште „на нога“! 

„Кастрењето“ е омилената метода за одржување дрвја кај нас, било на јавни места било во дворови. На италијански ја пренесува идејата за „обезглавување“. Па, според тоа, проценете сами колку е во ред...

Габи-деструктори на „скастрено“ дрво (народно ги викаат „коњски копита“, поради изгледот. Не се криви тие за ништо...)

Силна реклама. Одличен сајт. Го препорачувам секому кој ги сака природата и науката. Посебно нивниот youtube-канал е богатство од вистински информации за кроење!

Следат уште неколку слики од оние „без коментар“:

И, ако некој сака уште идеи како да биде успешен во „војната“ против дрвјата, еве му убав постер:

И, како ни оди досега во „војната“ со дрвјата? Како во вицот со тие што направиле круг околу скакулците па пукале во нив: „Многу паднаа од нашите, ама и од нивните не беа малку!..“             

Дејан, градинарот

dejan.arborist@gmail.com

на ФБ тука                                                                                                      

14 ноември 2016 - 15:56