За да ја запознаеме малку подобро, ќе обработам неколку цитати од стручна литература. Сите се од стр. 271, 272 од учебникот по дендрологија (предметот за изучување на дрвните видови) од 1988. (Се користи на Шумарскиот факултет - Скопје, а авторот е г-н Славчо Џеков). Зборовите со коси букви се додадени од мене.
„Не е долговечен вид, бидејќи од неа ретко може да се најдат стебла постари од 100 години. Продуцира...дрво...без голема трајност.“
Значи, сама по себе е нежна и кревка, дури и да живее спокоен живот за едно дрво. А од она што сум го видел јас лично, многу е нежна и на поголеми резови и на оштетувања на корењата.
На сина позадина е едно од најубавите дрвја
Сепак, освен што е преубава, брезата е и многу корисна.
„Благодарение на ситното, лесно и многубројно семе, лесно се размножува... Лесно и брзо ги обраснува оголените терени, а особено пожариштата. Во тој процес има пионерска улога, создавајќи услови за развој на други...видови. [Претходник е] на букови, борови и други шумски заедници, особено по пожар и други уништувања на шумата.“
Сега, кога малку-малку ја запознавме оваа „девојка“, останува прашањето – што се случува со неа кај нас? Зошто има толку болни и мртви брези по парковите и улиците? Следниот цитат е увод во објаснувањето.
Брезите полека но сигурно изумираат
„По својот ареал брезата вирее на различна надморска височина, која зависи од географската широчина. По Средна и Северна Европа таа е претежно рамнинско дрво, а по јужните делови на ареалот (читај „нејзината територија“) најмногу е застапена по планините... По северните подрачја на Европа, на некои места брезата ја гради поларната граница на шумата... Во СР Македонија брезата ја достигнува јужната граница од својот ареал („територија“)...Таа ги одбегнува карбонатните терени и воопшто тешко вирее по подрачја што се изложени на долготрајни засушувања и високи летни температури.“
Овде имаме троен проблем. Прво, кај нас брезата ги допира своите граници (својот лимит). Значи, не е баш „на свое“. Второ, ја садиме во низина а не на повисоко, каде што би ѝ било повлажно и посвежо како што сака таа. Секако, убава е и сакаме да ја гледаме секој ден, но очигледно ù е претопло во град. А, ни почвата не ù одговара. Трето, немилосрдно ни доаѓа глобалното затоплување. А први на удар ќе бидат вакви нежни дрвја.
Да, со брезата спреми се за одушевувања но и за разочарувања. Оваа убава и нежна „девојка“ ќе нè потсетува колку лошо и себично управуваме со Земјата.
Брезовите шумички се рај за душата