Сторија за...

Моите 14 волонтерски денови на Лезбос

Многу сакав еден ден да отидам на Лезбос, остров кој се прослави по секојдневните пристигнувања на бегалците по морски пат. Предводена од моето искуство со бегалците дома,  без грам страв каде и зошто одам, се спакував и со еден ранец, сама тргнав по патот на волонтерството.

Таму, за инает на сите политички обоени Грци си кажував дека сум од Macedonia, гордо си ја претставив својата земја и на сите им кажав дека ние барем во едно сме подобри, а тоа се вика подобра храна за бегалците. Вадејќи се дека тие имаат повеќе луѓе, од мене дознаа дека во МК за разлика од Лезбос и другите острови, мора да влезат само на Гевгелија, и затоа нека не се вадат сите оние кои не по своја вина, знаат многу малку за нашите маки. А знаат малку, токму заради нашата недоволно развиена македонска свест.

Да не му ја намислам да направам нешто во животот, а тоа да не може да се оствари.

Така би и со мојата замисла, еден ден да се најдам на бреговите на грчкиот остров Лезбос, откако волонтерка од Бугарија ми понуди да ме однесе дотаму со кола на нејзин трошок како помош во остварување на мојот сон.

Островот Лезбос, како што веќе знаат оние кои ги пратат збиднувањата со бегалската криза, е едно од местата каде преку морски пат досега преминаа повеќе од милион ипол бегалци од повеќе југозападни азиски земји, и место каде и понатаму пристигнуваат претоварени бродови со луѓе, кои во обид да спасат жива глава од воените дејства, ризикуваат да се удават пловејќи по неколку километарскиот пат од Турција до првиот грчки остров.

Бегалците не пристигнуваат само на Лезбос. Тие одат буквално кај што им гледаат очите. Одат на островот Кос, на Лезбос, на Хиос, на Додеканес, односно се упатуваат кон сите острови кои се сметаат за европска територија.

Јас на Лезбос се најдов на 23 јануари, малтене насред зима кога временските услови за пловидба се повеќе од неповолни, и кога пристигнувањето на бегалците беше ставено под знак прашање откако Грција доби сериозни предупредувања од ЕУ дека недоволно се грижи за надворешните граници, пропуштајќи бродови и бродови предводени од шверцери од Турција.

Пред да заминам се пријавив во НВО што работи со волонтери, се спакував, тргнав првин кон Софија, прашувајќи се едно време кај одам у пичку матер, и дали знам што правам и јас, а и сите оние бегалци кои чекаат нечија подадена рака, налик онаа што им ја подаваме во Гевгелија и Табановце.

Од Софија, ај до Александропулос, па ај до Чанак Кале, па ај до Ајвалик, па ај една ноќ таму и утредента се најдов во градот Митилини, инаку главен град на островот Лезбос.

А таму, пече некое сонце со заби, јас како Алиса во земја на чудата, гледам наоколу рано наутро трчаат бегалци кон бродот за Атина и си мислам: кај и да си Сандра, назад нема, ај оди земи соба што ја такса пред тргнување и од утре, марш у бегалски камп на работа.

Утредента се појавив во бегалскиот камп Кара Тепе, т.е Црн рид преведено од турски, топонимска оставштина од Османлиите кои нас нè тапкаа пет, а Грците четири векови. Фино среден камп, бегалци нема, мене ми дадоа беџ и ме распоредија во смена од 14 до 22 часот како волонтер на испомош во делење храна, облека и пружање секаква помош на бегалците.

Прв ден, еден бегалец, т.е, барател на азил од Турција. Залутал човекот, мислел ќе може да оди Германија, арно ама, нема ништо од тоа, па заглавен во исчекување на карта за дома, сам како волк, го гледав како шета по кампот, така убивајќи време до полноќ.

Втор ден, истиот Турчин, ние волонтерите нешто ај облека да прередиме, ај да видиме кај што стои и како, и ај по дома.

Трет ден, првата тура префрлени бегалци од кампот Мориа пристигнаа во нашиот камп и тука почнаа нашите први сериозни ангажмани. Одеднаш, се соочивме со толпа гладен и жеден народ, деца, старци, бремени жени, од најмало до најголемо.

Врие од народ, ние петмина волонтери во дневна смена, мајко мила, по цел ден, дај да јадат, дај да пијат, облечи ги, дај ќебиња, вреќи за спиење, народ пристигнува пред портите на Кара Тепе, ние трчај, начисто се потепавме од работа денови и денови.

Арно ама, за да не биде се просто, грчките фери компании одлучија да стапат во генерален штрајк, па со денови, народ се трупа, нема заминување од Лезбос кон Атина, вистинска човечка голгота.

 

 Деновите се нижеа, снага навечер боли од трчање и работа, да се жалиш е срамота бидејќи сите работат и не си сам во целиот ангажман, сврти дома телефон да видиш дечурланава што прави, за да малиот син ми каже дека се е ок, освен што колата некој ни ја удрил на паркинг, односно не ја удрил туку сол ја направил, ама нели заглавена таму, само дадов совет да повика полиција, па ќе видиме "о том – потом" што ќе правиме кога ќе се вратам дома.

Огреа некое чудно зимско силно сонце во меѓувреме, на дрвјата си стојат портокали, Грциве све нешто нервозни у вожња, јас одам да волонтирам со автобус одалечена 17 километри со стан во селото Термис, бегалциве и они нешто почнаа да се трипаат со шетња во Митилини пошто нема превоз до Атина, па некаде на седмиот ден, као да почнав да сфаќам дека ја уствари сум среќна што сум таму, оставајќи ја Македонија зад мене како да е којзнае што.

Жениве бегалки ме завикаа "абла", или ми ти сестра на нашки, се зближивме ептен, и Грците, онака наштрајкувани, решија да ги кренат своите рампи кон Европа, во еден ден транспортирајќи повеќе од шест илјади бегалци кои, да не биде дека лесно ќе поминат, подоцна останаа заглавени во Поликастро, со објаснување дека во Гевгелија ќе може да влегуваат по педесетина на саат време, немајќи зборови плус зошто и од каде онаа неописива потреба, Европа да се тестира самата себеси токму со деца и бремени жени кои лежеа на отворено и по 24 часа.

Деновите се нижеа, Грциве отвори - затвори рампите, јас си работам волонтерска работа, куќа волонтерски посо – посо - куќа, и дојде скоро и крајот на моето двонеделно волонтирање таму.

И јас како бегалците, да не биде дека тукутака ќе заминам од Лезбос, останав заглавена во Митилини два дена поради откажување на ферито кон Кавала заради немирно море (во што лично не верувам), за да вчера, 8 февруари, се најдам на македонско копно, затечувајќи дома една фина политичка атмосфера од која, искрено ми се повраќа.

Но, со посвета кон сите вас кои ги прочитавте погорните редови, сакам ако ми дозволите да погњавам уште малку и да кажам нешто што го видов таму, но не и овде.

Како волонтер со искуство во бегалската криза од јуни минатата година, немаше нешто спектакуларно што го слушнав на Лезбос а да не го слушнав овде, ако веќе збориме за страдањата на бегалците во обид да излезат од своите завојувани земји.

На Лезбос видов куп мокра облека на телата на бегалците но не и крв како што гледав секој ден овде, кога лани се боревме и со поголема голгота во време кога бегалците ни доаѓаа во кумановската џамија облеани во локви по нозете после пешачење од Гевгелија кон Куманово.

Не, не бев на плажите да ги видам како се симнуваат од бродот, не видов удавени тела иако бев во тимот за итна интервенција, пошто во делот за кој ние бевме задолжени, немаше пристигнувања за време на моите четиринаесет дена, но ги видов дента кога заминав како врескаат во последниот километар натоварени на мало гумено бродче, очекувајќи да се симнат живи на копно, и таа глетка чинам ќе ме прати додека сум жива. Како живи да се давеа во кал, Боже мили, мил бил животот единствен.

Таму видов бегалци како што ги гледам овде од јуни досега, видов како Грците се организираат со помош и камповите, но најискрено и со добра намера, јавно кажувам дека таму видов и сплотеност на волонтерите и желбата да се помогне преку млади деца кои доаѓаат од цел свет, видов млади и борбени деца за разлика од овде, каде и скоро и да нема вистински волонтери. Има, ама на прсти се бројат. Има, ама малку се.

Не дека и младите од Грција нешто многу се претргнуваат, ама, на Лезбос барем на волонтерите се гледа како на вистински помагач во бегалската криза со цела почит што некој дошол дури и од Аргентина за да помогне, државата да се справи со бегалскиот бран.

Таму за моите 14 дена, никој од локалциве не ми кажа дека сум дошла да помагам на ИСИС па контра тоа, ми дадоа од општина слободна карта, додека истовреме, волонтерите собрани од цел свет ќе се потепаат да помогнат, трошат свои заштедени пари за да дадат удел во помагање на дел од човештвото, се ангажираат со собирање средства преку интернет, пишуваат по блогови, тагираат, дискутираат, идат по кампови, носат помош собран преку донации, се трудат за тие две недели или месец дена да дадат свој печат, и просто да ти е мерак да ги гледаш како сакаат да бидат хумани, без да оцрнуваат на база на верска и национална припадност. 

А овде, она што го пружаме како помош е само осуда, сведување на бегалската криза на проблем на муслиманскиот свет, плукање по нив пошто нели сите одат во Европа за да ја исламизираат, и псовки по малкуте вистински волонтери што ете на тој начин, се правеле важни дека работат по кампови без пари.

Жално но вистинито.

Ќе ми беше мерак да слушнам дека меѓу тие стотина млади Британци, Американци, Шпанци, Швеѓани, Аргентинци, Виетнамци, Французи, Канаѓани, Германци и од кај ти уште не, има и по некое младо дете од Македонија, но не.

Нашите млади деца немаат време да одат и да волонтираат некаде. Зафатени се дома со џаболебарење на кафе и шеми, немаат пари пошто се троши примарно на гардероба и искачање, и што е најважно, се нема абер и дома да се помогне во било каква акција, а не па да се оди во бегалски камп кај што смрди на немиени Сиријци.

Не, не се тие немиени.

Ние сме немиени и неиспрани од заматена свест, ние сме неиспрани од безделничење по цели денови, ние сме тие кои не се трошиме, ниту за своја, ниту за туѓа мака.

Ние сме тие од кои децата гледаат како се станува типичен Балканец.

Волонтирање?

Што бе, за кого?

За Македонија, луѓе. За наша Македонија.

P.S

Моја благодарност до волонтерката Катја Димова од Бугарија и нејзиниот сопруг Емануел од Франција за бесплатниот пат до Лезбос, моја благодарност до НВО "Легис", моја благодарност до сите оние приватни лица кои донираа на мојата фан страна за собирање донации, благодарност искрена и голема до сите оние кои ме помогнаа во остварување на волонтерскиот сон, но, најголема благодарност до моите деца и родители кои ме поддржаа во мисијата, да бидам и да останам човек кога некој моли за помош, потонат во маките кои му ги создала државата во која се родил и во која сонува да се врати кога ќе замре татнежот и кобниот план на вжештените глави. 

Со почит кон сите, 

Сандра Томовска