Животот во малите градови не е никогаш премногу динамичен. Денот секогаш носи нешто флегматично во себе. Сигурноста од она што те опкружува и сигурноста да наидеш на истите луѓе во одреден момент од денот, да отидеш на исти места каде што веќе знаат што пиеш, сè е тоа провинцијалски. Кога ќе излезеш, сите знаат кај си бил. Кај си застанал. Што си облекол и дали си изгледал малку чудно.
Да, во провинциите така е.
Вo текот на годините ќе постои и провинциска архива која ќе ги складира сите твои пијанства, сите твои гафови, брукања, успеси, љубовници и лапања по кафичи. Ако некогаш направиш нешто доста големо за да бидеш прераскажуван, ќе си добиеш и прекар. Провинциска тетоважа која ќе те следи до крајот.
Провинциските муабети се доста ирититачки. Баш зашто ништо не се дешава, една сосема небитна случка, ќе стане вест на денот.
Провинцијата е лошо место за нетрадиционалните однесувања.
И да. Во провиниција ги гледаш све истите фаци, пошто одиш на исти места и правиш исти муабети. И јас никако да ги разберам оние кои ми викаат дека во Скопје е досадно. И дека све гледаш едни те исти фаци. Мене ми е Скопје поим за забавен град, каде све нешто се случува во сите денови од седмицата. И во вакви раскажувања на тековните животи, често ми се случува да чујам: "А бе блазе си ти тебе таму барем секогаш имаш што да правиш, тука нема ништо, све едно те исто, исти места, истите фаци. Сите за сите све знаат. Многу е досадно."
... таму барем секогаш имаш што да правиш
Ох, да. Во Италија секогаш нешто се случува. Во четврток има концерт на Ману Чао. Следната недела Леонард Коен во Лука, Брајан Адамс и Нил Јанг. Паоло Конте во Сан Марино на крај на јули. Изложба на Мане во Венеција, на Тицијано во Рим. Во Арена, во Верона, летниот фестивал на операта. Аида, Травијата, Набуко. Изложба во Римини на скици и цртежи на Фелини. Што год сакаш. За сите вкусови и за сите џебови.
И да. Нешто од ова сигурно ќе видиме. Но главно нема ништо да видиме. Зашто е тешко да учествуваш во цела култура која ти се случува на радиус од 400 километри. Од временски, практични, материјални и останати причини. Али, да. Во право си ако ми кажеш дека тука све нешто се случува. Точен одговор. Но тоа главно нема никаква врска со провинциите. Збиднувањата во твојот град нема од тебе да направат господин метрополит зашто самиот факт што ги има, не значи ништо, ама баш ништо.
...Све едни те исти места.
Океј. Имаме на располагање јапоски, кинески, аргентински, бразилски, африкански, грчки, индијански ресторани. Све имаме бе. Тоа не прави од мојот град непровинција. Бројот и разновидноста на рестораните сама по себе, не значи ништо. На крај и ние одиме секогаш во истите ресторани, каде имаме "доверливи", добро познати луѓе, каде знаеш некој со кој ќе размениш збор-два. Каде што ќе ти каже дека денес, бифтекот е путер. Зашто да имаш познати луѓе, си едноставно помалку изгубен во преводот. И тоа е голема провинцијалска среќа.
И не знам за вас. Ама мене не ми недостигаат скопските широки булевари, не сонувам да се возам во смрдливото париско или лондонско метро, ниту пак да се дрндам по трамваи низ Лисабон. Пошто метрополите и тоа си го носат со себе. Часови поминати во превозни средства. Живот на крајот од градот, во некоја од илјадниците згради, кои ќе си личат помеѓу себе. Во некое мало, на кое ќе има милион слични. Помеѓу луѓе кои нема да ги знаеш. Помеѓу бетони каде нема да има гранапче за да си купиш кекс во десет навечер. Во места и градишта каде што ќе личиш повеќе на број отколку на име и адреса. Ќе имаш збутан живот, али во метропола.
Јас ич нејќам така.
Мене ми е сосема доволна мојата мала паланка, зашто убаво ми е да одам секогаш во истата месара, на истата тезга за зеленчук, да си одам на пиво на исто место каде што знам многу луѓе. Да слезам и од дома до пазар, да наидам на многу луѓе кои ќе ми кажат: "Буонџорно", па да ми кажат дека само што поминал маж ми да купи риба. И дека вчера го виделе Матео кој барал крофна.
Мене сè ова ми прави да се осетам дома. А ако сите знаат кај сум била, мене тоа не ми пречи. Никаде не кратам патишта, не одам по мали улици да не ме види светот, немам ништо да скријам. И не ме интересира ако некогаш се опијам. Не ме интересира ако ме видат како сама пијам пиво или пак сум во друштво на неколку мажи. Не ме интерсира ако нив ги интересира моето прекратко здолниште.
Пошто вака, да си кажеме меѓу нас. Ќе бидеш провинцијалец зашто таков си се родил и таков си израснал. Зашто ќе те чеша твојот мал град каде нема да знаеш да ја пуштиш душата, за да не те зборат комшиите, а тоа со тек на време ќе направи од тебе фрустрација од крв и месо. Секогаш ќе сонуваш да живееш во метропола, без никогаш да ја дознаеш осаменоста што може да се осети во милионски град. Зашто си таков, провинцијалец на кој секогаш ќе му биде битни приказните на другите. Дал ќе си од Франкфурт на Мајна, из Београда, од Крушево или од Болоња, или ќе се фалиш дека си стар скопјанец со генерации, тоа што ќе те направи провинцијалец нема да бидат ниту недостигот на културни дешаванки, ниту рестораните, ниту "различните луѓе". Пошто си ти таков, паланчанец по вокација. И единствено нешто што ќе направи разлика меѓу тебе и останатите белосветски провинцијалци е колку сељачки ја џвакаш мастиката.
Емили, Италија