1.100 километри меѓу Скопје и Угљан. Отприлика исто толку пати на Трендо му го поставив прашањето „Кога ќе одиме за Хрватска?", по еднаш за секој километар, откако лани во октомври ми кажа дека „некаде пред сезона може да свратиме на неколку дена до Јадран, да ја потсредиме куќата на Зока со време". А шта зна дијете шта је „некаде пред сезона". Кој не прашал, не ни дознал. Фала Богу, дојде ден, дојде час на јадрански аџилак да тргнам јас.
ФОРМАЦИЈА
Формациски тимот пред почеток на утакмицата изгледа вака: задолжен за обезбедување на куќа во Хрватска, боја за молерисување, четки, валјаци, јадици, консултант за радио-станици со супер реклами во Јужна Србија, музика во кола и цигари кога нема никој друг е Трендо. Арсениј е навигатор, чиф командер на нашиот старшип, првиот капетан на патувачкиот молерски циркуз, задолжениот за поминување на најголемиот дел од секогаш-под-реконструкција асфалтна Србија и одлична но еднолична предморска Хрватска. А, да: Арсо треба да донесе и од надалеку прочуената домашна жолта, за да имаме со што да се пофалиме пред комшиите. Мојата бетменска маленкост под свои ингеренции го има ресорот „Зеленчук каков што коцкастите немаат" па треба да обезбедам домати, краставици, тиквици. Треба да средам и гитара, аларм за да бидам спремен на време и уште еден аларм за пред да станам јас да започнам да го будам Арсениј. За не дај Боже. Нашиот омилен светски патник и екуменски домаќин во „Липа Наша", Отец Пимен, е задолжен само за едно: да пристигне на градилиштето во Далмација наредниот ден, според планот за игра на оваа екипа.
ДЕН 1
песна: Iggy Pop – Passenger
Со оваа песна на Иги, Арсениј на фејс ми дава до знаење дека е буден и доволно работоспособен да искуца барем седум букви за YouTube великодушно да му понуди денот во 5 и пол да му почне со симболиката на „Песинџер". Буден е и подготвен, што мене ми дава повеќе време да го спакувам фрижидерчето со патлиџаните кои ветуваа, гитарата и сето она што мислам дека ќе ми треба, иако знам дека нема, на тема облека. Се наоѓаме со Трендо пред Карате Клуб Работнички пред понеделник да изброи до седум и тргнуваме. Првата делница минува лесно, полни сме со ентузијазам за крајната дестинација, иако знаеме дека ќе поминат 12 часа пред да стапнеме на брегот на нашето одмарање глава. И на македонско-српска и на српско-хрватска граница вниманието на граничарите оди на мојот црвено-жолт дрес од Барселона, облечен триумфално да го прошета балканот само неколку дена после титулата од Лигата на Шампиони. За среќа, никој од нив не е окорели навивач на Реал или Јувентус, па лесно маневрираме низ патиштата на старата држава во која некои држави останаа да се постари од неа, а некои работеле на себе и се подотерани од соседите.
Вредно за забележување по пат: прекрасните радио станици со контактни емисии во Србија, со фокус на радио Крушевац. Се штелуваме на станицата точно на време кога го бираат хитот на денот, а натпреварот е меѓу Шабан, Маринко Роквич и Јашар. Арсо и Трендо си бираат по еден фаворит, а мене по службена должност ми е доделен Шабан кој на крај ја носи победата со сериозна разлика. Пред неколку дена Барса, сега Шабан – кога ти тргнало, тргнато е. Осеќам дека и Хрватска, каде сме тргнале сите, ќе е триумфална. Победата се најавува низ сите тунели во Поранешната Југословенска Сега Европска Хрватска: им работат сите светла низ долгите ходници на автопатот во кој кратиме километри низ живописниот но досаден крајолик на Липата денес Наша земја. Работат сите светла и на небото над Јадранот кој пополека започнува да открива дел по дел од себе, како да е танчерка во стрип-клуб која започнува со точката. Колку повеќе се симнуваме надолу, толку повеќе се гледа. На крај, доаѓаш до врвот. Траект Задар-Угљан и 20 минутен зен над јадран.
Длабоко вдишување и издишување: после илјада-и-сто километри, конечно се чувствува успешното бегство од „себе" ако под себе ја подразбираме сопствената енергија која на домашен терен е во клинч меѓу илјада реалности, илјадници гласови кои бараат нешто од тебе, чувството на апатија, немоќ, летаргија, ниски вредности, ексклузивно размислување, кратковидост, едноличност, мизерија на духот. И реоткривање на она друго „себе", кое вистински се осеќа само на места кои ти ги отвараат чакрите како дете новогодишно пакетче: дел од една вселена со илјада паралелни реалности, а ти си нејзин парадокс: влегуваш во туѓа реалност во која се осеќаш тотално свој. Размислувањето на момент го прекинува еден екс-ракометар на Пелистер кој патува до нас и откако слушна дека сме Македонци (шанкерот: „Желите ли млико са каву?" Јас: „Само тренутак... Браќа, желите бе млеко во кафено?") гласно го искажуваше воодушевувањето од Македонија, споредувајќи ја со Португалија како една од двете земји каде како играч си поминал феноменално. Уште тогаш, на пола траект меѓу Задар и Угљан бев подготвен да му понудам свич на месец дена – тој во Мк со уште поракометна публика, јас да си поседам тука. Каде што ми е како дома, бидејќи кога не чувствувам ни на секунд дека морам да сум и туѓ, сум само и единствено свој.
Сфаќам дека е сосема можно дури и Америка да е откриена затоа што на Колумбо му било сериозно досадно од муабетите по кафаните во Лисабон [реконструкција на одлучниот момент – седи Кристофер на летна тераса, нервозно го врти ледот во чашата со рум и сакал-нејќел ги слуша локалните тројца касапи на соседната маса како се дерат надмудрувајќи се чии прасиња смрделе повеќе. Одеднаш свикува по својот слуга: „Мануел, собери 30-тина души и кажи им дека одиме за Индија, упичкуматерину... ебаве досадните, да се пловеше до Месечина, до таму ќе одев, ненормални едни, секој ден истиот муабет..."]
Назад во Хрватска.
Прва вечер на островот. Куќа на 5 метри од Адријатикот, многу буквално сфатете ме: отвараш врата, гледаш отсјај на сијалиците од марината во теѓетното море. Не знам кој го измисли „Карловачко" ама би му дал предност пред Ајнштајн во моментот. Ништо не е релативно, тука е апсолутниот мир. По 2 хладних за добредојде во локалниот бар, во кој музиката е совршено тивка. Инаку барот „Ритам" се наоѓа на 7 чекори од куќата која ќе ги вдоми овие молерски пустолови од Југот по кој - или во кој - се тажи. Зависно од тоа дали во моментот сте пензиониран ракометар од Далмација во миладиновски занес или самоук молер ентузијаст од Македонија со хартиена капа и четка во рака. После запознавањето со влажноста на воздухот, мирисот на сол, вкусот на Карловачко и небото кое зачудувачки има многу ѕвезди над овој мирен остров, се прибираме во нашата бела куќа. Липо ли је, липо ли је, на обали сунчат јаја – пееше Рамбо. Ноќе е, ама сунчаме заби секојпат кога ќе ја дигнеме главата од софра, па ќе погледнеме према надвор и на 7 метри од нас дури и игнорантски за нашето постоење пијано се клати јадранот. Море се мори, вајстина се мори. Ние од време на време го проверуваме дали ни е се' уште пред куќа. Тоа демонстрира лојалност која се цени.
Бидејќи сме Македонци кои и на 1.100 километри од дома се сеуште контаминирани од локалната радијација (не успеавме да се пљуснеме во море уште вечерта), денот го завршуваме со анализа на земјата која ја оставивме на цедило и резигнирано заклучуваме дека не е фер кон софрата да зборуваме за такви срамотни работи. Пополека престанува да фаќа македонската мрежа и се префрламе на други сателити, па вечерта завршува со анализа на 9/11 и мистериозниот двојник на Титаник, Олимпик (за кој Арсо тврди дека се викал Карпати, а јас дека не ни постоел).
ДЕН 2
Песна: Summertime – Ella Fitzgerald & Louis Armstrong
По нов календар, ова е првиот ден од морско-молерската терапија и остатокот од мојот премачкан со Јадран живот. Го започнувам ритуално со будење во 05:40 и запознавање со природата и општеството. Што научив? Природата ми се свиѓа, а општеството е совршено, ма идеално, особено на 15-тина минути до шест наутро кога сум самостоен владетел на Островот, или барем на овој брег јер пред мене, зад мене никој нема, а не ни барам. Нов култур-шок: и Хрватите рано се будат. Не моиве островски, туку оние по цивилизација. И додека се спремаат за работа, меѓу тушот и кафето слушаат радио и се јавуваат и - јеботе - нарачуваат песни за добро утро, што е врхунска идеја, многу поразлична од домашните утрински хроники во кои пензионери без фејсбук се јавуваат за да кажат каде има затната канализација и нејзино прелевање, во и вон уличната мрежа. А ние останатите за тоа го имаме изумот на векот на Марк Закерберг.
Не само што слушаат радио и нарачуваат песни, туку имаат вкус. Како Василиј Зајцев ми погодуваат тјун на утрото директ во срце. Започнува трубата на Сачмо и со „Самертајм" го бетонира моментот засекогаш во мојата глава: сам на столче пред куќа како Ибрахим Ферер во Хавана, со тазе кафе, сонце од десниот исток кое се сопиња на кровот од куќата зад мене која ја крепам со грб и ми паѓа пре очи, на дофат на рака. Фаќам малку светлина со десница и ја фрлам накај радио: „Summertime, and the living is easy...". Како и да го напишеш „ливинг" – ми одговара и тумачењето како „оставање", бидејќи оставањето на се како што е е единствена опција во моментот. Трокрилно ги отворив ушите да направам простор за мирниот ветер и нотите на Гершвин. Јас сум Гершвин токму сега. Јас сум д факин президент оф ди јунајтед стејтс. Јас сум Џеј Зи, а пред мене се витка сонлива Бијонсе. Јас сум дактилографот на Бог на крајот на шестиот ден. Том Хенкс во Аполо 13, кога кружи околу Месечината.
„Бог! Ал теби липо", ми дофрла еден оточки питомец кој го шета кучето и проаѓа пред моето платно. „Бог (бил префин со вас, локалци – си велам во себе), супер је мени, бујрум на кафе комшија", спретно се снаоѓам. Се будат Трендо и Арсениј. Уредникот заминува да го збере Пимен од пристаниште, јас и Арс започнуваме со подготовки за молерисување на светот со мерак. Пред да ја нанесеш новата боја, треба да истружиш онаму каде ѕидот фатил влага и гипсот е напукнат пред паѓање. Стружење како да нема утре. Ти со шпакла по ѕидот, мирниот остров со својот молерски алат работи по тебе. Од што ти е пријатно, сакаш да отвориш подлабока дупка во ѕидот, за да има работа и во септември. Островот те мава по глава со шпаклата и ти вика „Сељак, замисли јас да го направам истото со тебе ако ми си убав. Нема никогаш да се вратиш дома".
„Колку малку ти треба, кога е убаво местото", рече некој од нас, додека задоволно замезувавме послеработно, подготвувајќи се за попладневна островска занимација: некој чита книга, друг лови риба, трет е во море, четврт во барот на кафе и свеж доток на интернет колку да провери дали државата пати без нас (планот беше секој ден различен човек да се грижи за Македонија од далеку и да ни соопштува најважни вести). Вечерта ја заклучуваме со сумирање: 2 фатени рипчиња со половина векна леб потрошена како мамец. Се договоривме дека веќе не сме рибари, туку хуманитарна организација која се грижи за храната на малите итри јадрански морски суштества. Четири столчиња пред куќа за нас четворо и броење ѕвезди. Сфаќаш дека Голема Мечка навистина повеќе личи на Големо Тенџере, како што забележа уредникот. Гладни рибари тава за пржење сонувале.
ДЕН 3
Песна: Ja san rojen da mi bude lipo – Tonci Huljic & Madre Badesa
10-ти јуни е последен школски ден за основците и средношколците. За нас е само обичен ден. Распуштањето дојде порано. Јасно ми е зошто далматинските песни звучат како што звучат – на тој раатлук, и Џејмс Хетфилд од Металика ќе преминел во тамбураши. На радио за добро утро свири нешто кое веднаш ти е дражесно добро точно таму, точно тогаш, додека влечеш прво кафе, а лаганини ветер ти поместува севкупно 3 влакна од утринската фризура: „ја сан ројен да ми буде липо". Паролата која прозвучува од старото радио е поздравена со овации. Стварно, колку тешко може да биде? Човекот сфатил дека е роден за да му е убаво и си напишал песна за да ја мантра и за да даде вокално-инструментална поткрепа на она што секој од нас го сфаќа на места како Угљан во Хрватска. Ги обавуваш патриотските обавези со листање на пар портали од родната грутка после што си спремен да соопштиш состојба на твојата загриженост за ежедневието од кое си се тргнал на пар дена и за тоа како ти изгледаат работите во Македонија од таму: „Што знам, од морето баш и не се гледа политичката состојба во Македонија нешто многу многу...", како што своевремено еден „Фераловец" опишал душевна состојба на хрватски гастербајтер во Чикаго кој не можел да ја види Хрватска од базенот во кој се наоѓал.
Не може од одма да се молерисува и тоа го знаат и мајстори-ентузијасти како нас. После стружењето на ѕидот се става У-врска која користи како подлога „за бојата да фати" најпросто објаснето. Затоа, молерисуваш на третиот ден. Една рака, сушење. Втора рака и – спремен си мајсторски да се почестиш за трудот. Палетата на бои со кои ќе си го дофарбаш денот ти е неограничена. Бирам интервјуа на Том Вејтс на плажа и создавам уште една препрека меѓу мене и републиката која во тие моменти нетрпеливо исчекува епилог на преговорите во Брисел меѓу... веќе заборава човек меѓу кого се не... Третиот ден после добро молерисување е исто така идеален на островјаните да им покажеш дека се вистинити сите митови за Македонците и музиката. „Т'рба т'рби Гевгелија", гитара гитари Далмација во една спонтана македонска промоција на нашиот филхармониски калибар, иако само четворица. Ок, со јунака Леонида од Гевгелија пет. Со неговата чета која се појавува кога ја свириш јуначката песна, во еден момент ти се чини дека тимот се зголемил на 28 души. Иако само четворица. И Битлси беа само четворица. И никогаш немале свирка на Угљан, како ние таа пост-молерисувачка вечер.
ДЕН 4
Песна: Elvis – Suspicious Minds (live in Vegas)
Веќе те знаат во локалната пекара. Веќе си го научил распоредот на артикли во локалниот „Конзум". Се' уште ти е нереална сцената кога излегуваш од вратата на тазе офарбаната куќа и ти намига убавиот син Јадран. Пимен се врати од хуманитарната акција со која ги храниме со лебче малите риби од наше маало, тврдејќи дека за малку ќе фател една, ама се ослободила само што ја повлекол со трската над море. Рибар ко рибар, секој има некаква легендарна приказна.
Толку ни е добро што попладневно ги пуштивме Љубчо и Андов во „Топ Тема" на Телма колку да не заборавиме кои сме и што сме, односно да не го потиснуваме она страшно чувство кое ти се јавува во првиот момент во првиот ден кога влегуваш во море на твојот 7, 10 или 25-дневен одмор: „Леее, ама е добро, а еден ден ќе заврши и се пак ќе биде туга и несреча". Да, ова ќе заврши и пак ќе се вратиме меѓу своите Љубчовци и Андовци. Ама во моментот си фасциниран од тоа како дури и овие политички желки звучат тотално ненападливо во атмосферата. Четири попладне е, пиевме кафе во вториот по далечина кафич до нашата освежена куќа, шампионски се справивме со страшниот куп хот-дози за доручек, родени сме да ни биде убаво. Океј? Баш тоа чувство ти прави еден таков филтер низ кој и Љубчо и Андов звучат како да ги мрдаат јажињата на камбаните за Џонатан, само што во моментот ти не си Џонатан, туку Хемингвеј. И одлучуваш кога ќе го затвориш романот и ќе си туриш ладно Карловачко, ќе ја земеш трската под рака и ќе одиш да им дадеш ужинка на рибите пред врата.
Зенот густо се налепил на подбелените ѕидови и одлично го рефлектира солениот сончев зрак врз тебе. Гледаме концерт на Елвис Присли во Вегас, каде со карате потези ја испраќа „Suspicious Minds" во историја. Газдата на „Ритам" забележа дека треба да не слика и да направи од нас разгледница за Угљан. Големата Мечка и вечерва личи на тенџере со рачка. Некој во далечина пее „Парни Ваљак", изгледа го охрабривме островот да пушта глас навечер. „Не можат со нас", е заклучокот усвоен со акламација.
ДЕН 5
Песна: Vlada Divljan – Vodim te na more
Пимен е повторно на нога некоја минута пред мене. Сфаќаме дека сме малку неодговорни кон Македонија, па решаваме денот да го започнеме со слушање на Влада. Влада Дивљан, единствената Влада која е перфектна за започнување на ден во Далмација. Во пекарчето веќе имаш фаворит – солените кифли се твој најдобар другар за појадок. За да влеземе во мајсторско расположение, јер прав молер не заминува без корегирање, имаме и по некоја паштета за доручек, купена од маркетот во кој внимателно како по миснко поле поминуваш покрај штандот со пиво, избегнувајќи и контакт со очи со злите чеда на јачменот и хмељот спакувани во привлечни зелени шишиња.
Купуваш и весник бидејќи купува весник секој домаќин човек. А ти си домаќин човек, дабоме. Со весникот под мишка пешачиш по мостот меѓу трафиката и она што личи на мала стара куќа, а во себе крие цела преубава хациенда, Трендолендовска окупирана територија среде ЕУ високо. Весникот под мишка го држиш гордо како да е пасош, доказ за државјанството во оваа мала оаза кое си го изборил токму деновиве.
После мојот доручек, а пред да одам и со јадицата да им симнувам леб на рибите, седнувам на кафе во „Ритам". Шанкерот ми раскажува за хрватските летни фестивали, за Зрче, за Водице, за Ин Мјузик, како и дека на истово идилично место кое „забрзано се подготвува за летната сезона" на 15-ти август има 1000 туристи и се чека ред за нарачка по 20 минути. Секој со своите проблеми, си велам. Знам кафичи во кои има по 20 туристи и се чека за нарачка по 1000 минути. Знам и за земји во кои има по пет пати помалку луѓе, па се чека за живот и по 70-80 години. Големото Тенџере е повторно доминантно на ноќното небо, иако ми се чини дека забележав 2-3 нови ѕвезди. „Опааа, се поднови Вселено, а? Да частиш!". Што да части? Ништо бе. Само нека фино ги мести работите да се гледаме очи во очи од истово место барем секоја година. Не рече ништо, ме прати да спијам.
ДЕН 6
Песна: Zapreshich Boys - Neopisivo
„Не е фер, они имаат море, ние немаме", забележува Уредникот, а Арсениј неволно се согласува. 08:20 е, а веќе сме на палубата на траектот кој од Угљан цели предолги тажни тивки меланхолични пред-депресивни 23 минути не носи за Задар, од каде сакале-нејќеле, а нејќеле, заминуваме за Македонија. А денот започна поинаку. Веќе спакувани и со поведена сметка само новите неколку слоја боја да сведочат за нашето живеење во и со преубавата куќичка, се мотаме на улица спремајќи се за напуштање на позиции до даљњег. А даљњег и не е толку далеку: вселената сепак частеше за новите ѕвезди и преку Трендо ни порача: „Мајсторишењето на Угљан од годинава го прогласуваме за традиционално". Живи радосни дека за 360 дена повторно ќе е 10-ти јуни, не поздрави уште еден од островските хајлендери кои во голем број одат на пешачење или возење велосипед уште од 7 наутро: „Добро утро деца... па видите бе каква убавина Бог ни дал, само да уживаме". Стариот продолжи на дневната рута уживање, ние према липа наша домовина на југ.
Ја слушам „Neopisivo" на Запрешич Бојз, дечки кои пеат само навивачки песни. Оваа е нарачана од ИНА (хрватска нафтена индустрија, за оние кои не решавале крстозбор) пред светското во Бразил лани. Слична им е на нашата најдобра, онаа на „Дени те Чува", ама тука ми звучи подобро. Веројатно е до местото. Или дека беше најзабавниот детаљ од натпреварот меѓу Хрватска и Италија кој го гледавме заедно со локалните кулери кои освен голот на Хрватска (1-1, конечен) и еднаш кога се згазија од смеење кога еден нивни ја промаши топката и падна ко цреп на терен, дојстојни на својот навивачки надимак „Ватрени“ беа само на полувреме кога свиреше баш ова парче адреналинска звучна инфузија.
На доаѓање навака, 1100 километри делуваа совладливи бидејќи знаеш што те чека на крај (сонце, море, Македонија на муте...). Ако тргнеш со помисла дека тоа што те чека ќе заврши за 5-6 дена, не треба да тргнеш воопшто. Трикот е во уживањето во моментот, како што е и уживањето додека возиш назад во сознанието дека си присуствувал на показна вежба „Откриј што се можеш со себе ако веќе си се родил, сега и којзнае кога пак". Не се многу ни 1100 за назад, ни уште 2 пати по толку ако на крајот на патот ме чекаат вакви пет-шест дена.
„Жупанска цеста Кутјево-Орашица вози се двојсмјерно. Трајекти плове редовито", професионално не информира дежурната која ти се убацува среде песна додека крстариш по совршениот асфалт на Хрватите. Ја слушаме „Comfortably Numb" на Флојдци и најдброто соло евр. По неа и „Wish You Were Here". И како што започнува песната, со она листање на радио станици, пред Гилмор да дојде до легендарните ноти на акустичната гитара со која продолжува да свири, замислувам што ќе се случело доколку Дејвид со гитарата во рака барајќи радио станица, наместо на токму тие ноти, налетал на радио Крушевац, во моменти на бирање на хит на денот?
Дилемата ми е логична, бидејќи наближуваме до земјите кои имаат малку полоши патишта од хрватските. Локалните мрежи си зрачат радијација, а ти колку и да си зен-далматинац, не можеш да се опираш потполно на твојата реалност во која туѓата субјективност постојано се аплицира со четка за молерисување во твоите четири ѕида и е наречена „објективна вистина".
Фак ју енд јор објективна вистина. „Не е фер, они имаат море, ние немаме". Штознам, ко да и не е баш толку нефер.
ДЕН 7
Песна: Just a perfect day – Lou Reed
Се будам и гледам што ни пишал на сите уредникот: „Ја сан ројен да ми кратко буде липо. Поздрав од карши Карате Клуб Работнички".
Среќен сум што си ја гледам фамилијата. Точка. Неколку празни места. Неколку празни редови. Неколку празни страници. Па идемо даље: дознавам дека Македонија е на истото место каде ја оставивме, што и не е многу неочекувано. Дознавам и дека денес нашите политички партии имаат важни состаноци на кои ќе одлучуваат на кое место ќе е Македонија и наредните месеци во кои ништо нема да правиме. Знам дека и да се вратев после 25 години, наместо после 6 дена, немаше да се ме фатат на препад промените во мојата татковина.
Или можда првите 25 се тешки, па после ќе ја молерисаме и ќе е ко нова?
Си ја обожавам земјата, ама животот се случува негде другде. И нема да ми е фрка да ја изневерувам првата и најголема љубов со било која друга, во потрага по чувството на привремена нормалност кое се осеќа како најмалиот ветер на мирен остров и за кое не ми треба потврда во централниот дневник на телевизија.
Уствари ако добро памтам, ниту еднаш на вести не кажале ни арен ни лош збор за еден остров наспроти Задар, на 1100 километри од тука. Од таму Големата Мечка личи на Големо Тенџере. И кога си таму, во една од многуте ведри ноќи, и го гледаш големото тенџере на небо, и зад тебе крчкаат во слично тенџере шпагети болоњезе на Трендо, и Пимен укотвен на столче пред врата на една жица од гитарата свири некоја спонтана морска севдалинка, а Арсениј на единствената жица од трската се обидува да фати на спиење некоја туна и да и ја ували канџата во уста додека туната хрчи...
...сфаќаш дека пред да стапнеме на Марс, треба да ги запознаеме сите мистериозни светови на оваа планета на која веќе сме.
Добро е кога имаш со кого.
Уште подобро е кога имаш со кого да бидеш свој.
Посветено на екипата со која е липо да бидеш роден,
до наредниот Угљан.
Јорс трули,
Муте Парлов а.к.а. Бетмен