Смртта на малата Миа ме подзапре како човек да не скокам како млад мајмун на секоја неправда која ќе ја посведочев порано, општо, и како човек со сите животни перипетии, но и како лојален граѓанин од втор ред редовно труен со политиканство и кадровска импровизација од која маме ни се еба на сите родени пред транизицијата и потоа.
Смртта на Миа како опомена да се живее додека чука пумпата со почит што родив две здрави и прави, но и како последен пораз кога највеќе се надевав на триумф на медицината која лечи, но и копа гробови.
Тоа дете замина за волја на вистината, половина затоа што беше родено со недоразвиени внатрешни органи, но и затоа што во болничките услови овде на клиниките беше заразено со извесна болничка бактерија стрептокока мрса, која го истошти и така веќе истоштеното мало тело.
И сестрата близначка на Миа почина од скоро исти причини, со таа разлика што таа беше заразена со бактерија која предизвикува сепса, иако според првичните наоди, таа не беше родена со таа дијагоноза. Искрено но и крајно лаички, секој па и јас би си помислил дека таа сепса мора да била иницирана од нешто, па оттука и мојата верба во братучетка ми дека ќе ја добие правната битка која ја подготвува да ја води, со надеж дека ќе докаже дека и човечкиот, а не само судбинскиот фактор е причина што таа во гроб стрпа две мали тела.
Елена сега личи на вејка на ветрот, и со право е таква. Мајчинскиот инстинкт не умре со смртта на чедата. На мајка ми оној ден и кажала дека сака јас на дечињата да им составам два – три збора што ќе стојат исклесани на надгробните плочи. Зошто Боже мене ми нарами таква улога? На тие деца не им требаа последни поздрави. Им требаше живот, но... Судските вештаци нека проговорат зошто отидоа децата.
Во оваа фамилијарна тишина и губиток на саканите, се редат во глава непишани конклузии.
Полека сфаќам и верувам...
Како Миа и Мила требало да се пркоси иако заглавен ти се чини дека си, онака како што тие беа заглавени во стаклени ѕвона со вештачки кислород од кој протече сепса, стрептокока мрса и стафилокока аурелис. Никако не требало да се потклекнува во животот. Да се бориш требало. Да не се предаваш никогаш, иако се околу тебе изгледа мизерно и јадно. За секоја промена што ја побаруваш, да почнеш да менуваш тенденции почнувајќи од самиот себеси. Да не се задоволуваш со стандарди. Со излитени утехи. Со ветувања. Да не се покоруваш на медиокритетите. Да не мисли друг за твојата глава да не дозволиш. Ум свој требало да се има. Ако не ти се допаѓа, да ги оставиш тие што чинат недобро, сами да се преиспитаат. Ако ти е по ќеиф, да го оставиш да трае, бидејќи те води до оргазми кои те прават да се чувствуваш посебен.
Да сакаш многу да останеш жив требало. Да се диши со полни гради со секое изгрејсонце. Да не се мисли на утре, ако тоа утре сам го усеруваш со тоа што делкаш на Фејсбук коментари за кои ти е најбитно да ти бидат впечатливи и споделувани, а со тоа воедно да копаш гробови на оние на кои ваквото сивило им одговара да ги дави како правта од битолските оџаци.
Да се биде единствен и лојален кон животот требало, оти краток некогаш бил, а и да не приметиш. Драгоцен видов на погребот на Миа дека бил животот умрен и полиен со црвено вино и кандило.
Почитувај се и живеј, Македонецу.
Не умирај предвреме. Батали политичариве. На гробот на Миа не расправавме зошто Таљат бил незаконски избран и службено објавен. Нема ни ти тоа да го расправаш ако дозволиш да умреш од политиканство и жигосување дал си ЕсДеЕс ил ВМРО.
Живеј. Остави ги овие. Ако умреш, нема да ти дојдат, и да сакаш тоа да биде твоја желба последна.
Сандра Томовска