Прво, затоа што мислев дека сите знаат што е Убер, па излезе дека не, на кратко:
Такси сервис (што им зима работа на обичните таксисти и го мразат), каде што кола викаш преку апликација, на мапа ја гледаш кога доаѓа, каде се движи и кој те вози - плус гледаш рејтинг, име и слика на тој што те вози и можеш и ти да го оцениш. Внесуваш каде да дојде, внесуваш дестинација. На прв влез ти бара да поврзеш дебитна или кредитна картичка, и директно од нејзе влече пари кога ќе заврши вожњата. И да, пред да викнеш, ти кажува и од прилика колку може да те кошта.
Значи вакви работи што го олеснуваат животот обожавам! Да не правам муабет дека Убер ме спаси вечерта кога беше нападот во Париз, и не знаев дали ќе работат метроа, и дали ќе летаат авиони, и дали е вонредна состојба, и такви некои нервозни ситуации.
Ама имам предупредувачка приказна.
Доаѓам јас еднаш така на аеродром во Париз, убиена од пат, со безобразно голем куфер и одма се фаќам за апликацијата, бикоз, нормалните земји имаат Убер.
Во таа гужва од таксија, комбиња и семејства што се земаат од аеродром едвај го наоѓам, влегувам и неверојатно, ми се пали свич дека не ми се свиѓа шоферот. Ете така, не ми се свиѓа. Го гледам на апликација - рејтинг некои четири ѕвезди од пет. Океј, си викам, преморена сум, напорно беше, и сељанка сум - не може само затоа што сум влегла во кола во странска држава одма да сум нешто во опасност.
Долго време ни треба да излеземе од аеродром.
Да, Шарл де Гол е огромен, ама долго време ни треба, и тоа само придонесува на чувството што го отфрлив затоа што „сум сељанка”.
Отварам мапа да видам дали одиме во Париз или сум на добар пат за успешна и богата белоробијашка кариера, сфаќам дека сме на прав пат и решавам дека ќе читам книга, за да не се занимавам со глупости.
Типот нешто ми вози пребрзо, ама добро де, не сум баба па да се потресувам.
Приметувате како мозокот или интуиција или што и да е веќе упорно ми праќа сигнали, а ја упорно му викам да ќути? Има еден свич, во женскиот мозок што се уклучува кога највеќе треба и кога си тинејџерка уште не работи убаво, а кога ќе пораснеш, би требало сите жички да се на место. На жички не се вика ‘не претерувај’. Кога ѕвони аларм за пожар, не стоиме пред него да му речеме ‘де, па ти’, него идеме надвор. Така и со ова треба, ама не, ти му викаш ‘а бе, човекот само си вози така.’ Не си викаш ‘дали е нормален што вози неодговорно со патник’ и да се прашаш што му фали.
Спојлер: не го изедов јас стапот и имав среќа, ама гадно беше.
Еј, влеговме во Париз. Гледаш, си викам, само да се претерувало. На мапа гледам и дека сме блиску до хотелот. Ако ја фатиме оваа улица веројатно за пола минута сме до хотел…
И тогаш се дешава.
Се дешава тригер за агресивен човек.
Таман пред да свртиме, проаѓа некое дерле со кола, решава да го заобиколува мојот Убер и едвај го загалува со браник. Може им се допреа гумираните лајсни, нешто така.
Сељак без осет. Кај нас такви колку сакаш, ти иде да ги акнеш од земја, да им излезеш од кола, да ги задавиш, да све. А он си одвозува.
Во тој момент, мојот шофер решава дека не може тоа така, иде малце во рикверц, ја фаќа другата кривина од каде што помина овој несреќниов што го цивна, и го гони.
Во прв момент не сфаќам дека гониме некого за да убиеме. Ја така глупа, со отворена „Подвижна гозба” од Хемингвеј во телефон, ѕиркам напред да видам што тоа ние возиме 200 по нормална градска улица и уште (УШТЕ!) си викам, не е можно. Мапата уредно покажува колку многу се оддалечуваме од хотелот.
Го бркаме сељакот.
Не само што го бркаме, туку го стигнуваме, му сечеме пат, шоферот излегува и почнува да му се дере и да му вика ‘излагај надвор’.
Сонот на сите Скопјани кога ќе се убаци сељак во сообраќај. Кога сакаш да го давиш.
Ама никогаш не го давиш, нели?
Е, овој почна да дави. Не да дави, демек да го тупи. Не бе, го фати за врат да му покажува кај му ја изгребал колата.
Дечкото, сега веќе приметувам дека е млад, и веројатно само курчатор со скапа кола, почнува да пребледува. Почнува да плаче. Јас седам во кола со Хемингвеј и мозокот ми работи со иста брзина со која што го стигнавме и му пресековме пат.
Да излетам од кола, не може да ме брка за да платам, затоа што апликацијата ќе ми наплати.
Не можам да го оставам куферот.
Да поседам, може ќе му помине (?!?!?!?!?!?!!).
Овој почнува по малце да го лепи за кола, да го поттреснува и му се дере како неарен.
Си викам, значи еве сега може да го убие, што па да не го убие кога и онака е веќе доволно бизарно и ја ќе бидам сведок на убиство, супер и ќе преседам по полициски станици и плус и мене може да ме убие, чекај да пишам порака, чао, сите ве сакам, изгинавме ја и едно глупо дете што нешто се испозанесе со кола, најглупо на свет.
Па си викам, толку ли нема луѓе наоколу да спречат?
Нема.
Сфаќам дека може и нема да го убие. Ама упорен е дека ќе го искрши. И ако дојде полиција, ќе треба и ја да си поседам со сите нив заедно, да се дружиме, да кажам што сум видела, а он знае кај ми е хотелот, ми знае телефон (од апликација) и решавам дека не можам јас тоа сега.
Спремна дека може да изедам некој бокс во цела таа агресија излегувам и пристојно му викам „Може да ми го извадиш куферот, јас би да си идам…”
Шоферот, мртов ладен, со крагњата на уплаканиов во раце се врти и вика „Не, не, почекај малку, ќе те однесам!”
Почекај. Малку.
Како да отишол по цигари.
Не, не фала, еве метро ќе фатам, не е проблем.
Добро. ДОБРО, бе!
Го пушти на кратко, отвори гепек, го извади куферот, и посветено се врати на држењето за врат.
Ја преку улица и магла.
На наредна улица, метро, од таму хотел за минута и внатре.
Отворив апликација да коментирам, да се пожалам и слично. Пак ми текна дека на овој тип, ако не го уапсиле во меѓувреме ич нема да му биде проблем да ме почека пред хотел и да ми објасни некои работи. Темелно и тоа, како што му објаснуваше на тој што го држеше за врат, со истата ревносна посветеност.
И се истуширав и си легнав.
Атер за воведот во приказнава:
Следниот ден реков нема Убер, мил ми е животот, и на пат за состанок заглавив на една од најкомплицираните и најголемите метро станици во Париз, што се врзуваат со возови и разни други чуда и сфатив дека немам време колку што мислам дека имам.
И ајде надвор, над земја, на улица. Ја гледам апликацијата.
Ај, шо има везе.
Муабетот ми е, сега дојде најфиниот и најпристојниот возач на Убер што сум го сретнала. Си направивме и муабет и му раскажав за колегата. Ми вика, многу ми е жал, не сме сите такви. Штета е што такви лудаци фрлаат сенка на компанијата.
Му реков да не се секира.
Глупости, што да кажам.
Како и да е, пробајте Убер.
Секој што ве вози може да е психопат, вака бар му го знаете името и ќе знаат од прилика кај ви е ендекот.