Новите истражувања даваат дополнителни аргументи на тврдењата дека стандардниот тест всушност не ја мери интелигенцијата. Познат е фактот дека во текот на една деценија, просечниот IQ се зголемува за 3 поени, феномен кој толку долго го проучува и документира Џејмс Флин што и го добива името по него (тнр. Флинов ефект).
Дали флиновиот ефект е доказ дека луѓето стануваат сè поинтелигентни?
Не.
Тоа е само еден од низата докази дека стандардниот тест на интелигенцијата ги мери способностите што се учат а не оние што се поседуваат. Дури и во деловите на тестот кои ја тестираат способноста за апстрактно учење, што навидум е ослободено од општествени и културолошки влијанија.
Луѓето со просечни резултати од пред 50 години, денеска би се сметале за потпросечно интелигентни.
Причина за ова е тоа што дури и апстрактното размислување е општествено одредено. Не само затоа што алгебра се учи од се помали нозе а туку затоа што и секојдневието нè учи на апстракции. Самиот поим за "фолдери" во кои ни се сместени одредени документи бара повисок степен на апстракција од онаа која била доволна во 60-тите години на минатиот век. Колку што технологијата е понапредна, толку луѓето повеќе ја острат својата смисла за апстракции.
Претходните генерации секогаш се побуквални од новите, бидејќи повеќе имале контакт со реални објекти отколку со нивни симболи. Накратко, оди на стар човек објасни му што е смислата на еден аватар.
Заклучок од новите сознанија од оваа област е дека луѓето не еволуираат во поинтелигенти суштества туку дека знаењето се трансформира. Пример може да се најде дури и во популарните хумористични серии од различни периоди. За разлика од некогашниот, денешниот хумор е далеку поапстрактен.
Сè на се, она што како "интелигенција" го мери денешниот IQ тест, најмногу значи околина и искуство. Не дека тестовите се бескорисни. Нивниот ќар, велат експертите е во сосема друг правец – да помогнат во следењето на промените во културата во различни периоди.