Замислете ситуација во која сте брилијантен млад експерт со сериозна кариера, а воедно сакате да го соборите светскиот висински рекорд во параглајдерство, одите еднаш неделно на фудбал со другарите, по еднаш на плејка во игротека за возрасни со екипата колеги гикови, се журкате на два три фестивала годишно, но и на понекое патување и..., одеднаш партнер, свадба и неизбежното што следи: дете.
КАТАСТРОФА за еден млад, и полетен и надежен професионалец. Иста таква катастрофа е веројатно и за женската модерна популација растена на темелните глобалистички вредности материјализирани во фабулата и дизајнот на новите женски, Сексот и Градот.
Тука сите киксаат.
Како што на мало дете може да му се расипе филмот во една секунда, така може и на големо дете. Ама последиците се исто така катастрофални како и првата помисла која води кон нив, па затоа внимавајте добро.
Факт е дека било кој кој ќе ви дојде во куќата на подолго време и онака го ремети теркот кој што сте го воспоставиле и највеќе ви одговара.. А тек дете? Или 2-3 по ново. Катастрофа како и било која. Доаѓа и проаѓа. Во секој случај е помала катастрофа од тоа да ви се уселат роднините од поплавените краишта заедно со дедото параплегичар кој се фали дека ќе живее уште дваесет години за да фати стотка како и татко му. И попат пуши како турчин.
Сепак, Големата Промена, доаѓањето на подмладок во семејството на многумина им личи на СиЕнЕн-овски пренос кој наликува на пренос од некој земјотрес, поплава или небаре цунами, ама со хепиендинг како слетување на Месечината. Имате слики, дури и директно 3Г видео, сите се јавуваат и известуваат за историскиот настан, но веројатно најнапорниот дел е дебатата со присуството на голем број експерти за млад нараштај олицетворени во ликови на баби, тетки и комшики.
Нова ера во животот на млад експерт кој мисли дека сè постигнал пошто има кеш, мотор, плејстејшн и згодна жена. Како го сфатиш. Некои тука ја применуваат клише фразата: „Одам по цигари". И одат. Некои други не одат, ја прифаќаат одговорноста да останат и бидат столбот ама ја прават главната грешка. Продаваат моторот, поклањаат плејката и засекогаш се откажуваат од патувањето во Непал што го сонуваат од мали.. И пак грешка. Бидејќи нема нешто особено многу да ви се промени, освен фактот дека имате една работа повеќе. Секојдневно. И тоа е главната цена, времето. Како и во секоја работа со која и да се занимавате во овој спејстајм континуум, и со семејството треба време. Само нека ви текне дека вие господарите со вашето време.
Затоа што и фудбал се гледа со деца (особено кога се во количка), компјутерски игри и понатаму ќе треба да владеете затоа што сте најфраер ако утре на чедото му поминете некое ниво. Ако е девојче ич не се секирајте, исто така затоа што и тие гледаат спорт за разлика од нивните мајки чиј врвен дострел во спортот беше гледање гимнастика или лизгање еднаш во 4 години (powered by Z. Kalinski), а за закоравените гикови и антиспорташи, Мател има извадено Барби верзија на Лара Крофт (Плавуша Томб Рајдер!!!), и така се среќни сите корисници, а родителите гикови особено.
Тука вреди да се споменува и фамилијарното користење на Гитар Хиро и патолошката љубов кон Старворс кој и сега децава го гледаат - меј д форс би вид дем, гад дем. Познавам и семејства кои одат и на музички фестивали со деца. Варијанта на кампинг како и на други туристички места ама со многу подобра и погласна музика. А и фестивалите не траат многу па останува време и за кампинг на море, а детското друштво е исто забавно и е на истиот спид како и друштвото од фестивал. Не застануваат.
Ама и не мора толку да се трудите, бидете свои, правете што вие сакате и пробајте на новиот член на семејството да му направите филм дека тоа што го правите е најинтересната работа на светот, па макар тоа било решавање судоку. Најчесто е доволно да сте тука за нив. Дури и додека детето не ве ферма преокупирано со нешта што во тој момент нему му личат на Вселената на Стивен Хокинг, а вие сте внесени во резултатите од групите на свецко, додека пак мама користи слободни минути од вас. Пак е доволно. Копиљот знае дека сте тука за него.
И, на крајот, колку и да се покажете, колку и да сте и добар шофер, слушач, спортист, гејмер, колку ли вицови да знаете и колку ли многу наслови да сте прочитале од областа на детската психологија, одеднаш сè ви паѓа во вода, и сè се руши и ви се чини дека сè оди во неповрат како прасе во српска поплава.
Во тој даден момент повторно во вашиот живот ви се случува пресврт во идилата, во вредностите кои си мислите дека сте ги воспоставиле. Тоа се случува тука некаде веднаш со појавата на првата бубуљица.. Пардон, мозолче. Тамам си викате, еве го расте, разбира, слуша....
Јаваш, јаваш. Во тие среќни моменти за вас, од никаде ќе чуете глас:
„Олабај ме."
Кога ќе ја чуете оваа фраза од вашето злато најдрагоцено, од оноа суштество на кое досега безрезервно сте му се посветиле, вашата надеж, вашата среќа, вашата солена пот. Ви доаѓа да го олабавите со бекхенд како на Надал што го олабави Нолета у Париз. Ма каков тенис, веројатно раката ви игра како на Мел Гибсон у Медмекс кецот пред да ја фати змијата за гуша.
Ама не го правите тоа. И немојте. Олабавете.
Осознаената младина преоѓа во напад и оставете ги да уживаат во првиот успех. Да бидат горди како Александар во Херонеја. Да се почувствуваат дека вредат. Бидејќи тие се за вас и фаланга и комити и партизани, и создаваат штета повеќе од Ал-Каеда истовремено. Старата мудрост вели: „со герилци само герилски". Ресурсите се во ваши раце и до вас е како ќе испреговарате со непријателот од шумата. Може да дозволите и комплетна автономија ако изиграте добро. Само ваша одлука е дали домот ќе ви биде Бејрут или Цирих.
Бидете добар војсководец, преговарајте.
Ама не го менувајте времето за пари. Никогаш. И тоа вашиот непријател ќе знае да го цени.
Некогаш.