Светска мода

Мостот на Тибар

Оне кои ме познаваат знаат дека романтиката не е мој спорт. Ако не и припаѓате на мојата категорија, пред да одите во Рим, Париз или Њуjорк понесете си катанец, за секој случај.

Во романтични ситуации, се осеќам како риба на суво. Затоа, за да разбијам романтичарска напнатост, почнувам гласно да зборам за скроз неромантични теми. Сите оние цили-пили ствари во пар, не се за мене. Кога сум најромантична, цмиздрам скришно на "Мостовите на Медисон". Сè ова уствари е за да дојдам до главното, дека иако мене лично не ме омекнуваат вакви слатки работи, пола свет го фати епидемија да става катанци на мостови на кои се изрежани имињата на заљубените или иницијали и датум. Тоа не значи воопшто дека цел свет е глуп, а јас сум најпаметна.

Да се вратиме на катанците.

Приказната за италијанските катанци е врзана за книгата на Федерико Моча "Ho voglia di te" по која е снимен и истоимениот филм. Во една сцена од филмот во која Степ и Џин се колнат на вечна љубов, закачуваат катанец на една од сијалиците на Мостот Милвио во Рим и потоа клучот го фрлаат во Тибар. По некое време од излегувањет на филмот, на сијалицата се забележуваат десетици и потоа стотици катанци. Кога пренатоварена, сијалицата ризикуваше да падне, римската градска администрација додаде мали железни столпчиња со цел да ја одржи веќе започнатата традиција.

Дигресија: Иако не сте многу по катанците, aко ве носи патоот накај Рим поминете во зоната на Мостот Милвио затоа што таму е римската мовида, ќе ви се допaдне, сигурно. Исто така, меѓу римските пазари за анткивитети, пазарот во близина на Милвио е еден од поубавите и се одржува секој прв викенд во месецот.

Приказната за Понте Векио во Фиренца не е толку романтична, затоа што општината на градот му се спротивстави (со право) на овој тинејџерски тренд велејќи дека со нив се уништува естетиката на мостот. Денес ако ве фатат дека прикачувате катанец, ќе ве одерат 50 евра. И во Венеција, општината ги оттргна од Риалто.

Катанците денес можете да ги видите низ цела Италија. Во Торино, Болѕано, Наполи, каде заљубените ја одбраа приморската улица виа дел Карачоло, Верона, каде ги закачија на влезот на куќата на Џулија и низ цел свет. Во Париз, во близина на Нотр Дам лов локс не фалат, а во последно време ги има и на Мостот на Бруклин, во Прага во близина на Ленонскиот ѕид, на Месарски Мост во Љубљана, во Рига, Даблин, Минхен, Франкфурт, Москва, Глазгов, Киев, Саламанка, Токио, Сеул и уште ред други.

Прага

Сеул

Приказната за катанците во Европа несомнено се рашири пред неколку години и почетоците се како што спомнав во Рим. Но катанецот како симбол на љубов во слична форма е присутен уште претходно и во Тајван каде што обичајот бара прикачување на истиот со желба (за љубов или успех) на надвозниците на железничките пруги затоа што се верува дека магнетската енергија која се создава со поминување на возот ќе помогне за исполнување на желбите.

Печ, Унгарија

Во Унгарија, во Печ уште во осумдесетите студентите ставале катанци како ветување дека ќе ги завршат студиите или како симбол на љубов.

Некои веруваат пак дека оваа навика "да се заклучи душата" и да се фрли клучот на катанецот потекнува од Кина каде катанците се редат на метална ограда во планината Хуанг и клучот се фрла во стрмниот амбис.

Хуанг, Кина

Можеби ќе се изненадите кога ќе слушнете дека катанците ни се поблиску отколку што изгледа.  Всушност, ова е едниствената "вистинска" приказна за катанците. Пред Втората Светска Војна, во Врњачка Бања, Нада се заљубила во Реља кој бил српски војник и по веридбата, Реља заминал да војува во Грција каде што (на Крф) се заљубил во некоја Гркинка. После овој удар, Нада умрела од жал, а девојките од градот за да ја заштитат својата љубов почнале да закачуваат катанци на мостот каде што се среќавале несреќната Нада и неверниот Реља.

Оваа традицијата со тек на време умрела сè додека Десанка Максимовиќ не ја "оживува" со својата "Молитва за љубовта" која е посветена токму на оваа градска приказна, а мостот логично го добива името "Мост на љубовта".

Ете, така.

Мост Љубави, Врњачка Бања

Ако се погодите некаде, било каде и видите катанци, ќе знаете од кај доаѓаат. Можда од Рим, можда од Кина или од Србија. А ако сакате, ќе можете да закачите еден во Рим, еден во Париз, еден во Токио, кај што ќе стигнете.

Можда што повеќе прикачувате ширум светот, тоа сте посигурни дека љубовта ќе трае засекогаш и дека нема да дојде некоја "лепа Гркиња" да ви го одземе вашиот Реља.

А можда и не.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

28 септември 2012 - 23:16