Си го отспав февруари најнепоштено, размислувајќи дали треба да останам во Македонија и да станам претседател или да станам од пред компјутер и да пуштам нога некаде низ планетава. На крај си понудив консензуална опција: да не станувам претседател и да не се расшетавам никаде него да пуштам телевизор и да видам зошто сум сељак кој помислил дека нешто што не штима во нашето кралство не може да биде наштимано веома лако и дека мојот надркан став додека одам по своите жици е једина причина зошто жиците не може да се наштимаат, па да прозвучи еден фин „Пиз-Дур" во Карнеги Хол, наместо „исти дур" во „Сити-Мол".
После месец дена пред телевизор, отидов на бербер, ја скратив брадата, проверив да не има моја слика на шишиња од јогурт со натпис „missing" или на пиво со натпис „врати се, сè ти е простено", па си ги прелистав сите забелешки од тефтерчето кое беше до мене додека следев што се случува на малите екрани со големи херои. И меѓу сите големи, има еден кој е најголем.
Мора да го гледаш Раде, човекот кој наутро ја штима Македонија, жица по жица. Јас се уштекувам на таа фреквенција одма после миењето заби, а пред првото кафе. Ако задоцнам, ја бркам репризата некаде околу 2 наутро наредниот ден, да ја гледа човек и да се туфка: „дејгиди, луди тажни минути, џаба секирација цел ден после станување на крива нога без доза тв дрога".
Драматичен почеток на денот, секој ден? Чекаме пролет и сонце за да се будиме со подзакривени врвови на устата во насока на очите, ама надвор те пречекуваат облаци од типот издркумулуси? Како да не си наштетиш? Како да направиш провев во главата додека облачиштата ти го доосивиле фронталниот кортекс? Лесно ко одбивање на консензуален кандидат: пушташ „петка" и сфаќаш дека на таа фреквенција се крие тајната на универзумот, перпетуумобилето на кое функционира вечноста. Вештачко сонце со брада и гитара во рака. Легендите велат дека Џафер својата една единствена песна ја напишал врз рендген снимка од градите на Рогожаров.
РЕК Битола може да се приклучи на појачалото на Раде. Замисли сцена: чадат тоа оџаците во Пелагонија, а низ чадот се слуша акустичниот рецитал на Раде и го дрма цел Балкан: „Оган да го гори " од Велес до Пефкохори. Па и да не си вработен во администрација ќе ти биде песна работата. Ако си ептен рамковен или експерт во нерамковна уметност од правецот Плакатирање, па дури и ќе ти дојде да одиш против системот и да си анархист со идеал да изгради подобра држава. Како изгледа тоа?
Стануваш од спиење со помисла дека животот е срање пошо не мораш да ојш на работа – јебига, таков дил ти бил понуден па го колнеш партиското вработување затоа што мораш да измислуваш чудни занимации по цел ден и одеднаш - се случува пресврт: окото ти го фаќа Раде на телевизија. Гледаш, гледаш едно 12 минути, сав забезекнат. Сите хормонални гејзери ти се активираат. Мозокот урла: ре-во-лу-ци-ја! Не можеш да игнорираш зов дивљине, решаваш да живееш опасно, решаваш дека е доста од конформизам и неприфаќање на среќата и носиш одлука: па кај на куров, и денес ли ќе седам дома и ќе се ашкам по кафиња, кладилници и сепариња? Па дај да одам на работа, да си ги видам колегиве, кој дипломирал кој татко станал, ќе се заборавиме... Та пуст да би останал живот џаболебарски, легни си денес кога сакаш, стани во исто време, наутро радост понеси, на први плата донеси. Ова мора да престане, мора да излезам на улица. Wind of change!
Излегуваш на улица запален, ја палиш и колата, одиш на работа. Шок и неверување меѓу колегите, се запознаваш со половина од нив, шефот повикува на општа пауза, па си седите и те прашуваат со озарени очи: „еј, а како е да го дрвиш цел месец без ништо да правиш?", „се прашуваш ли од каде се парите на сметка секој месец?", „дали ако еднаш се појавиш на работа си го јадел за стално, или треба да поминеш барем 2-3 пати месечно?" и други мистерии за кои Артур Кларк не нашол одговор.
Не се само вработените кои не мора да одат на работа поткачени од еуфоријата на Раде. И оние кои мораат или со мерак си го чекаат работниот ден не се имуни на радио-тв-активните ветришта кои излегуваат во форма на пеење од неговата вулканска внатрешност.
Стануваш во шест, ги спремаш децата за на школо, ја кажуваш молитвата за немање гужва во сообраќај и пред излегување од дома се местиш стратешки пред телевизор во оние 8 минути кои ти останале како вишак, за да може молитвата да фати, па вртиш на телефонот на кој може да си нарачаш Раде со песна да те испрати во прегратките на денот пред тебе: „Здраво, супер ви е емисијата и водителите особено кога се рассонети, многу би сакал да ги видам малку поживи и да играат како самовили додека Раде свири, но како и да е, би сакал да ја чујам „Куќа имам на Пелистер" од Јонче Христовски, па после кому му стиска нека ми дојде, има да победиме бре!".
Секогаш кога имаш недоволен број на пратеници пред гласање на важен закон, викај го Раде на мало матине на говорница – не само тие 123 внатре, туку и пратеници од други земји ќе доаѓаат со апликација за македонско државјанство за да имаат ваков стимулатор на дофат. Батериите на телефон сами се полнат кога човеков им пее. Раде може да го реновира хотел „Палас" во Охрид свирејќи му од кајче. Риби се полеваат со лимон и се самозапржуваат кога ќе влезе во рибарница. Ако ја исвири „Ја излези Ѓурѓо" пред утакмица на Градски, Бразилците може само да се надеваат дека ќе победат ако Раде се повреди. А тој е направен од титаниум.
Има енергија за цел свет. Бидејќи цел свет е – енергија. А цел месец пред нас е март. И... смислив план. Го бираме за Шеф над шефовите на Македонија и акордите негови непресушни има да се слушаат во секој дом, секое утро пред да си го почнеме нашиот ритуал на ситнење на минутите со важно и неважно.
Прва песна која сакам да ми ја отсвири, додека јас тарашкам по јогуртите и пивата?
Оваа. Take that look from off your face...
музички желби, тука: betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT