Пссст!

Тишината е луксуз

Потеклото на зборот „врева“ во англискиот (noise) е од латинското nausea, што значи лошење, болка. Во свет во кој звуци нè напаѓаат од сите страни, тишината е ресурс кој (се) продава.

Веќе знаете: слушалки што спречуваат надворешни звуци, аранжмани за летување на „тивки“ места, курсеви по медитација за постигнување внатрешен мир - сето ова покажува дека тишината е производ, кој може да се рекламира како чиста вода или здрава органска храна. Луѓето веќе плаќаат за да искусат тишина, а овој тренд допрва ќе се зголемува.

Некои земји кои типично не се во жижата на туристичкиот интерес ова почнаа добро да го користат - во 2011 Финското министерство за туризам издаде серија фотографии на осамени фигури во дивина, со наслов „Тишина, ве молам“. Најмен е меѓународен брендинг консултант, Сајмон Анхолт, кој измисли игриво мото - „Без зборување, само акција“. Истовремено, една финска компанија за часовници, Rönkkö, го промовираше новиот слоган: „Рачно направени во финска тишина“. Наместо да зборуваат за Финска како за нешто навистина празно и навистина тивко во смисла на здодевност, тие тишината ја спинуваат како привилегија.

Според една месопотамска приказна, боговите толку биле изнервирани од постојана бучава на луѓето, што почнале заради тоа да ги убиваат. Така почнува книгата на историчарот Хилел Шварц, „Правење врева: од Вавилон до Биг Бенг и понатаму“. Легендата само покажува дека вревата не е современ проблем - досегашната историја на медицината и психологијата се полни со примери кои укажуваат на понекогаш дури и смртните последици од неа. Така, во 1859, британската медицинска сестра и активистка Флоренс Најтингел напишала: „Ненужната врева е најсурово отсуство на грижа за болните, па и за здравите“, додавајќи дека ненадејните гласни звуци можат да доведат дури и до смрт помеѓу болни деца.

Колку и да звучи екстремно, ова тврдење на Најтингел наоѓа потврда во современите истражувања. Денес е јасно дека има корелација помеѓу високиот крвен притисок и хроничните извори на врева, како автопати или аеродроми, како и поврзаност помеѓу проблемите со спиење, раздразливоста и срцевите заболувања и „загадувањето со врева“.

Во 2011 Светската здравствена организација се обиде да го квантифицира здравствениот ефект на вревата во Европа. Се покажало дека 340 милиони жители на западна Европа годишно губат милиони години здрав живот заради врева. Меѓу нив 3,000 смртни случаи од срцеви заболувања всушност биле резултат токму на прекумерна бучава.

Обично се сугерира во моменти кога сте под стрес да си пуштите релаксирачка музика. Но истражување во оваа смисла покажало дека дури и смирената музика предизвикува физиолошка промена во организмот слична на возбуда. Од друга страна, кога помеѓу музичките парчиња на испитаниците им се пуштала само тишина, ова имало драстичен ефект, во обратна насока. Двоминутните тишини се покажале како многу порелаксирачки од која и да е релаксирачка музика. Подолга тишина, пак, на пример од два часа на ден, поттикнува развој на клетки во хипокампусот, дел од мозокот поврзан со формирање меморија, која ги вклучува сетилата. Парадоксално, но излегува дека тоталното отсуство на внес во мозокот има многу поголем ефект отколку каква и да информација (па макар и таа била смирувачка).

Мозокот си има своја моќ на имагинација: врз празната сетилна табла на тишината, умот си компонира свои симфонии, и и покрај отсуството на сетилни информации останува активен и динамичен. Но за да биде таков треба да му се овозможи таа тишина, која го храни. Можеби тишината продава бидејќи ја доживуваме како нешто што може да се допре, но и да се скрши, нешто деликатно и вредно што треба да се негува, како скапа вазна од порцелан.

Поврзано:
Зошто примитивниот хомо сапиенс мрази тишина? (Рамбо Амадеус)
„Тишина: моќта на интровертните во свет кој не може да престане да зборува“

2 септември 2016 - 11:13