Отсекогаш тврдам дека Скопје нуди избор да правиш и да купуваш што сакаш и дека уште бурлеска му фали (Ни Starbucks не му треба, на Рекорд има едно безобразно добро coffee to go), ама во последно време почнав да се нервирам околу гардероба.
И тоа не за мене; за мене освен чизми у разни бои има отприлика све. Ама ако имаш мажи околу тебе што немаат газе колку 15 годишна девојчица и струкче како Дита фон Тиз, како да ги облечеш?
Значи од ГТЦ, преку Рамстор, до Сити Мол, бруки едни, да не донесат повеќе од два XXL-а по дуќан?
Прво, најважните мажи во мојот живот, сплет на околности, се градени доволно корпулентно да можат своите жени да ги дигнат во раце и да ги поносат до некаде, да гураат кола и да носат плакар по скали. Второ, некои од нив ја оправдуваат првата половина од изреката „маж не е маж без стомак и жена не е жена ако не крцка паркетот под неа". Трето, на сите од нив сум се нашла во ситуација да им помагам да изберат некое парче за облекување. Додека сме кај јакни, дуксери, па можеби и кошули, добри сме. Кога ќе стигнеме од струк надоле, имаме проблем толку глуп, да не ти се верува. Ниеден од нив не е ултра тешка категорија, а сепак ниеден не може да се закопча во струк. Или се закопчуе во струк, ама онда имаш све таму некако непријатно, пред пукање.
Ја користам оваа прилика во нивно име, и во името на секој маж што физички личи на маж, да ги прашам газдите и увозниците на гардероба: А бе, заборавивте дека сме на Балкан?
Ај што не носат големи броеви. Ама што носите избледени фармерки со извезено „Raging Bull" по внатрешниот штеп меѓу нозе? Не сте ја сконтале ни геј-популацијата, ако тоа ви е целта, геј-мажи обично имаат вкус. Веројатно и светската мода ги диктира тие парчиња – величина икс-крпче-за-бришење-наочари, ама па и не верувам дека сите колекции стигаат исклучиво до М, што е всушност S.
Кај мене во плакар имам три машки кошули, од кои една баш онака, таман ми се закопчува. Таа, таманот, има етикета Zara MEN. MEN. А јас не сум голема особа. Мислам дека ја разбираме поентата. Исто така, еднаш во продавница се фатив за еден прекрасен, нежен, розев џемпер. Мислам дека се разбираме каде ќе заврши муабетот. Ај розев, ствар на вкус, ама така нежен и мал... може на хеланки, малце така долгичок... Само S и M има... Фрлам поглед наоколу – се разбира, машко одделение. Ај тогаш да разгледам, кога веќе има мои броеви. Гледам, фармерки со струк најнизок у свет, еднаков на водоинсталатер од порно наведнат под садопер. Точни ми се.
Сличен проблем имаат и големи девојки, ама за жени има поголем избор па они поретко се жалат. И плус, мажите се пооперирани од тоа јавно да кажат „ништо не ме собира, аман", па почесто ги слушам.
Јас овој пат вака кратко и набрзинка, да изразам поддршка.
Големите дечки имаат право да изгледаат закон. Не ги терајте да носат тренерки.