Барселона, 10-ти февруари, 11:49. После пауза од 30 години, Барса ќе игра натпревар точно на пладне. 90-тина илјади верници се подготвуваат за редовната неделна миса под раководство на неговата светост, малиот чудотворец од Аргентина Лионел Меси, отец Андрес Иниеста Албасетски и дружината во блау-грана бои.
Времето на одигрување на натпреварот кое е генерално ново на цел Пиринејски полуостров им пречеше на наоштрените секогаш подготвени за јадење бабури Каталонци, кои секоја одлука „од централата" ја доживуваат по малку како атак врз суверенитетот на Каталонија, иако станува збор само за распоред на натпревари во согласност со правилата на игра од ТВ компаниите кои правата на пренос на натпреварите ги претвораат во плати и бонуси на фудбалерите, мрсни како велигденска софра. Разумен компромис.
А мрч ко мрч, и тој е спортска дисциплина во која уживаат гордите Каталани. Никому не му паднало на памет да ја остави Барса на цедило. Хеј, ова се истите луѓе кои пред 7-8 години влегуваа на Камп Ноу во 23:55 откако шпанската федерација ѝ наложи на Барса да ја пречека Севиља во вторник, иако клубот молеше мечот да се презакаже за во среда. Бидејќи федерацијата беше глува на молбите, клубот мечот го закажа - во вторник. Пет минути пред полноќ. Полн стадион, гратис сендвич за сите гледачи на сметка на ФКБ, мајсторија на Роналдињо и - сите среќни и задоволни заминуваат на спиење неколку часа пред да им започне работната среда.
Слично беше и сега. Нешто помалку од 90.000 навивачи од кои повеќе од 9.000 деца некоја минута пред пладне се нацртаа на една од стотината врати за влез на Камп Ноу. На 4 минути до почетокот на натпреварот секој има доволно време да купи чаша пиво сервирана во пластична амбалажа и да си земе еден добро спржен колбас во лепиња. „Повеќе сенф, кечап не сакам, грасиас". 90 секунди до почетокот се и повеќе од доволни секој да си седне на нумерираното седиште. Овдека редот е создаден одамна. Ако до вас има празно седиште, не се залетувајте да му го понудите на некој падобранец кој со погледот бара слободно парче пластика како да буричка во зделата со лушпи од кикирики барајќи едно „конкретно" парченце апетисан од вкупно трите кои одолеале на нападите на гладните во регуларниот тек на натпреварот меѓу прстите и кикириките. Во моментот кога ќе помислите дека сте среќниот сосед на единственото празно седиште на Камп Ноу, во друг дел на градот недалеку од тука има госпоѓа која гордо носи 78 години и еден шнауцер под мишка. Лека-полека оди кон стадионот. Неа не ѝ пречи да задоцни на натпреварот, макар бил меч за живот или смрт. На тие години, веќе извојувала супер битка против времето. И да влезе на стадион во 36-тата минута, неа ѝ е феноменално. Соседите со сезонски карти ја очекуваат и набрзинка и' раскажуваат што се случило дотогаш: „Агнес, пропушти два гола, Агнес! Санчез го даде првиот!" „Санчез?! Попрво ќе поверував дека покојниот ми сопруг забил во празна мрежа отколку тоа Чилеанче кое не може да погоди толкав гол цела сезона. Па и јас да бев барем 5-6 години помлада досега ќе имав 7 гола за Барса на такви асистенции на Меси" „Хаха, добредојде мила, чував од дома за кученцето 3 парченца месо, еве ги во фолијата, дај му ги на малото муце" „Ау, никако. Се посра среде улица пред 10 минути, и за казна нема да јаде ништо до вечер".
Ако знаете каталонски, ќе чуете и ваков разговор на стадионот. Камп ноу е единственото место на кое локалците смееле да говорат на својот јазик одреден период од владеењето на Франко. Денес ќе чуете и каталонски, но и шпански. И англиски. Дури и за'рѓан македонски, ако седнете блиску до Исмаил од Кичево кој веќе 7 години живее во Барселона и им се радува на сите балканци кои ќе наминат во неговиот бар и чие прво прашање редовно е: „Брат, aбе има ли тука некаде да купиме бурек?".
Она што нема да го чуете на стадионот е „мртов шпанец, добар шпанец". Како што ни на стадионот на Реал Мадрид нема да се скандира „И тој е Каталонец, и тој е педер, але але але алеее". Тука никој не се раскомадува на 3 дела урлајќи „да разберат клетите шпанчиња дека каталонско име нема да загине". Да, ќе извадат транспарент дека „Каталонија не е Шпанија“ во бастионот на каталонската гордост. Но никогаш нема да кажат погрден збор за „туѓото јагне“ кое игра за славата на нивниот најсакан клуб.
Андрес Иниеста е од Фуентеалбија. Мало селце во близина на Албасете, Кастиља ла Манча. 260 километри југоисточно од престолнината. Во Каталонија е од копиљ. Израснат е во Барселона. Живее во Барселона. Каталонците се крстат во него. Го обожаваат. Ако Лео Меси им е како помал брат и љубовта кон него се подразбира, кон Андрес сите се однесуваат како кон најдобриот другар кој секогаш им дига телефон и ги теши кога девојката ќе им раскине или им дава 1000-ка на заем на 5 дена до плата. Никому не му пречи тоа што Андрес доаѓа од „кралска Шпанија". Иниеста е играч на Барселона и тука завршува секоја една приказна поврзана со него и неговото потекло во тимот кој е особено горд на својата младинска школа во која 90% од играчите се Каталонци.
Андрес Иниеста го постигна единствениот гол во финалето на СП во Јужна Африка кога Шпанија ја освои својата единствена титула на мундијалите. Половина секунда после финализацијата на најважната акција во која ќе учествува во својот живот, како единствен стрелец на финале на светско првенство, чест во која НИКОЈ друг фудбалер во историјата не уживал, тој го соблече дресот и под него светна маичката на која пишуваше: „Дани Жарке, секогаш со нас". Дани Жарке беше капитен на Еспањол, „смртниот" локален ривал на Барса и тим кој секогаш бил „про-мадридски" расположен. Ама фудбалот не познава граници. Барем не врвниот фудбал. И најтврдиот каталонец таа ноќ беше среќен поради гестот на Андрес. Почит за прерано починатиот другар. Не порака кон мајка си, девојката, градот од кој доаѓа или вонземјаните кон кои и со право може да се обрати. Таа маичка денес седи во музејот на Еспањол. Андрес цела сезона добиваше стоечки овации на сите стадиони на кои играше низ цела Шпанија. Да, и во Мадрид. Да, и на секој друг терен на кој им набивал комплекси на противниците со својата генијална игра.
Ама, таков е Иниеста. Скромен во сите 170 сантиметри кои ги има. Бледолик и слаб, жесток и непокорлив. Роден победник.
90-та минута на Камп Ноу. Време за ручек. Иниеста налетува на една одбиена топка и крунисува со гол уште една бравурозна партија за Барса. „Иниееееста, Иниееееста" оддекнува како ехо од 90.000 грла на Камп Ноу до соседната цивилизација на неколку светлосни години од нас. И тие мали зелени го знаат Андрес. Еден ден кога ќе одлучат дека доста си игравме играчки тука и дошло време да воведат принудна управа со планетава, еден од генералите на зелената армија ќе му пријде на Андрес и ќе го замоли да му потпише дрес, минута пред да го натера на принудна работа во некој рудник. „Извини Дон Андрес, правила се правила. Ама ако на наредниот меч кога ќе му ја свирнеш на голманот дигнеш дрес и под него има „Чао Марс, те ќеро", шефот рече дека ќе те награди и ќе те прошета до наша планета заедно со фамилијата. И кажи им на другите дека Меси не го тераме на аргатлук, сепак, тој е еден од нас".
Ла Фонтен излегува од игра, на негово место влегува Миле. Миле на стадион носи маичка со ликот на нему најсаканиот пророк и има неповторлив наплив на патриотско-емотивна дестабилизација секој пат кога игра Македонија. За него Солун е македонски град, мртвиот шиптар е добар шиптар, а голот на Артим во Саутемптон од корнер е резултат на неповолниот ветер на островот и г'зничка среќа на Шаќири, па како таков не го признава. За него такоџе натпревар на Македонија е одлична прилика да покаже што знае и умее кога е во прашање терањето во мајчина на неговите реални или замислени противници, кои оној до него или наспроти него ги гледа потполно различно.
Миле, седи. Ентер: Агим. За Агим Ибраими националниот дрес е свет. За него фудбалот е игра која треба да обединува. За него Македонија е татковина и нема резервна, иако друг на негово место можеби и би размислил за алтернативите ако и кога им изместува колкови на половина дански репрезентативци, секунда пред да го распне Каспер Шмајхел во попуст обид да го спречи водството на Македонија на националната Арена Филип II, тој не е доволно добар за нас. Не што не е добар, него е и лош. Лошо е што дише, иако до последен здив би се борел за победа на Македонија. Тој не е човек. Тој е шиптар. Абе не е тој патриот. Миле е патриот, затоа што урла на трибини како би го спалил Ибраими. Ако Агим шиба голови за Македонија. Миле ја сака оваа земја, „не некој си „шпон" кој ради бадентер игра фудбал во први единаесет". Јок бе. Агим не е добар. Неговите голови се на среќа, неговите дриблинзи и додавања се на тепка, а потта која му тече од чело на крајот на секој меч е холивудски ефект кој Ибраими го користи за да се продаде добро преку националниот дрес. Како го наградуваме момчето кое игра за слава на земјата? Така што му велиме дека и да даде гол во финале на светско, тој нема да е човек за „нас“.
На крајот на денот, резултатот е овој:
Шпанија со пун курац каталонски клетници во својот прв тим е светски и европски шампион.
Најдобриот клуб во светот во последнтие 6-7 години го победи Хетафе со 6-1. 2 гола постигнаа клетите Шпанци Иниеста и Виља. 2 гола помалку клетите странци Санчез и Меси. 2 гола домородните Каталонци: Пике и Тељо.
Македонија ја победи Данска со 3-0, а иницијатор на првиот и стрелец на вториот гол беше клетиот Агим Ибраими.
Миле не е клет. Миле ги победи сите. Се врати дома насмеан како кокиче во март. Но... не му беше сеедно. Го знаеш она глупо чувство кога по правила и прописи треба да ти е бомбона, но нешто не штима? Така се осеќа Мики. Сега е сам, во својата патриотска соба, и го гледа убавиот порнич кој си го зачува во букмаркс пред да замине на стадион. Шлагот на вечерта. Но, „малиот"... не му работи. Не му е јасно: го пцуеше Агим, плус Агим не е во собата, а туленцето седи умртвено како бек на Данска.
„Проклет да е Ибраими, ме избаксузира со голот. Требаше да го здрвам со упаљач по глава. Копиле. Тој ќе дава голови за мојата земја... Заеби ти ова. Ќе си го пуштам „Ране", полесно да заспијам".
Сите спијат. Над Македонија се подготвува да се роди уште едно Сонце, кое си мислам дека некогаш, навистина џабе троши струја на нас и еден ден од протест ќе се повлече од нашето знаме. Па ќе остане само крваво-црвената позадина...
Ги разбирам никулците на проблемот на Миле и Бурим, како епитоми на една битка која никогаш не престанала. И на Македонците и на Македонците од албанска националност. Не ги оправдувам ни едните ни другите. Хеј, и мене ме боли кога ќе видам дека жители на оваа земја го запалиле државното знаме, го попедерчиле покоен Тоше, а Македонките за нив се курви. Но ме мачи и боли и „одговорот“ на „моите“. Ги разбирам и невидливите раце за кои толпата на заборавени деца од родителите кои борејќи се за парче леб тотално ги занемаруваат е одлична за во производните хали за топовско месо потребно за секој еден конфликт, или барем за одржување на тензична атмосфера (камења по автобуси и возови, скршени носеви на мали одмори) со цел протнување на свои интереси. Ама сакам поведување сметка од видливите раце на законот, за сите подеднакво. Затоа и постојат. Затоа и ги плаќаме. Особено на јавни собири на кои емоциите секогаш доаѓаат во преден план и од луѓето претвораат бикови во корида. А знаеме како завршуваат биковите во корида. Пред 12 години се договоривме дека нема да правиме кориди. ММЕ, кој никогаш не престана?
Авторот на овој текст е апсолутно горд на оние на Градски на кои им беше преку кур од глупото навивање на оние за кои фудбалот е совршен за да си ги лечат малокуревските фрустрации кои ни ги набиваат други усијани тикви во кожни фотелји. Секој кој умее да се издигне над плевелот на национализмот, особено кога е во прашање спортот кој треба да обединува, е добар човек. Афтер ол, во соседна Србија има решение за ваквите појави: забрана за посета на стадион за сите тиквари кои црномурестите фудбалери ќе ги поздрават со мајмунски крици, и понатамошно судско трето полувреме за ваквите кретени. На пример. Не да размислиме... туку веднаш да спроведеме нешто слично. А ако на натпревар на Шкендија МВР не може да спроведе ред, нека дигне два прста и нека каже: „сори Гоцева расо, ова ни е бијонд лимитс, не смееме да чепкаме тука, бидејќи соживотот подразбира да си ги ебеме мајките на стадиони, а после да позираме пред камери со црвсто стегнати раце бикоз политика, дец уај. Ама, репрезентацијата никој не смее да ја дира. Тука во вашите граници, копајте си очи, јебига, ако немате попаметна работа“.
Но до тој ден кога законот ќе ги земе работите во свои раце, бидете сами свој закон. Затоа што сте паметни. И затоа што секоја друга варијанта не е наша, туку туѓа. Спротивно, бидејќи политиката е варијабилна и главоњите се со рок на траење, никој од нив не се лаже Македонијо дека ти си нечија, туѓа. Ти си наша. На народот. И мора да те чуваме, сите заедно. Заедно да даваме голови и да се радуваме на победи, заедно да жалиме за поразите и да се дигаме ко феникс од пепелта од пури наквасени во скапо виски која ни ја истресиле на глава. Заедно да се радуваме на победничкиот гол постигнат од Ибраими „во финале на светско првенство, за Македонија“. Немаме друга алтернатива.
А кога ќе дојде тој ден, нема да ни треба Светска круна и дефиле под триумфална за да се почуствуваме како победници. Тој ден, ние ќе сме најголемите победници во историјата на светот. Бидејќи сме се победиле самите себеси, сме го победиле она мало демонче во нас за кое некој вели дека „на Балканите постоело секогаш“. И тој некој го игра, флертува со него, му фрла коски, го чека. Му мести стапици. Офсајд стапици. И секогаш, ама секогаш го фаќа на должност со турнати гаќи.
Знам дека можеме подобро. Знам дека можеме повеќе.
Да почнеме со тоа што ќе ги истресеме два пати „клетите“ Белгијци, во март. Со Ибра и Пандев и Јаховиќ и Роналдо ако земе наш пасош во меѓувреме.
За неа. За нас.
Напред Македонија.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT