Нажалост, секој ден бидна

Ден на дрвото

Надвор е плус 3 во моментот. На следниот тон ќе биде 4 часот наутро. Ќе осамне уште еден ден. Ден на дрвјата во цут исечени.

На следниот тон ќе биде 2 часот и 18 минути.

Помалиот син сè уште го нема да се врати дома од скитање. Ден на дрво е. Нема да оди на школо. Нема љутиш мамо, лани бев да садам. И ок е тоа за мама Сандра. Засади ја својата (не)иднина и небиднина, и сите слогани како да се за родени во независна Македонија правени. Јас неговата иднина дебело ја засадив кога го родив во болницата во Куманово. Нема веќе што да рие детево по и онака трусната земја растресена. 

Тој е засаден, и сега само цвета, но не врзува. Уште нема појма каде е. Ниту кај се наоѓа. А што има и да му ја мисли, кога детево абер нема од сто пати повторената ''куќа се прави сине - точак догодина''. Упропастена генерација. Ги мрзи и ѓубре да фрлат во контејнерот кој стои потпрен на едно тркало. Немаат идеал, визија и стратегија. Немаат ништо овие денешниве. Родителите се срамат да признаат. Кријат што чуваат. Сите се такви, но не и нивните. А јас признавам. Без страв од лустрациска, кежаровска или на Страшниот суд комисијата. Децава се тапа неписмена. Книги не читаат, писмени не пишуваат, само кажи им фејсбуци, до пладне спиење, непочитување. Незнам ги е македонски правопис, кој бил Блаже Конески, ги заболе.

2:43

Чекам детето да јаде. Вели уморен е. Од што ли, само се прашувам. Кој смее денешниве да ги заповедува дома со време да се приберат, не дај Боже нешто да ги прашаш, да им речеш телата недораснати да спастрат, да заќутат. Одма ти вади Устав, детски права, Меѓаши.

Тој јаде, а јас читам онлајн весници. И јас станав тапа македонска. Не се сеќавам кога последен пат весник имам купено. Не се сеќавам кога последен пат на прст имам плукнато, страница завртено, кога последен пат на ''жалосна вест'' имам прашано: Еј, абе кога умре човекот, вчера го видов на улица. 

Ние сме таа македонска фамилија. Мешани воспитувања, со епитети: ај бе мамо, не ти е ова Југославија. 

2:52

Легнаа ученициве. Студентиве. Утре е Ден на дрва налик таа цела генерација. Онаа која само бара права, но не и обврски. Онаа која мисли дека со два цитата на Стив Џобс и Коелјо, све разбира. Онаа која ти пушта мотивациски видеа и јутјуб линкови од ''48 laws of power'', уз коментар: Види мамо да ти кажам, оваа екстерново, ја не идам, пошто у овие правила вика дека...

3:07

Ај уште една цигара, па ќе спијам. Најголема пушачка лага, одвратна. Врти машината. Се перат дрехите на потомциве. Ги слушам кај дрндаат. Не спијат. Ма утре е Ден на дрва. Да живее Борис Трајанов.

3:20

Утре треба да одам на работа. Јас приватно работам. Ја ебав својата засадена иднина. 

3:35

Ме вијат цревата. Гладна сум. Гледам на маса јаболка. Никој не ги пипа ако не ги излупиш. Ако не ги насецкаш. Ако не ги сожвакаш и онака со полна уста да ги исплукаш во лицето на оние кои иднината на овие деца ја упропастија.

Дрва, денови, пички материни. 

Надвор е плус 3 во моментот. На следниот тон ќе биде 4 часот наутро. Ќе осамне уште еден ден. Ден на дрвата во цут исечени.

На истите оние кои по гимназии вадат ножеви, кои учат непостоечка историја, кои се среќни што политичариве во Куманово успеаја пред недела дена и последната училница на албански наставен јазик уџун да ја испратат - само за биде слободна територија. На оние кои се среќни што било демократија, кои цитираат права човечки, кои разбираат уставни категории, на оние на кои полицијата им е непријател, а џоинтот обична вутра замотана.

На оние кои се полуписмени, кои немаат визија, кои бараат тестови интерни за да вадат бугарски пасоши екстерни, на оние кои политичариве им ветуваат иднина во која и самите не веруваат, на оние на кои им е побитно каква им е профилната од реалната. 

На оние на кои политичариве иднината ќе им ја докусурат.

04: 28

 Ми останува три саата спиење. Доста ми се, затоа што јас сум стара комуњара. 

Ние што засадивме, овие не можат да исечат.