После интернационално попознатиот Ману, Ману Чао кој другарски поштено се грижи за своите македонски чеда во последниве комплицирани месеци, се огласија (повторно) на мое огромно задоволство нашите најеминентни чувари на умната мисла, интелектуалното крем бруле, ценетите академици од Ману.
Најпрво, два збора за скромното дело на неакадемецот Ману Чао: пред неколку месеци отворено ги поддржа студентите во нивната битка за студентските права (особено уставното и неприкосновено право на протест), а летово во наездата на камперски авантуризам во Македонија, у тем Дојрану организира трет камп за сите избеглици од реалноста на својата држава, која веќе 2 месецa не живее на своите од Јалта дадени 25.713км2, туку во малиот простор меѓу два кампа во центарот на главниот град.
Но мије имаме и друго Ману кое мисионерски води рачун за Македонецот и негоите правдини. Некој за нив би кажал дека се генерално неактивни и треба погласно да го искажуваат својот став за се, од поскапената цена на солта, преку дизајнот на краватите на Латас, се до бомбашките напади и одбрани во камперска Македонија. Друг би кажал дека Ману баш и нема потреба да се мешаат во секоја манџа и дека треба да си ја гледаат својата „уметничка“ дјелатност или научната кога тоа подразбира подучување на авторот на овие редови оту не се пишит „дјелатност“ ами дејност.
Арно ама хајт да фрлиме око што Ману мисли сама за себе дека треба да чинува: нашата „Академија за Науки и Уметности" објаснувајќи ја својата мисија на сопствениот веб-сајт (во делот од сајтот со адреса „мисија“) вели дека има задача „да го осмисли времето оставајќи свои траги во него" , потпишано од нејзиниот претседател, академик Владо Камбовски.
Неверните Томи кои прозиваат на немануелно однесување на институцијата треба да знаат дека Академијата се огласила неколку пати од почетокот на најтешката политичка криза во Македонија после војната во 2001-ва. Најпрво Ману изрази „крајна загриженост" и повика на „демократски и толерантен дијалог над партиските интереси за да се унапреди демократската основа и функционалноста на институциите" (февруари 2015).
Два месеци подоцна во април академик Таки Фити повикува на индивидуално и институционално реагирање, објаснувајќи го сопственото мнение за улогата на Ману во нашето општественце:
"Сигурно не можеме да се држиме настрана и треба индивидуално, но и како академија да реагираме. Поголемиот дел од академиците веќе се согласуваат дека има прислушување во државата и дека со тоа се загрозуваат демократските и основните човекови права".
Евала, проникливост и иницијативност за поздрав. Фити додава:
„Во првото соопштение што го испрати МАНУ, кое беше некако поблаго и малку критикувано во јавноста, посочивме дека институциите треба да ја разрешат кризата, но сега е јасно дека тешко може да има институционална разрешница, со оглед на капацитетот на институциите."
После уште еден двомесечен академски турнус на размислување, деновиве имавме реакција и на индивидуално и на институционално ниво, каминг фром д президент Камбовски химселф кој го поздрави очигледниот финиш на политичката криза најавувајќи „ фаза на стабилизација на општеството" во која најави вклучување и на МАНУ.
И тоа не обично вклучување, како вклучување на кабел од миксета на концерт на Ману Чао, туку „директно вклучување на академиците ПО постигнувањето политички договор со научни расправи и анализи" - ќе каже претседателот во последното излагање. (По, по, по)
Тамамски. После завршувањето на свадбената криза Ману ќе стабилизира со тупаните на научните расправи и анализи. Дотогаш, таа улога останува на Телма, 24 Вести, МТВ, Канал 5 и другите телевизии кои од време на време прават научни расправи и анализи (нè учат на расправање / нема да навлегувам во семантиката на терминот анализа) бидејќи веројатно правилно (претседател е, ваљда знае?) модусот за „осмислување на времето оставајќи траги во него“ го дефинира првиот академик во март годинава кога вели:
„Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) не може да биде дневно-политички интерпретaтор, ниту да се претвори во истражен орган или во суд.“
Првиот меѓу Академиците ја сублимира улогата на МАНУ периодов. За него „МАНУ не стои на страна од политичките случувања", а нејзината улога тој повеќе ја гледа во „создавање клима на толеранција и дијалог отколку во конкретно нудење решенија" (односно времето ќе го осмислуваме преку создавање на клима како оставен траг, во која клима решенијата ќе доаѓаат сами по себе).
Ако мислевте дека е лесно да си академик бидејќи е доволно да повикуваш на мир и толеранција без да се впушташ во дневно-политичка интерпретација, со вас би се сложила веројатно годинешната Мис Норвешка (на пример) која иако изгледа дека на изборите за убавина има задача да биде убава (што и е) и само да си повикува на мир и толеранција во обид да создаде таква клима во земјата и светот, ако победи на Мис Универзум ќе мора да патува со тијарата, да се слика со „завојуваните страни" (кај нас би правела селфи со Муса Џафери, на пример) и никој нема да се воодушевува на нејзиниот конструктивен академизам, туку сите ќе се ѕверат во нејзиниот задник и вајана предница, често прокоментирани на многу неакадемски дијалект.
Но уште една од неколкуте разлики меѓу Мис Норвешка и Ману е што првоспоменатата во делот со „Мисија“ на нејзиниот веб-сајт не би имала ваква сугестија, како сугестијата на првиот меѓу академиците на Ману:
„На нашето општество очигледно му е потребен еден Коперникански пресврт, еден квалитативен скок напред. Јас се надевам дека сите фактори кои учествуваат во овие разговори, имаат таков интерес, таква цел и ќе направат се ние како општество да го направиме тој чекор".
Убава е желбата, убав е тој повик на првиот академик од нашиот труст на мозоци кој некогаш (трустот) во своите ингеренции повикуваше на разумно и толерантно разменување територија со соседни зеји.
Сега мануанскиот крик е за толерантна размена на теории, не на територии. Ќе си земам за слобода да протолкувам каков точно „Коперникански пресврт" изискува академскиот лидер. Она што треба да го сфатите е дека, бидејќи е Македонија во прашање, земја со праисториски менталитет, античко потковување на идентитетот и нео-нео-ренесансна анархитектура, разменувањето на теории оди во паралелни универзуми со различни временски континууми.
Македонија 2015 ја враќа назад теоријата за хелиоцентричен сончев систем и од 605-тата година земена како аритметичка средина меѓу годините во кои Коперник прави пресврт победувајќи ги старите теории - 1543-та и годината во која Александар прави пресврт победувајќи го Дариј III - 332 п.н.е.) си ја присвојува назад старата теорија за движењето на небеските тела во нашиот систем.
Добрата вест е дека во 605-та година, 9 века после владеењето на Големиот Крал сè уште не се дојдени Словените да ни се мешаат во идентитетот и да ни прават проблеми да не може да влеземе во НАТО и ЕУ.
Лошата вест е дека според старите теории, со кои правиме размена, очигледно е дека Сонцето се врти околу Земјата. Бидејќи Земјата, барем нашата, не се движи никаде.
Не џабе се Ману најпаметните меѓу нас. Ни самите не се свесни колку конструктивно го осмислуваат времето оставајќи трагови во него.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT