А ќе речеш шо се 20

Минаха години

Велат дека секој монах на прашањето што би бил кога повторно би се родил, oдговара со: монах.

И јас сум еден од нив.

Зошто?

Бидејќи само преку тој подвиг, можеме да ги разбереме зборовите на св. Антониј Великиот: "Јас од Бога не се плашам, јас Бога го сакам."

Отец, сега веќе Владика Пимен

Минаха години.

Бајгиди.

До душа не ми се гледаа многу до денес. А денес празник, Рождество на Богородица. После сто години, повторно на бдение како некогаш во Вељуса. Добро сега, ја претерав малце, не се 100, ама цели 19. И цели 20 откако сменив факултет, откако се запишав на теолошки.

Денес сретнав деца кои се родени или биле бебиња во деновите кога ние, првите генерации на монаси, ги возобновувавме манастирите. Денес тие бебиња кои сме ги крштевале израснале во тинејџери, средношколци и студенти. И тогаш видов колку време минало, гледам додека тие пораснале, колку јас сум остарел. И не ми е мака, се радувам.

Сепак беа убави години. Години во кои ги правиш првите чекори во духовниот живот. Години кога доаѓаш во манастирот за да умреш за светот. Години во кои си ослободен од секоја грижа, поточно кога имаш само една грижа, навремено да ги измиеш чиниите после оброците во манастирот, бидејќи тоа ти е послушание. Не те интересираат ни вести, ни гости, кога помисли имаш само против братот кој готви бидејќи не можеш да измиеш толку чинии, лажици и тенџериња колку што тој може да извалка при готвењето. И победуваш во борбата, бидејќи тој завршува со готвење пред ти да завршиш со миење, и растеретен од сите други грижи го завршуваш молитвеното правило и безгрижно заспиваш.

Како бебенце, без грижи и без планови за утре а камо ли планови за напредување во кариерата. Нели рековме, идејата на замонашувањето е умирање за светот. Нема простор ни за помисла, не пак за идеја или план. Тоа искушение е на страна, негде далеку од тебе.

Ама од друга страна, затворањето во манастир не значи и затворање за сите искушенија.

Беа тоа и години кога монаштвото масовно се возобновуваше. Мноштво млади луѓе се решивме на тој чекор. Манастирите станаа претесни за сите нас кои таа желба за монашки живот ја негувавме во себе, но немавме место каде што би ја реализирале пред отворањето на првите манастири во Македонија. Сон ни беше Света Гора, ама сон далечен, јазик, визи, странство...

Од ден на ден, сè повеќе монаси и монахињи и сè повеќе манастири. А кога човек ќе се реши на тој чекор, родителите, роднините и пријателите ги остава збунети. Им ги крши плановите што тие ги направиле за нив уште од раѓање. Не можејќи да нè разберат, си толкуваа дека сме забегале со памет, дека ете нешто не разочарало во животот и дека разочараноста е таа која нè однела во манастир. Нивната човечка тага стануваше интересна приказна на многу медиуми, а за читателите омилено четиво. Се плетеа приказни кажани низ медиумите од нив, а исфилувани од новинарите за тоа како ние живееме заведени и заклучени во некоја пустелија од манастир каде што нема основни услови за нормален живот.

Сурова кампања беше тоа која нас монасите нè нарекуваше секташи, наркомани и нè обвинуваше за секаков неморал, па дури и небулози дека имаме ископано тунел од машкиот до женскиот манастир. А кој ги посетил и двата, знае дека се работи за далечина од 4 - 5 километри, и дека и ден денес, не е пробиен автопат низ Демир Капија, бидејќи, излезе дека е навистина тешко да се ископа толкав тунел...

Но, не беше се така црно.

Имаше и новинари кои нè познаваа, кои веруваа во нас и нашиот подвиг и нè сакаа, па не бранеа со афирмативни текстови и емисии. Почнаа да се прават интервјуа, емисии, трибини во кои учествува дел од нас, монасите. Така подвигот на умирање за светот завршуваше за нас и полека нè претвораше во "ѕвезди".

И така... Секогаш слатко се смеам на потегот што го направи еден тогашен основец кој со родителите доаѓаше во Водоча. Имено, малиот во тоа време наместо како што сите негови другарчиња на неговата школска ташна да испише имиња на омилени групи, пејачи или глумци, тој ги имаше испишано нашите монашки имиња: Максим, Климент, Арсениј, Пимен...

Тоа беше она што од една страна ни го расипуваше раатот. Од друга страна, монашкиот раат ни го рушеа потребите на Црквата. Требаа јеромонаси за да можат да богослужат постојано, духовници за да можеме да го прифатиме цел оној млад народ, но и доста семејни и возрасни луѓе кои имаа доверба во нас и кои сакаа да ги исповедаат своите проблеми, да се посоветуваат, да растат духовно. Капацитетите на манастирите беа мали за да ги соберат на едно место сите млади луѓе кои сакаа да му служат на Бога.

Се отвараа нови манастири, па се избираа нови игумени, нови братсва и сестринства...

Од нас произлегоа и архиереи.

Нашите места во манастирите ги пополнија нови, помлади и повредни монаси. Верувам дека еден ден, и тие со носталгија ќе си спомнуваат за нивните почетоци. И тие ќе ги понесат на грб тешкотиите на пионерството во монаштвото, но сепак верувам дека барем ќе им биде помал товарот, и дека благодарно ќе си спомнуваат за нас кои бевме и монаси, и ѕидари, и медиумски ѕвезди во обидот да го одбраниме и заштитиме монашкиот лик, и да изградиме поубави и помирни живеалишта за нив. А и за нас, ако дочекаме административна пензија некогаш.

Минаха години. И не жалам за нив.

Велат дека секој монах на прашањето: Што би бил кога повторно би се родил, oдговара со: монах.

И јас сум еден од нив.

Зошто?

Бидејќи само преку тој подвиг, можеме да ги разбереме зборовите на св. Антониј Великиот: "Јас од Бога не се плашам, јас Бога го сакам."

Отец, сега веќе Владика Пимен



23 септември 2014 - 20:05