Зошто сè повеќе се коментира (и дебатира) на оваа тема? Воглавно, затоа што денес има поголем пристап до информации од порано и поголема слобода на говор. Гледаме какви се парковите и дрворедите по разни европски земји, споредуваме и, бидејќи смееме, приговараме. Но, треба да пазиме колку сме во позиција за тоа.
Еве неколку прашања до сите кои се осмелуваат да коментираат за било која тема (не само еколошка): ‘Дали јас навистина ја разбирам оваа тема за која коментирам? Дали ми е тоа струка или занает? Или можеби само сум прочитал неколку критики на таа тема?’ За мене лично не е логично и не држи некој да чита критика за некое дело, на пример на Пикасо, а не знае скоро ништо за Пикасо, за тоа негово дело, или за историја на уметност. Уште помалку му личи на некој таков да се жести и да застапува страна во некоја дебата. Но, тоа не значи дека само стручњаци можат да сфатат стручна тема. Сè што е направено од човек може да се објасни и да се сфати. Неопходни предуслови се искрена желба, труд и понизност.
Не брзо со емоциите за дела што не ги разбираме
Друга негативна појава што ќе ја спомнам е зошто некои приговараат. Ако погледнеш по дворовите, ќе видиш дека луѓето без грижа на совест си сечат дрва од нивниот двор. Бидејќи јас сум дрвосечач, многу добро знам какви сè не бесмислени изговори луѓето си наоѓаат за да сечат: ‘Ми се запушуваат олуците со лисја’, ‘Ми се губи тревата од игличките’, ‘Не ми расте трева под дрвото’ и ‘Не можам веќе да собирам лисја!..’ се најчестите. Кога ќе се обидам да ги поучам велејќи им дека можно решение за тие „проблеми“ е редовно чистење на кровот и олуците, собирање на игличките со гребло за лисја и дека и не страшно ако под дрвото нема трева (уште подобро ако нема, ако има мулч!), или дека има квалитетни дувалки и смукалки за лисја не им одговара. А капак на сè е кога после такво натегање ќе им кажам дека ако сепак инсистираат да сечат, ќе мора да си извадат дозвола за сеча од Град Скопје. ‘Па, не барав дозвола од нив кога го засадив тоа дрво (дрва)!’, знаат да викнат. А многу вакви луѓе без да ги гризе совест коментираат за јавното зеленило!
Сите ние мора да разбереме дека сме дел од природата и дека иако неа донекаде сме ја наследиле од нашите родители и претци, уште повеќе ја позајмуваме од нашите деца и внуци. Мое мислење е дека сите кои поднесуваат барање за дозвола за сеча на дрвја треба да очекуваат и „НЕ“ како одговор, а и да го добиваат многу почесто. Од лично искуство можам да кажам дека за повеќето издадени дозволи за сеча немаше вистинско оправдување. Како дрвосечач лично се трудам да ги поучувам моите потенцијални муштерии за користите од дрвјата и за потребата од дозвола за сеча. Понекогаш и одбивам да сечам некои многу убави дрвја. Но, што можам повеќе од тоа? Друштвото нема идеали кои би го воделе. А тоа не е проблем од вчера или завчера (види „Дали порано имало повеќе дрвја“).
Што ќе им оставиме на идните генерации?
Бидејќи капиталот е горивото кое движи сè во човечкото друштво, природата нема приоритет. Скопје има сè помали паркови и дворови, а секој нов ДУП се носи само за да се задоволат новите генерации незаситни лакомци кои сакаат лесен живот. Куќите и зградите растат во висина и во ширина, а зелената површина се намалува. За жал, на тоа се приговара само кога ние не сме страната што се офајдува. Двојните стандарди (лицемерието) се јасно видливи. Лесно се судат грешките на другите, а за нашите ќе си најдеме оправдување. Сепак, природните и моралните закони се вечни и непоништливи од нашето лицемерие. Грешки си се грешки, и по нив секогаш доаѓаат последици, без разлика кој ги направил грешките. Една од последиците е воздухот што е сè позагаден и што ќе нè потсетува на оваа вистина.
Зеленилото од Скопје исчезнува, и од јавните површини и од дворовите
Реков дека ќе спомнам и барем една позитивна последица од поголемиот проток на информации во наше време. Тоа е можноста човек да се усовршува во струката, посебно од практичари. Тука пред сè мислам на хортикултурата и арбористиката. Особено има потреба и простор за стручњаци по арбористика (во некоја идна статија детално ќе објаснам). Дрвјата се костурот околу кој треба да се гради целото зеленило, па затоа очајно ни требаат добра арбористичка служба и КВ и ВКВ арбористи за да обликуваме и одржуваме дрвја кои ќе останат стотици па и илјадници години.
Во следната статија ќе кажам нешто повеќе во каква состојба се наоѓа конкретно зеленилото во Скопје.
За коментари и прашања до Дејан на неговиот ФБ