Македонија не го заслужи ова

Европската Унија е политичко џуџе без компас и се најде меѓу две големи сили, а нејзиниот пекол би можел да почне на Балканот каде што се пука, ама не сме сигурни дали е војна. Можеби не сум во право, и би сакал да не сум во право. Ама една работа одлично знам - ваква Европа не заслужува подобар Балкан.

Денот на Европа во Куманово

Европската Унија го прослави Денот на Европа, денот кога извесен Роберт Шуман нешто направил или потпишал, стварно немам кога да ги проверувам деталите, бидејќи додека ова го пишувам, во Куманово, на северот на Македонија, специјалната полиција војува со 50-70 вооружени криминалци, терористи, платеници, не сум сигурен кои се.

Во овој попладневен момент од разни страни се јавува за тројца мртви и дванаесет ранети, цивили и полицајци. Хрватскиот портал Индекс, најчитаното гласило во регионот, сеири со насловот ВОЈНА ВО МАКЕДОНИЈА, додека далечните западноевропски медиуми се уште се немаат вклучено.

Таа Европа која Миленко Јерговиќ ја нарекува полуостров во морето давеници, цел ден пушташе балони и распрснуваше конфети, без ниту една црна лента за 1.700-те давеници од 2015. година кои умреа, меѓу другото и затоа што Британија лани процени дека спасувачката програма Mare Nostrum е скапа.

Европската Унија која вчера танцуваше за да му го сврти вниманието на светот од руската воена парада, во втор план ги стави спорадичните пукотници во Куманово, баш како што Македонија отсекогаш била на европската опашка, оставена во рацете на параноичната власт.

Голема неправда им е нанесена на граѓаните на поранешната југословенска република која за разлика од Црна Гора не тргна со пушка против соседите, која мирно ја испрати ЈНА и прва застана на некаков јаден европски колосек. Голема неправда - бидејќи Европа небрежно гледаше како корумпираните грчки политичари држени за јајца од своите тајкуни, се изживуваат над цела една држава, ѝ го препречуваат патот на Македонија, ѝ ги прекинуваат врските со Брисел, на најпримитивен уценувачки начин, и сето ова базирано на неколку антички легенди за кои на обичен човек не му е гајле.

Баш како и Бугарија - сосетката која исто така направи доволно за Македонија да остане далеку од ЕУ, за Македонија да стане лапсус на политичарите и новинарите, од Бил Клинтон до европските медиуми кога тие сакаат да го пофалат Монтенегро.

Македонија секогаш е на последно место во досадните говори на ЕУ политичарите, ако воопшто ја спомнат, бидејќи во оваа земја во последната година ги имавме сите можни видови на нестабилност, а никој посебно не се возбуди. Само се чекаше некој да запука, а каде на друго место ако не во Куманово кое е стратешки сон на секој потенцијален терорист - доволно близу до косовската и српската граница на која веќе пристигнаа полицајци од Белград.

Српскиот премиер Вучиќ закажа седница на владата за овој пожар да не се прошири на Прешевската долина - ама кому му е гајле за Прешево, сè што треба да знае европскиот човек е дека тоа е стара рута за хероин и нему му е доволно, европскиот политичар на Балканот гледа како на проблем и јад, кој ќе му се удри од глава - како што Црна Гора можеше да биде казнета бидејќи на господинот му го препушти случајот, да речеме на Рожаје, така ЕУ ќе зажали и за тоа што ја остави Македонија на цедило.

Европската Унија е одговорна на Балканот, посебно во Македонија која е жртвувана на најсвиреп можен начин. Кој сè уште верува во приказната за ЕУ стандарди кои треба да ги постигне некоја држава, откако Бугарија е повикана во членство? Бугарија со своите криминални пресметки и подземје, со јавната омраза кон турското малцинство, со својата корупција и Бојко Борисов кој во кампањата за градоначалник на Софија се сликаше со пиштол, е таа Бугарија стана пример за Македонија, па кога веќе ѝ се може порачува дека властите во Скопје нема да ги подобрат своите шанси за ЕУ со пропаганда и маркетинг кампањи, туку со вистински реформи...

Не е праведно кон граѓаните на Македонија. Несреќа е што имаат онакви политичари, не е праведно што имаат такви соседи, не е добро што се помирени дека етничката граници им го сече главниот град и дека мост ги дели Албанците и Македонците.

Европската Унија сè уште не е свесна каков прекрасен полигон на теророт создаде на Балканот трошејќи ги своите пари на глупи проекти кои ги водат НВО сeкташите, без ниту една благорододна особина повеќе од политичарите, освен подоброто познавање на англискиот јазик. ЕУ не е свесна каква отскочна штица направи со форсирање на реал-политичкиот цинизам со тоа што секој локален диктатор и лопов ќе го потчукне по рамо. Да не е така, зарем премиерот Никола Груевски не би бил главниот осомничен дека со крв се обидува да излезе од серијата скандали кои го соголија неговиот одвратен систем за владеење.

Европската Унија е политичко џуџе без компас и се најде меѓу две големи сили, а нејзиниот пекол би можел да почне на Балканот каде што се пука, ама не сме сигурни дали ова е војна. Можеби не сум во право, и би сакал да не сум во право. Ама една работа одлично ја знам - ваква Европа не заслужува подобар Балкан.

Брано Мандиќ,
Вијести

11 мај 2015 - 11:35