Исповед 12

Како ми скроија капа

Ако сакаш нешто да испадне сосема по твое, ќе мора и да се помачиш. Нема друг начин. Ако друг ти ја крои капата, секогаш ќе ти ја скрои по свое.

Во мене има нешто што луѓето ги тера да не ме слушаат добро и да не ми ја почитуваат волјата; ако им побарам нешто тоа не го прават така како што сакам јас – туку како што тие мислат дека ми треба. Нешто ги тера да ми се инаетат и да тераат по свое, и тоа без лоша намера, онака. Честопати тоа е од почит и од желба да ми угодат и да ми направат добро, ама не испаѓа така. Напротив. А мене ме фаќа нервоза. Дека сум нервозен, општо. И како да им кажам: „Аман, немојте да се трудите и да ми угодувате, само правете како што е редот... и готово. ЈАС САКАМ ТАКА!“ И тоа ми се случило безброј пати во безброј ситуации, веќе и се поднавикнав... ама не ми е лесно. Може да напишам и цела книга за таквите апсурдни доживувања што ме следат уште од раната младост, ама за оваа прилика, само за едно, последното.

Еве, пред некој ден, посакав да купам капа. Или што би се рекло – шапка. И тоа да ми ја скројат, зашто главата ми е нестандардна. Откако постуде, ме мачат синуси, имам главоболки, мачнина и црвени очи, и помислив: „Капа му е лекот“. Капа што ќе ми го штити и грее челото, и со која ќе се спасам од штрекањето во умот и од подочниците, и од неспиењето... И му се јавувам јас на Гиш, го знаете, а тој е многу по шапките и ги има секакви (шешири, беретки, шубари, качкети...), оти ми текна дека тој имаше еден голем зелен качкет, што беше речиси ист со мојот некогашен црн качкет од Лондон, којшто единствен ми стоеше добро, и кој по грешка го фрлив во ѓубре пред десетина години. Беше сиот изветвен и подискинат, ама не требаше да го фрлам. Се изглупирав. Требаше да го чувам за модел. И му викам јас по телефон: „Гиш, да те прашам, го имаш уште оној зелениот качкет, големиот? А тој мене: Не! –Како бе не? Па кај ти е? –Го нема, го загубив некаде, лани. –Еј, штета, ти ми беше последна шанса. Ме мачат синуси и сакав да ми скројат таков според таа мустра, ама ништо. Баксуз. –Нема гајле, вели Гиш, ќе видам јас што имам по дома и што има по шапкарите низ чаршија и ќе ти јавам“. И толку. Тоа ни беше муабетот. И кога веќе бев подзаборавил, ми ѕвони Гиш по два дена и вели: Кај си? –Во град бе, во Табернакул.  –Слушај, јас сум во Центар исто, ти најдов еден качкет, ти го носам. –Браос. –Ај, за десет минути се наоѓаме кај Камени мост. И одам јас до камениот мост, и ете ти го Гиш, со шубара и кафтан, со долги коси и темна брада и со едни црни високи чизми, оди исправен како да излегол од некоја опера. Се поздравуваме, и вади тој од џебот еден светлокафен качкет и ми го дава, и јас го клавам на глава. –Гиш, абе убав е... ама мал ми е, гледаш. –Леле, па ти што глава си имал? Аман? Изгледа носиш 60-ка. –Тоа е Гиш, таа е. Една е, толкава е. –Ништо, вели тој, ај до чаршија, ги знам шапкарите, ќе најдеме нешто. Ќе ти скројат ако треба, не се секирај, нема проблем. И одиме јас и тој преку мостот кон турската чаршија, а јас по патот ја носам неговата шубара од астраган, ја навлеков над ушите и таа ме топли, а синусите ми пеат. Надвор -10, а шубарата голема и топла. Уживанција. -Имам една капа Дејви Крокет, со опаш, сам ја правев, сакаш таа да ти ја дадам? –Батали Гиш, каков Дејви Крокет, не одам на лов ниту имам таква облека, со што ќе ја носам? Ми треба некоја обична капа, еве како шубарава твоја, само да е црна, друга боја не сакам. –Е, добро, одговара Гиш, и продолжуваме. И по 50 минути прошетка по продавниците низ чаршија и пробање сѐ и сешто (од беретка до шлем) Гиш малку се изнервира, оти сфати дека сум бил перфекционист, маанџија и „цепидлака" и дека тешко ми се погодува, па ми вели: „Одиме уште на едно место, мајсторот е добар, го знам, ако и тие не те погодат – се откажувам“. И влегуваме таму, во дуќанот, а мајсторот мустаклија си седи со еден пријател покрај печка на плин, си пијат тутун и... почнува муабетот. Се испостави дека имаат црни материјали за шубара, и убави беа, и јас посакав да ми скројат капа. Црна и по мој вкус. Арно ама, запнавме кај големината. Мајсторот ме убедува – Ти си 58-ца. -Лесно за тоа мајсторе, имаш метро? –Имам! –Е, ај, измери ме. И ми мери мајсторот обем на главата, и констатираме 59,5. –Глеаш? Му викам јас, поголема е. И ја мериме и шубарата на Гиш што ја носев тогаш, а таа 66-ка. Волкава сакам, голема. –Што ќе ти толкава, ќе ти направам кнап. –Не сакам кнап, сакам поголема. Еве Гиш е глава 57-ца, а носи капа 66-ка и што му фали? –Што ќе ти поголема, ќе ти направам 60-ка. –Аман бе, сакам поголема, јас нарачувам, јас плаќам, прави каква што ти кажувам. -60-ка ти е таман, таква. И се ценкаме јас и мајсторот колкава да биде капата, тој не па не, упорно инсистира на помала, а јас 100 пати му повторувам, голема сакам, голема, голема сакам, широка, не таман, поголема... барем 64-ка. Може и 67-ца. Гиш излезе, нѐ виде нетокму, а ние упорно се препираме. И собрав јас сила за клучен аргумент и му викам: Слушај, ти си мајстор, не ти се мешам, ама види – ме болат синусите и сакам поголема капа за оздола да носам уште една како поткапа, затоа ми треба поголема. Сфаќаш? Прави 64-ка кога ти кажувам и толку. Така сакам. Крај. –Е, ај добро, кога си запнал, вели мајсторот, и јас конечно бев задоволен дека постигнавме договор. Ми ја испочитува волјата најпосле, по толку убедување. За цената се договоривме вчас, и ми рече, да дојдеш утре ова време да си ја земеш. И дојди на време, дека задутре одам за Франција, да знаеш. –Готово! Утре во пет и пол сум тука, велам јас, и така и би.

Следниот ден, петок,  додека си врвев по патот накај кожарскиот дуќан за шапки и чанти во чаршијата, лево од Менада, ми се мотаа скептични мисли: „Зошто овој толку беше запнал да ми прави помала капа? Што му беше? Што муабет ми направи човекот? Сега, ќе отидам таму, и капата нема да е 64-ка, туку веројатно 60-ка, зашто овој ќе сака да ми учини и ќе ми направи кнап-капа, мислејќи дека со тоа ми прави добро. Камо среќа да не ги помислев овие работи – оти стана баш така. Скроз. Влегувам, ја гледам капата црна и бабачко, топла, и ми ја навлекува мајсторот на глава, а таа ми запнува кај ушите и ме стега. О, мајсторе, велам, нели рековме 64-ка, а оваа ме стега. Колкава е? Овој, за да ме откачи, вели, Охо-хоо, може е и поголема, 65-67, толкава ја пуштив. Од радост што имам капа за синусите не можев јасно да мислам па набрзина ја зедов, ја платив, па откако испивме по еден тутун се поздравив со мајсторот и помошникот негов, и си наврвив по патот. А мајсторот пак ми повтори дека утре патува за Франција, па јас го поздравив со „Бон воајаж“. И стасувам дома, ама уште ме мачи скепса, и земам метро, и ја мерам шубарата – И што? 58-ца. Оф, леле... мори... мајко. Не 64-ка, не ни 60-ка, туку 58-ца. ТЕСНО МИ ЈА СКРОИЛ. На толку инсистирање и препирање и повторување од моја страна дека сакам поголема, тој ја направил потесна дури и од обемот на мојата нестандардна глава. И ми идеше да пукнам... А капата убава, нема што. Како да ми лежи мачор на главата. Само малку мала. Капата, мислам, не мачорот.

Дојде и сабота и одам јас во чаршија пак, околу пладне, надевајќи се дека ќе го најдам ако не мајсторот барем помошникот негов, да ми ја стави шапката на калап, да ја прошири некако, да не ме стега. Ми се уврте во главата дека тоа мора да се среди. И отворам врата, а внатре, баш мајсторот си го мете дуќанот и ме гледа спокојно.

–О, мајсторе, тука си? Добар? Јас дојдов. Прошири ја капата како знаеш, рековме 64, а оваа е 58. Дај, нема смисла.

-Добро, ама како? -Во четири тргнувам за Франција.

–Е, па, помошникот, ако не ти.

–Ни тој нема да е тука, го затварам дуќанот до 15-ти. Ќе нема никој.

–Е, па, дај ми го тогаш калапот.

НА! –вели тој, а калапот што го збориме  е една чудна и тешка дрвена структура за подесување обем на шапки, и тој го крена и ми го стави тоа дрвото в раце.

–Аман бе, ти одма ми го даде? Да знаеш, сигурно ти го враќам, еве имаме и сведок (а сведокот се смее), само евентуално ако не умрам до тогаш.

–И да умреш ќе оставиш аманет и некој друг ќе го врати. Нема гајле. Имам поверење

–И кога се враќаш?

–На 15-ти ќе биде отворено.

-На 15-ти го имаш калапот назад, велам јас, бон воајаж-мерси боку, и си го однесов на раце, како да е бебе.  А, калапот тежок.

Иеве ми го сега тука, тоа дрвеното налик на непозната справа за мачење е на работната маса, шубарата на него, прво навлажнета па оптегната, за 24 часа треба од 58-ца да стане 63-ка. Којзнае што ќе испадне. Претпоставувам дека за ден-два ќе биде совршена. Главно, сум сфатил, ако сакаш нешто да испадне сосем по твое, ќе мора и да се помачиш. Нема друг начин. Ако друг ти ја крои капата, секогаш ќе ти ја скрои по свое.

23 јануари, 2016

Тихомир 

23 јануари 2016 - 22:19