Дојде и си замина...
Тој, долгиот месец што го викаме. Оној што нѐ исцрпува и финансиски и физички. Тој полниот со празници... jануари.
А во него не само што славевме и трошевме, па и многу финти правевме. До душа уште од лани од декември почнавме со тоа. Уште од лани се исподотеравме, исчистивме и украсивме домови, наполнивме трпези, а некои помлади и побогати и кафани или кафулиња. И дојде Новата и нѐ затекна во одлично расположение со вклучени екрани со македонски телевизии каде истите пеачи се појавуваа насекаде со различна гардероба. Демек весели сме си. Па удрија петардите и огнометите за добредојде на годината нова.
Не дека толку многу ѝ се радувавме, бидејќи апла се гледаше отсуството на еуфоријата за разлика од другите години, ама...
Сето ова ме потсети на финтата што често знаеме да им ја направиме на пријателите кои прв пат ни доаѓаат на гости. Море ќе исчистиме, море ќе извадиме и од пиле млеко, секакви пијалаци како да ни е тоа секојдневна навика, а со цел да ги импресионираме гостите и да ги задолжиме со реципроцитет кога ќе им возвратиме со посета. Така ја импресионираме и годината нова ама и ја задолжуваме да ни врати со изобилие. Ако треба ќе ја заплашиме и со петардите.
И ќе мине тоа и ќе почнат припремите за Бадник со посета на шумите за да се наберат дабови гранчиња. Па еве ми ти истопорени пред камери и стари и нови кумови како со ножиците во една и шишињата со вино во другата вршат примопредавање на должност. Па и наздравувач кој благословува... И само што ќе се симнат во град, еве ти друга чета в планина од коледари кои гордо пеат вулгарни и безсмислени песни за да ги симнат од таму дрвјата што ден претходно останале без гранчиња за Бадник за да може да се направат огромни клади (како оние инквизициските на кои гореле Бруно и сите други еретици) околу кои се собираат коледарите за да ги имитираат пастирите кои го чекале Раѓањето на Христа.
Па бидејќи радосен настан чекаме, мора и песна и алкохол да има за штимунг. И често, место во Црква да се оди како што пастирите отишле во пештерата да се поклонат на Новородениот, новиве пастири понесени од атмосферата не можат да се освестат другиот ден, и ќе ги остават само свештениците да му се радуваат на Оној кој постојано се раѓа за нас. Ама Бог нè трпи и такви.
А замислете така на некој наш другар или роднина да му правиме друштво до сабајле за да ја однесе сопругата на породување и опивајќи се да ја заборавиме, па таа кутрата сама со такси да се снаоѓа до болница... Што ќе ни се случи тогаш? Во најмала рака бракоразводна парница го чека уште следниот ден таткото, а пајташите пак кавга со него и неколку годишна забрана за дружење со истите.
Па ајде парички во лепчиња, па местења на истата за да не се лути и да не плаче најмалечкиот во семејството...
И еве ја стара Нова година или Василица и по некој карневал за маскирање. Со маскирањето на карневалите некако пак се добива една слобода за глупирање и исмевање на сè, од политика до сопсвената вера и до верата на комшиите, па ете ти тензии. А бе пак финта, ќе се маскираме и ќе се изглупираме и простено ќе ни е оти не ние, ами оној што го глумевме беше крив. А можеби така замаскирани и од Лицето на Бога ќе се скриеме? И секогаш се чудам како таа маска ни дава некоја чудна сила и сигурност.
Ете на пример и протестите и револуциите во светов кои секојдневно ги пратиме на вести ги предводат така маскирани лица, а ги одвраќаат од намерата исто така добро замаскирани полицајци. Па и анонимуси се многу храбри така. Ако победат ќе кажат еве јас сум овој, ако изгубат а бе нема шанси да сум јас овој... Демократија.
Ама па не личи да не сме неправедни кон јануари целосно дека само нѐ троши.
Има и еден празник што стана натпревар за давање, за наградување, а со самото тоа и најгледано реалити шоу кое се врти по социјалниве мрежи и поштено нè насмејува. На Водици што не видовме, од спасување на попот од давење, до крадење на крстот од девојката преку измислување на нови правила дека кој го извадил на брегот е главен а не оној кој го фатил крстот во водата, до закани дека до година ќе се сменат правилата, до луда забава во бетонски базен...
А бе убаво викаа старите дека парата го расипува човекот. Па кога уште на парата и нов телевизор, лап топ, бела техника и покуќнина ќе додадеш... Не да се расипе човек, туку и тепачка ќе направи и на празник и светост на крстот ќе заборави.
Сепак не беше сè така црно. Колку и да изгледа глупаво и до солзи смешно, според мене најголем благослов оваа година ќе имаат оние кои го спасија попот од давење. Не поради тоа што е поп, туку затоа што е човек. Животот на секој човек без оглед на пол, вера, нација, раса па дури и трапавост е посвето нешто и од најголемиот и најскап крст. А јас не знам по кој пат опоменувам дека кога суштината на верата и празнувањата ќе се обременат со симболика, ќе ни остане голата форма. А таа пак, формата, ќе ни користи само за трошење на огревно дрво, за маскирање, за зимско капење, за добивање награди и секако за незапирливо смење неколку денови после тоа.
И пак си велам ако. Подобро и досаден да станам со опомениве, отколку да оставам за ваквово симболично христијанство да се верува дека е продолжение на паганизмот. Оти паганизмот затоа и го снема од светската мапа на религии, оти имаше форма и симболика. А суштина?
Како и да е, честит пост фестум на сите!
P.S а можеше и вака да се слави...