Поводче за статијата е една узречица (поговорка) на генерациите после 1960-ти навака, што гласи отприлика: „Еј, прочитав вчера, не ми текнува точно каде, ама дека... не ме фаќај за збор...“ и следи некоја откачена информација што кликнала пар синапси во кортексот што едноставно те оставаат без збор. Додека ја обработиш информацијата, три теми се смениле во муабетот.
Уште боља финта е онаа на генерациите од 50-тите и се вика... „Ти текнуе?“. Ќе те избомбардира со информации за коишто ич немаш референци, ќе те исфрактализира до некој заклучок што ти е ко Јети у пролет на Солунска Глава, и ќе ти каже, во доверба... Ти текнуе? Не ми текнуе бе, нит ги имам твоите референци, нит знам на што мислиш. Најбоља варијанта е да се испонашаш дека ти текнуе (смешка и климање глава), а најлоша да испиташ секој сегмент на исказот дел по дел. Исказникот ќе го изгуби текот на мислата по второто прашање, па следи непријатна алцхајмер-лајк тишина во која никој не се ни сеќава за што се зборело. Фала Богу за децата што ќе улетаат тогаш со своја вонземска тема.
Е, што им е заедничко на овие две работи... па личниот наш македонски јазик насушен. Ако не ги знаете, сигурно сте чуле дека имаме минато определено и неопределено време. Првото е „ја изора Мице нивата“, а второто „еј, ја изорал Мице нивата“ (првото е кога си го видел Мице како ора, а второто кога ќе се разбудиш напладне и на Мице нивата изорана!). Значи, определено кога си сведок на настанот, а неопределено кога си Шерлок, па избрзуваш дека Мице ја изорал нивата бидејќи е изорана, а ни на крај памет дека дошол некој друг да изора (што, по британски терк би било - о, види, нивата на Мице е изорана).
Нејсе (елем, илити штомибеше зборот) ова е посветено на нерешеното прашање каква определеност треба да имаат глаголите во документарците... Определено според староста на нараторот/преведувачот (мора да го видел тоа ако не бил на Марс во меѓувреме) или неопределено според староста на гледачите (може да се и постари и помлади, нели, па ако нараторот каже „беше“, сигурно е ветеран од војните на 20 век). И само поради најновата серија на Нешенал Џиогрефик за 90-тите, кајшто они таму у Ју-езовеј ти се занимавале со многу важни работи ко Оу Џеј Симпсон додека ние сме биле во друг универзум (колење кози на комшиите). Затоа гласам за основање владина Агенција за документарци... има да полниме програма ко луди со нашите архиви.