Краток е патот од Соборниот храм до центар. Таман да се раздвижи човек и да сретне некој познаник попатно, па затоа обично го минувам пешки. Кога ќе се пребројам на крајот од денот, сфаќам дека поевтино би ми било во теретана да сум се раздвижувал, такси да сум фател на таа релација. Сфаќам и дека ме чини поскапо од патарините од Скопје до Ресен. Во теретана има месечна претплата, таксито има попуст, на автопатот се секогаш само три патарини и фиксна цена, а на овој краток пат има десетици испружени раце со тарифа која треба да си ја одбереш сам, а за која (во зависност од тоа дали ќе ја погодиш или не) може да те благословуваат, да те прашаат "само толку", или пак да почнат да те колнат затоа што немаш разбирање за нивната мака.
Ќе сретнеш по тој пат, краток и скап, и детски испружени рачиња, но и возрасни инвалидизирани лица ама и здрави и прави луѓе кои го одбрале овој начин на заработување. И кога ќе седнеш на кафе не си раат. До душа не од наплатувачи на патарини. Таму доаѓаат да ти наплатат чаршарина или каферина повторно еден куп дулеџии или продавачи на сѐ и сешто. Често и малолетници не постари од 10 години.
Знам, блажено е да се дава. Не мора да бидеш свештеник или побожен човек, да читаш Библија, Куран или Кабала за да ти стане јасно. Та не е закон испишан само на хартија или камени плочи. Тоа е закон кој е испишан и врз нашите човечки срца. Но, не можам а да на се запрашам дали помагам на овој начин или само овозможувам заработувањето на овој начин да се омасовува од ден на ден. Сведоштвата дека повозрасните доаѓаат на крај на денот да ги соберат малите теренци и да им го одземат она што со својата упорност и жална прикаска успеале да го соберат, го тера човека да се замисли дали бивајќи милосрден не стимулира организиран криминал. Имаме и закон за питачење кој не дозволува ваква дејност. Ако е така, еве уште еден доказ од кој што уште појасно се гледа дека нешто не штима. За жал се гледа и дека законот не функционира, не се спроведува. А ако профункционира законот, ќе ни се скрати ли можноста да бидеме хумани?
Секако не.
Постои и друг начин да се биде милосрден, хуман што би се рекло денес. Тој начин е да се организира хуманитарна акција, да се собере конкретна помош, облека, храна, обувки и сето тоа да се даде онаму каде што е наменето. За тоа треба конкретна прикаска. Ако се има прикаска, тогаш има и народ милосрден кој секогаш ќе даде. Дури и отповеќе.
Го видов тоа со мои очи пред некој ден. Да се расплачеш од милина. Донираат млади луѓе за кои понекогаш мислиш дека, онака дотерани си живеат во свој свет и воопшто не ги тангира сиромаштијата на ближниот и те демантираат, донираат и родители со своите деца учејќи ги да бидат хумани уште од мали нозе, донираат и повозрасните спомнувајќи си веројатно за времињата кога малку имале.
Во секој случај убаво и успешно организирана акција од група прекрасни млади и хумани дечки. Веројатно успешноста лежеше и во фактот што сè беше организирано онака герилски, спонтано преку ФБ група, а не преку хуманитарно здружение. Едноставно надвор од систем.
Така рекоа некои од оние кои донираа.
Доаѓаа луѓе кои донираа, но доаѓаа и луѓе кои кога видоа купишта облека па бараа нешто и за нив, кои имаа потреба од нова облека. Им верувам, и јас, и сите кои помагаа. Се гледаше по нив, по нивната облека дека навистина им треба помош. Сѐуште верувајќи во системот и организираноста на Црвениот Крст и разни други хуманитарни организации ги упатувавме таму. Но и тие едногласно нè уверуваа, дека немаат доверба во системот. Од искуство, велат.
Две идентични тврдења од две различни страни.
Не сакам да верувам дека е така. Знам дека не случајно се основани тие институции и здруженија, и дека таму не работат случајни луѓе туку хуманитарци, знам и дека има луѓе кои се спремни да дадат и даваат секогаш и сегде кога за тоа имаат можност. Сакам да верувам дека тоа е само поради тоа што и покрај големата желба да се помага, секогаш има повеќе луѓе на кои им е потребна помош отколку луѓе што даваат и помагаат. За жал.
Сакам да верувам дека само недостасува промоција, дека фали начин да се пласира информацијата до онаа група која треба да донира, и до онаа која треба да дојде на одредено место и да побара она што му фали. Знам и дека денес постојат милион можности за тоа. Знам и тоа дека често сме обвинувани како црква дека ништо не правиме на тој план. Знам и дека кога промовираме некоја хуманитарна акција, ако се појавиме на некоја слика, ако објавиме текст за тоа, некој ќе не опомене дека Господ Бог рекол: што дава десната рака, да не знае левата, дека е кажано: тоа што ти го признаваат луѓето на земјата, ти се брише на Небесата.
Но знам и тоа дека ако не ги заложиме сопствените авторитети, ако не покажеме личен пример, тешко ќе ни се поверува на збор, тешко дека ќе има одзив на повикот.
Знам и дека... Угоре високо - удолу длабоко.
Знам и дека хуманоста нема да се изгуби кај цела оваа дружина дури и кога би ги лишил Бог од наградата небесна поради благодарницата што ја добија, поради сликите на ФБ, поради лајковите кои значат признавање од луѓето дека добро дело направиле.
Ама знам и дека Господ не е ситничар кој поради некоја слика од настанот, благодарницата, лајковите и пофалните коментари нема да ги награди уште за време на животот сите оние кои со добра мисла не жалеа ни време, ни труд, ни средства за да помогнат онаму каде што е најпотребно.
Знам и дека уште многу акции ќе има...