1949-2013

Што им порача Тијаниќ на студентите?

На робустниот Александар Тијаниќ, новинар со угледна километража, можеше да му се фаќа кусур за многу работи: за неговите флертувања со глупи политички опции, за неговата бахатост, самољубие, шерифски стил на пресметка со неистомислениците... Но, овој негов говор пред студентите на политички науки е мастерпис кој мава директно меѓу рогови.

"Кои сте, бре, вие? Што е вашата генерација? Која е вашата песна?

Слоган? Што пишува на вашиот беџ? Кому му верувате? За што викате?

Против што сте, за што сте? Што менувате? Кои се вашите книги? На што се радувате? Кои се вашите идни класици? Која е причината на вашето постоење? Зошто сте на овој свет? Зарем се помирувате со судбината на генерации произведени во троминутна аритмична средба на несреќниот сперматозоид и расплаканата јајце клетка? Кому и што му отплаќате со ваквата судбина? Зошто се ваши долговите, кога вие не сте ги направиле? Зарем во вашата генерација Че го убил Фидел? Сакате ли генерациски да бидете проклети, безначајни, кусур на историјата? Да личите на нас?

Зарем погледот на целулитот на Ким Кардашијан е вашиот краен хоризонт?

Вашите хиперпалци развивани со СМС-и, вашиот Голем брат, Пахомије и Прељубниците, медиумски натурените идеално-типски идоли со истиот број на усти ко патки и со идентични вимиња пазарени од монотони Икеа полици; зарем тоа е сè што генерациски го можете? Што смеете? Овие предвоените, овие пред вас, ги виделе Битлси, Кенеди, Виетнам, Мухамед Али, 68-мата, Вудсток, децата на цвеќето, црните браќа, Брaндо, позата 69, Селинџер, нашата Златна палма, нобеловецот Андриќ, слетувањето на Месечината, Олимпијадата на Јахорина, транзисторот, Бил Гејтс, ТВ во боја, Мерилин Монро, компјутерите Комодоре, Дилан, крајот на СССР, Зоран Радмиловиќ, море, Маратонците, Шон Конери, Ѕвезда како првак на светот, смртта на Тито, далечинскиот управувач, крајoт на апартхејдот, нашата златна во кошарка, Џаиќ, Конкорд, Пикасо, првиот дел на Кум, це-де, падот на Белринскиот ѕид, Арсен Дедиќ, отварањето на Кинескиот ѕид, Бугарија во ЕУ, покриениот храм на Св. Сава, граѓанската војна и распадот на Југославија. Ја гледате ли разликата? Зошто се помирувате со неа? Зошто, неописливо млитаво, се согласивте после претходната, силициумска генерација, да бидете мутави силиконски потомци?

Утешно. За сега. Не сте вие виновни што сте такви. Ничија генетика не е толку лоша. Вас ве препарирале. Вие сте експонати. Заморчиња.

Најпрвин, комунизмот и долготрајната транзиција го уништија генерацискиот и поединечниот интегритет. Без интегритет нема личност. Без личност нема граѓанска храброст и одговорност. Без граѓанска храброст и одговорност, нема демократија. Конечно, недостатокот на интегритет и недостатокот на писменост даваат вакво српско новинарство. Српското новинарство потоа ентузијастично се вклучува во дресурата на српското јавно мнение, придонесувајќи на атмосфера во која е сè можно. Луѓето, заради радикалниот губиток на свест, дури и оној за личен интерес, во мнозинство се согласуваат и Србија повремено да ги заклучува капиите одвнатре. Се согласуваат нивните деца да им ги даваат на други да ги трошат како да не им се роднини. Се согласуваат од Србија да се граба како да е веќе мртва.

Се согласуваат или подмолно молчат кога со помош на крупни општествени дисторзии и ломови, секои десетина години, вршат принудни социјални промоции на неуки, неупатени, а послушни. Што е тука нејасно?

Таблоидната политика неминовно раѓа таблоидна економија, потоа таблоидна уметност, потоа таблоидно новинарство и, конечно, таблоиден живот со десет часа дневно хипнотизирање со телевизиска програма.

Каква и да е, да ја нема во Србија РТС, сите ќерки би биле како Стоја, а сите синови како заштитени сведоци. Не е случајност. Тоа е нечиј политички проект, се' во Србија да се сведе на вечни непродуктивни судири и исконска војна на нашиот Шојиќ и нивниот султан Сулејман.

К'смет, веројатно.

Можете да се спасите само поединечно. Со талент или р'мбање, сеедно.

Бидете подобри од другите. Подобри од нас. Искористите го овој хаос.

Проникнете во суштината на општественото диригирање, создавањето сеништа, укинувањето на секоја спонтаност или случајност. За тоа главно ви молчат. Парадоксално, никогаш не било полесно да се направи кариера во медиумите. Одвоите се себеси од масите со писменост и интегритет. Под услов да не сте мрзоволни. И да сте писмени. И да не ја чачкате суштината на системот.

Не е лесно. Сте ја избрале последната робовладетелска професија на свет. Секогаш зависите од некој уредник кој на вас ги лечи сите комплекси на својот, исто така беден живот. Секако, ги има и поинакви во оваа работа. Некои се мртви. Некои убиени, затоа што биле поинакви. Други тврдоглаво се држат до својата суета; заради себичност, болна желба да се издвојат, да бидат воочени, запаметени, влијателни - несакајќи го загрозуваат мирот, физичката сигурност и финансиската стабилност на нивните семејства.

За да разберете како функционираат работите за кои ќе пишувате, пожелно е барем јасно да ги видите. На Балканот секое богатство е, воглавно, плод на снаоѓање, непослушност, корупција, на Алцхајмер („не се сеќавам од каде ми се парите") или државна милост. Во средиштето на превртената општествена пирамида, која на глава ја држат губитниците на транзицијата и покојната средна класа, функционираат парите.

Големите пари. Десно од парите се партиите и државата. Во тој дел, речиси секоја групација во текот на мандатот прави повеќе за себе отколку за Србија. Лево од парите се училиштата, црквата и медиумите.

Десните го одржуваат постоечкиот поредок и страв. Левите произведуваат инерција, општествен консензус и илузија на движење кон подобро. Само што не сме стигнале. Корупцијата, под која ѕирка мафијата, ги поврзува - како некој отровен бршлен - сите спратови на пирамидата. Оваа шема важи за сите времиња, сите општества и сите системи. Единствено е прашање на густината на отровниот бршлен и на способноста на системот себеси да се одбрани кастрејќи го, само повремено, тоа украсно билје.

Ете, сега знаете зошто на сите им е така како што ни е. Сега знаете дека родителите не ви се виновни. Во најлош случај се само соучесници. Или барем сведоци. Или, насетувам, жртви.

Немојте снобовски да ја отфрлате важноста на печатените таблоиди или на телетаблоидите за менталното здравје на Србија. Тие собираат ѓубре низ Србија и го ставаат на екранот или го замотуваат во хартија. За разлика од многумина, би сакал секој богаташ да има сопствен таблоид.

Имено, уредниците на таблоиди се чесни луѓе. Тие ги напаѓаат само лицата кои се „уплатени", „типувани" и нарачани од газдите. Дури тогаш, во сеопштата медиумска војна на моќните, каде секој својот противник ќе го кодоши во јавноста и кај полицијата, ќе дознаеме се' за сите. Дајте ни уште таблоиди, ако и' мислите добро на Србија. Во нив, значи, е вистината. Делче по делче, па сами местете ги лего-коцките на откровението.

А сега клише: новинарите не се уметници, уште помалку историчари. Што би можел некој иден аналитичар на нашето време да дознае за денешна Србија и за нас, проучувајќи ги тукашните весници? Што би заклучил за нашата култура, економија, писменост? Дали ќе верува дека сме секта, племе кое работело против себе, сеèдодека тоа не ни пошло од рака?

Ние сме писари на сегашноста. Затоа, со ретки исклучоци, живееме во своето време и исчезнуваме со него. Неповратно, затоа што така треба.

Нека крене рака секој од присутните кој чул - не читал, чул - за Веселко Тенџера. Никој? Добро. Беше најдобар новинар на своето време, седумдесетите, во голема Југославија. Да ве прашам кој го читал Тирке (Богдан Тирнаниќ, заб.прев.), ќе се јават десетина. Има ли смисла да ве прашувам за Винавер?

Нема? Не се осмелувам да кажам - има ли некој присутен, кој прочитал некое мое текстче? Сигурен сум дека нема, затоа што би се препознале по обостраниот неадекватен изглед, однесување и дизајн. Затоа, во текот на три децении, сум сведуван на изложбен примерок на многу лош пример. Затоа сум денес тука. За вие да не бидете вакви. Морам да признаам, финалниот удар ми е зададен неодамна. Имено, неотповикливо е одбиена мојата молба да станам член на Фејсбук.

Колеги, можеби со овој разговор ви го забрзав созревањето. Можеби ве заплашив. Но, не ве лажев. Не ви се упикував. Искрено, би сакал генерациски да ме демантирате во секое тврдење. Некои меѓу вас знам дека ќе го сторат тоа. Талентот е несовладлива природна сила. Наспроти уредниците, троскотот, обратната пирамида и транзицијата. Или ќе успеете, или нема да ве има. Немојте да бидете воочлива генерација, затоа што стоите на планина непрочитани книги.

Би благодарам што ме поканивте да зборувам во школа чиј студент сум и денес".

*Обраќање на Александар Тијаниќ на студентите на Факултетот за политички науки во Белград. Извор: Време

10 ноември 2012 - 11:27