Само зашто останав подзината кога ја видов Летиција Каста на свеченото отворање на филмскиот фестивал во Венеција, а истовремено сакав да избегнам да зборувам кој како и зошто се облекол годинава, најдов совршен компромис: најпосакуваните жени во изминативе десет години во ред карпет секси пози.
Ова е мојот избор.
Моника Белучи во 2002 на 59-тиот филмски фестивал му го предава златниот лав на Дино Ризи, за многумина страшно секси пример за медитеранска "овер" убавина. Обично или многу секси или отрцана, зависи како станала од сабајле.
Рејчел Вајс на премиерата на Тhe Constant Gardener на фестивалското изданието во 2005, пробува да си ја собере опашката на фустанот покажувајќи ја сопствената Б страна. Веројатно мажите би биле покреативни од мене во коментарот.
Гаја Бермани Амарал во 2006 на премиерата на The Black Dhalia. Судете вие, јас немам коментар.
Никол Кидман на 61 издание во 2004 пристигнува на промоцијата на Birth. Фотка која го прошета светот и може да им послужи како потсетник на оние кои не разбираат дека нема потреба да се соголат, да стават штикла петнаеска, мрежасти хулахопки или пола гради надвор за мажите да се завртат по улица.
Во Версаче маслинка боја на филмскиот фестивал во 2007 неодоливата Шарлиз Терон фатена "случајно" во поза за Пет плус.
За многумина е секси, ама јас не и го наоѓам сексипилот: Анџелина Џоли и Бред Пит во 2007 на премиера за The Assassination of Jassie James. Да не беше ѓерданот од бисери кој за мене останува секогаш најженствениот накит и татоважите кои во случајов му даваат вредност на голиот грб, ќе поминеше сосема незабележана. Најсекси на цела фотографија е - гушкањето.
Вади бутки: Ен Хејтавеј на премиерата на Rachel is getting married во 2008. Безобразен клик кој сигурно не и еден од омилените на Ен. Мене сепак, белата кожа ми е секогаш неодолива.
Најфотографирана на фестивалот во 2008: Елизабет Харли за време на премиерата на The Last Emperior. Перверзно секси за мене, не знам за вас.
Подобра е кога не позира: Ева Херцигова, прoшетка по ред карпет во 2008.
Оскарите не простуваат лапсуси, но во Венеција се е можно. Дајан Кругер во панк рок верзија во 2009 на фото сесијата за Mr Nobody.
Пак бели ноџиња на оптег: Иван Рејчел Вуд на премиерата на The Ides of March во 2011.
Минатата година критикувана за стилот, Кејт Винслет во припиен лонгет фустан за време на премиерата на Carnage на Полански. Не знам точно од кога ми се засвиѓа Кејт Винслет. Веројатно од кога прочитав дека за неа жена што носи панталони триесчетворка, не е жена.
Ако треба да одберам на која слика да подзинам годинава, тоа ќе биде дефинитивно на Летиција Каста која првата вечер се појави во Долче Габана долг чипкан фустан видиш - не видиш. Не постои никаква голотија, нема цицки пред нос, нема кратки здолништа, а сепак, да се вратам на муабетот од претходно за Никол Кидман, безобразно секси. Новитетот е - ако забележавте - никаков накит.
Нема да завршам со некој глуп заклучок за што е и што не е секси, дали сакате газлести, цицлести, разголени, суви или месести. Како ви одговара вам, така. За мене е доволно да не спијат во пижами.
Прошарав низ минатава деценија, а ако некого пропуштив, не ми се лутете зашто само што престана да врне и за да си го разбијам долгово попладне, во тотален секси муд, ќе ве трампам за шопинг на есенски долен веш. Или можда некој нов партал. Зависи колку расположенија ќе сменам по улица.
Во исчекување да видиме кој ќе си го однесе дома Златниот лав ви посакувам секси тајм, драги читателки и читатели зашто зимата допрва треба да дојде.
Емили, Италија