Од каде си? Од исток.

Првиот пат мислев дека е комплимент. После се подзамислив. По некое време сфатив дека "Жена од исток" најчесто се употребува во негативна конотација. Се однесува на жени кои за нив се неписмени и невкусно облечени. Чистачки, бебиситерки, а кога се помлади, курви. А од помладите, Италијанките се мочаат од страв.

Веројатно е вистина дека многу лој од поранешната СССР дошол тука. И сигурно многу од нив дошле да си го најдат чарето како знаат и умеат. Не знам јас како е да си роден во некоја романска периферија во времето на Чаушеску или како е да живееш во молдавко село. Зашто на кој му било погодено сигурно не дошол овде да ринта, да чисти вециња или да се курва. Ама ете, нив таква им била судбината. Секој со своето.

За да се одбранат од цело јато на прекрасни жени, со славјанска убавина, со долги нозе и меки раце кои многу често се пописмени од колку што се мисли, имаат завршено факултет или два, го читале Достоевски во средно и зборат по 3 јазици во просек, Италијанките измислуваат "моден речник на невкусот" кој ја прогонува жената од исток.

Ако на пример треба да се опише некоја која е многу невкусно облечена се вели "Облечена е како Молдавка".

За чевли на кои пишува Прада со златни букви, нема сомнение, тоа се " Ствари за Руси".

Ако некоја е лошо ишатирана се вели дека е како Румунка.

Еднаш некој, за една Пољакиња многу ноншалантно кажа "Ах, облечена беше како бугарски циркузант".

Ете, сè што е поврзано со модна некултура, сè ни е припишано нам, без пардон. Велам НИ е припишано зашто за нив сè што има плава коса, светли очи и долги нозе е од исток. Oд каде, не се знае точно. Од исток де! Студентки, интелектуалки, фризерки, сељанки или курви, сè во ист кош. Еднаш, на прва на факултет, еден дечко ме праша од кај сум.

Емили: Од Македонија

Дечко: Ах, од Македонија.

Емили: А знаеш каде е Македонија?

Дечко: Па во бивши СССР!

И ич не му е гајле, си фура он свој филм, убеден каде е Македонија. И јас не се обидов да го исправам. На почетокот се обидував дa бидам прецизна со координатите. После некое време за да бидам поконцизна, почнав да викам дека Македонија е во бивша Југославија. Ааах, значи блиску до Словенија? Не. Не баш. На крајот, оваа географска неписменост ме зезна. Сфатив дека ако не сакам да влезам во полемика, најлесно за нив е да кажам дека е над Грчка. И голтам кнедла секој пат.

Кога некој сака да биде многу духовит, ја вади од џеб најглупавата фора у свет. (Отварам заграда, Мачедонија на италијански значи овошна салата, исто Мачедонија, е Македонија затворам заграда.) Па глупи момци кои се сметаат за духовити обично викаат: "Каде е Македонија" Во фрижидер! Хахахахаха Сами си се смеат, а јас кимнувам со главата со насмевка од типот "кај налетав на ваков дебил" и автоматски гo класифицирам под "идиоти со тапија".

После многу години престанав да се објаснувам, да раскажувам, па нек си седат со нивните убедувања и во нивниот простотилук, што ми е мене гајле. Оперирана сум од национализми од било каков вид и многу поубаво живеам, ама кога треба покажам што е жена од исток, со мала доза на лошотилук, пуштам руси коси, вадам нога со мини фустанче и штикла 12. Ништо вулгарно, само сосема доволно за Италијанките да пукнат од мака, а Италијаните да се здткаат. Зашто ние "сељанките" од исток можеме да им држиме часови по женственост. А богами и по географија.

Не дека сакам цело време да ги брукам Италијанциве, ама еднаш во летото 2006 за време на Светското првенство во фудбал, ми се деси и ова. Излезена јас на скоро-дејт со еден дечко. Прв пат.

Па Емили, раскажи ми каков е животот во Месопотамија?

Наеднаш почна да ме боли глава, да ми се врти, да ме фаќа мачнина во стомак. За среќа му немав дадено број.

 

Емили

emabela@yahoo.com

25 април 2012 - 14:39