У обид да се преправам дека не го делам нашево секојдневие, читам немакедонско. Читам амерички списанија, учам француски со поедноставени текстови и слушам италијански песни. Работам, му градам на мачето куќичка од перници, а во банка го благословувам триџито што ми овозможува да не морам да пратам све околу мене. Хајднувам на Фејсбук морони, се чувам од гледање како луѓе млатат празна слама на телевизија, и со секој нареден обид да продискутирам во каква ситуација се наоѓаме, гледам дека се повеќе одам во ќорсокак, па налево круг и назад, ајмо, списанија, француски, италијански, работа, маче.
Ама човек не може да живее сам.
Може, ама мора да оди до продавница, до кафана, до пошта, на работа... Таму мора да среќава луѓе, да направи муабет. И нонстоп да слуша што направила Партија Еден и како тоа ќе го реши Партија Два. Како луѓето си одат. Како некој не знаел кој е Ентони Хопкинс. Како пропаѓа државата. Како не пропаѓа државата, ќе видиш ти на 24-ти април. Кој ви е тој Black. Како се масоните криви.
Си викаш, сеа ќе пукнам.
Пушташ радио, начекуваш македонска музика. Слушаш ноти склепани од гз и текстови за традиционални вредности што никого не интересираат, освен луѓето со кои што ич нејќеш да се познаваш. Гасиш радио. Пушташ Јутјуб. Пушташ God's gonna cut you down. Зјапаш. Баш кога е во кадар Иги Поп (кој беше Иги Поп?) доле се појавува реклама „Брз кредит, само два часа, без жиранти" и те враќа назад со позамашно трескање. Затоа што сега така живееме.
Стишани се инспиративните локалци, и на секој еден таков има по три (или десет?) шупелки, што заедно со нивните колеги ствараат зомби апокалипса од изместени вредности.
-Еј, имаше вчера документарец за Химлер, гледаше?
-Ух, не знам, цел ден гледав Парови.
Океј, значи, се осеќам како да треба да се затворам во планинска куќичка, да извадам шмајзери на секој прозор и како ќе доаѓаат зомби, да ги пукам за да не ми напраат „брејнз“.
ПАРОВИ. ПА-РО-ВИ. Неколку ултра-паметни бизнисмени што совршено го познаваат локалниот менталитет, помогнати од разни државни врвови, успешно држат во заложништво еден тон народ, секој ден, цел ден, пуштајќи им снимки од нечија туѓа кафана. Тоа е како сега да одиш во кафана и да застанеш до некоја маса каде што некој шупак кажува како е увреден од уште поголем шупак од него, притоа сите петнаесет шупаци на масата се дерат во исто време, и ти втренчено гледаш кој шупак ќе каже појак аргумент, а аргументите - не може поглупи. Е, така.
Ама народ гледа. И нека гледа, јас не одлучувам кој како се забавља. Само што, се нервирам дека ми снемува луѓе за муабет. Со тие малку луѓе што уште правиме муабет, многу често се сведува муабетот на „приметуеш ли како нема со кој да напраиш муабет?"
Е, тоа е страшното. Дека ќе се најдеме и ќе се потапшаме, ќе се пожалиме како се наоѓаме во една „Сакате ли војна" на улица, каде што они се говеда од по два метра, унакрсно фатени за раце, четириесет души, од големите, а ние имаме по 11-12 годинки и сме четворица. Нас ќе ни се придружат уште еден-двајца, а они викаат уште, и од другите населби. И се јачаат како говеда какви што се, им чади од нос, силни се, многу се, организирани се.
Само не можам со сигурност да тврдам дали до крај важи аналогијата. Дека играта се состои во тоа ти да се обидеш да ги пробиеш, ама увек трчаш сам. И ако не ги пробиеш, стануваш дел од нив?
И тоа е страшно.
Затоа, ќе видиме. Работа, француски, италијански, маче, филм.
Ве оставам со една симпатична ствар што ја прочитав на еден СТРАНСКИ блог. Да парафразирам, вика, во еден момент, се почувствував безнадежно, тупо, тажно, отруено. Долго се бавев со непријатни работи и решив дека единствено решение е да се опкружам со убавина и уметност.
И јас викам, уметност е уметност, а убавина може да биде сè што вас ви се чини такво.
И тоа е ЕДИНСТВЕНИОТ начин.
Со љубов,