Протестите во македонскиот главен град против таканаречениот француски предлог, кој треба да ги одблокира пристапните преговори на земјата за членство во ЕУ, влегоа во втора недела. Демонстрантите не само што не се откажуваат, туку и добиваат на бројност и мобилност. Веќе поставија шатори пред Собранието за да бидат цело време присутни додека предлогот не биде отфрлен. И нивната креативност не е спорна, ако се суди по перфомансот со француска гилотина на која беше испишано „Француски предлог“, што може да се толкува на два начина: како обезглавување на македонската држава и нација доколку предлогот биде прифатен, но можеби и како алтернативен став: гилотина го чека оној што ќе потпише и ќе го прифати францускиот предлог.
Дали некој уште се сеќава дека одамна, на 21 јуни 2003 година, ЕУ одржа Самит за Западен Балкан во Солун? Таму и тогаш земјите од Западен Балкан добија јасна перспектива дека се идни членки на ЕУ. Меѓу другото, во Солун се разговараше и за датумот на оваа голема експанзија: прво беше закажана за 2014 година, за 100 годишнината од почетокот на Првата светска војна, како симболично потсетување дека во овие области започна голема војна. Колективното членство потоа беше продолжено за четири години, за 2018 година - за стогодишнината од крајот на Првата светска војна.
Од самитот во Солун се одржаа уште десетина самити за Западен Балкан, но за чудо, никој не се запраша зошто планираното проширување во Солун во 2003 година не се исполни ниту во 2014 ниту во 2018 година. Со такво искуство зад себе, на 110-годишнината од почетокот на Првата светска војна, во 2024 година, пореално е да се очекува дека ќе избие нова светска војна отколку дека Македонија некогаш ќе стане членка на ЕУ.
Од каде тогаш таа еуфорија на македонската влада дека, по промената на името, Македонија со прифаќање на францускиот предлог ќе влезе во сигурна процедура за полноправно членство?
Земајќи ги предвид досегашните искуства на Македонија со сите одлуки на Советот на министри на ЕУ, оваа мала балканска земја се наоѓа во бизарна политичка ситуација, да оди на пазар да тргува, а притоа да инвестира нешто (претходно го смени името на државата, а сега и другите национални и државни атрибути на суверенитетот), за да добие нешто друго - членство во ЕУ.
Секој трговец ќе ви каже дека тоа е нереална трговија, каде што нешто продавате и не добивате ништо за возврат, освен ветување дека еден ден можеби ќе ви биде платено тоа што сте го продале.
Така резонира обичен трговец. Но, дали во македонската влада има кост-бенефит анализа која би покажала дека со промена на името и сегашното прифаќање на францускиот предлог, државата ќе добие и ќе биде платена за тоа што го продаде - сигурен влез во ЕУ? А што ако завршната сметка покаже дека ќе бидат во загуба - можеби ќе почнат преговори, но без гаранција за влез? А името е веќе сменето, националните и државните атрибути на суверенитет се дискредитирани или укинати. А враќање назад нема.
Дури и најповршна анализа на методологијата на управување и држење во покорност на државите во регионот од страна на западните дипломати и ЕУ бирократите покажува дека таквиот исход е сосема реален. Пред државите се поставуваат невозможни барања, кои навлегуваат во нивниот суверенитет и од нив се бара да преговараат и да прават компромиси, иако се тоа работи за кои ниту една држава што држи до себе не би преговарала. Токму тоа му го прави Западот на Западен Балкан во изминатите триесет години: прво, Македонија мораше да преговара и да го смени името на државата, а сега треба да се обезличи со францускиот предлог. Србија да преговара и да се откаже од својата територија во дел од Косово, а во Босна се бара од (српскиот) ентитет да се откаже од правата што му припаѓаат според Дејтонскиот договор, под изговор за градење на некаков имагинарен граѓански концепт на државата, што всушност претставува мајоризација на муслиманите врз Србите и Хрватите. И сето тоа треба да се направи доброволно.
Со такви непристојни барања за компромис, Западот добива пет во едно:
1. Ви дава лажна надеж за членство во ЕУ.
2. Западен Балкан се симнува од дневниот ред на подолго време.
3. Не мора јасно да ви каже дека нема намера да ве прими во нивниот клуб.
4. Сето тоа време може комфорно да владее со регионот.
5. Не ви дава да барате алтернативни перепсктиви откако ќе ви стане јасно дека понудата за членство е само фиктивна. Народски кажано, угоре високо, удолу длабоко.
Производство на согласност
Западниот пристап во кој земјите од Западен Балкан се принудени да прават компромиси за прашања за кои не може да се преговара, во дипломатијата се нарекува „производство на согласност“, што прв го употреби политичкиот коментатор и татко на модерното американско новинарство, Волтер Липман. Производството на согласност значи дека државата (Липман зборува за „збунето стадо“) се изложува на притисок, закани (да, и со војна), нон-пејпери, дипломатско „убедување“ да се попушти и да се даде согласност на испорачаното барање. Кога тоа ќе се случи, тогаш западните дипломати ќе ве потсетат дека самите сте прифатиле компромис и дека немате право да му се лутите на другиот, што формално е точно, но во суштина е многу гаден и лицемерен дипломатски манир. Со таквиот пристап покажуваат дека не те сметаат ни за племе туку за стадо - притоа збунето.
Она што ЕУ го бара од Македонија е токму тоа - притисок за производство на согласност, што една сериозна држава би го протолкувала како повод за војна. Значи, за едни тоа е компромис и перспектива за светла иднина во ЕУ, а за други е casus belli.
Во својата кратка историја на независноста, Македонија веќе двапати прифати промени на Уставот под воена закана и политичка уцена - првиот пат во 2001 година во конфликтот со Албанците, вториот пат во 2018 година, под притисок на Грција го промени име на државата, трет пат е сега, под притисок на Бугарија. Ако и сега прифати, сигурно ќе има четврти, петти пат ... Затоа земјата е доведена во ваква ситуација - ЕУ не може да ве понижи колку што можете да прифатите, а вие сè уште сте на почетната позиција, односно морковот е само чекор пред вас - магарето.
Што ако предлогот се прифати а што ако се отфрли
Знаејќи за македонската упорност во самопонижување, ЕУ сега е во победничка позиција, што и да реши Скопје. Доколку го прифати францускиот предлог, долгорочно ќе влезе во спирала од нови уцени, најави, очекувања, ветувања, сè со цел да не се постигне крајната цел - Македонија во ЕУ. Тоа е апсолутно сигурно, бидејќи францускиот предлог е напишан со таква дипломатска лингвистичка акробација што може да се толкува како кому му одговара, па и на линија на уверувањето на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи дека со овој предлог се штитат основните национални и државни интереси.
Но, кога ќе дојде време за имплементација на напишаното, извесно е дека ќе се применат толкувањата што ќе ги даде Софија, под закана со вето кое постојано ќе демне доколку нивното толкување не биде прифатено.
Тогаш, според софиското толкување на предлогот, Скопје треба да признае дека Македонците се народ-дериват од Бугарите, создаден во 1945 година, како производ на комунистичкиот инженеринг. Историјата на македонскиот јазик ќе треба да се прифати според бугарските толкувања дека е идиом на бугарскиот литературен јазик. Учебниците по македонска историја и македонски јазик ќе треба да се испраќаат на рецензија во Софија пред да се користат во образовниот процес. Бугарското малцинство, кое на последниот попис е во рамките на статистичка грешка, ќе мора да биде запишано во уставот на земјата. Секој негативен коментар на обичен граѓанин против бугарската држава и нација во јавниот дискурс или на социјалните мрежи ќе треба да се оквалификува како говор на омраза и кривично да се санкционира, што не ја исклучува заканата со затвор. Бугарското присуство во Македонија за време на Втората светска војна во учебниците по историја нема да се толкува како окупација туку како администрација, а на спомениците на Македонците убиени од бугарската војска ќе треба да се избрише дека тоа го направил бугарскиот фашистички окупатор.
Доколку прифати ваков француски предлог, Македонија ќе влезе во орвеловска реалност, во која историјата ќе се ретушира, јазикот ќе се моделира како резултат на политичката надмоќ, а слободата на говор ќе влезе во сива зона, под постојана закана од прогон и казнување.
Ако пак, францускиот предлог биде одбиен, тоа повторно ќе биде кец на десетка за ЕУ, бидејќи вината за неотпочнување на преговорите ќе се префрли на Скопје, а не на нивниот предлог, кој е невозможен да се прифати. На овој начин ЕУ долгорочно ќе ја стави надвор од своето видно поле Македонија со алиби- некооперативност на Скопје. Оваа шизофрена состојба би можеле да ја наречеме „производство на вина кај невиниот“.
Конечно, доколку прифаќањето на францускиот предлог се оцени како нужно зло и се прифати под принуда, поради неизвесноста дали и ова зло ќе произведе некакво добро, најдобро е кога се пристапува кон промената на Уставот, во Преамбулата да се вклучи објаснување дека промената на Уставот доаѓа од „желбата“ на македонските граѓани за членство во ЕУ. Неисполнувањето на таа желба во реално и предвидливо време би значело дека во иднина имате бек-ап да ги ресетирате работите на претходното ниво.