Италијанската адвокатка Албанезе тврди дека основа за новиот бран токсични и лични напади врз неа е лажно пренесена изјава во која наводно го нарекла Израел „заеднички непријател на човештвото“.
Албанезе всушност кажала: „Ние како човештво имаме заеднички непријател“. Подоцна самата објасни дека мислела на „системот што го овозможил геноцидот во Палестина, вклучувајќи го и финансискиот капитал со кој се финансира, алгоритмите кои го прикриваат и оружјето кои го овозможуваат“.
Врз основа на изјави што никогаш не сум ги дала, три европски влади ме обвинуваат со енергичност каква што никогаш не користеле против оние што за 858 дена убија над 20.000 деца, изјави Албанезе, алудирајќи на жртвите на израелската воена операција во Газа.
Германија, Франција и Италија побараа нејзина оставка. Шефот на германската дипломатија Јохан Вадепул изјави дека претставничката на ОН „не смее да ја задржи функцијата“, а неговиот француски колега Ноел Баро ја обвини за „скандалозни забелешки против Израел, кои се за осуда“.
Провокациите на Албанезе бараат само еден одговор: нејзина оставка, изјави Баро пред Националното собрание.
Баро веднаш доби поддршка од амбасадорот на САД во Париз, Чарлс Кушнер, кој ја критикува Франција дека не се бори доволно силно против антисемитизмот. Француската мисија во ОН во Женева, сепак, подоцна го повлече повикот и истакна дека Баро „изразил личен став“.
Мисијата на Израел во ОН испрати протестно писмо во кое ја обвини италијанската адвокатка дека го прекршила кодексот на однесување.
Иако има мандат од ОН, таа фундаментално го поткопува кредибилитетот и моралниот авторитет на Обединетите нации, се наведува во писмото.
Обединетите нации ѝ изразија поддршка на Албанезе, чиј мандат како специјален известувач завршува во 2028 година.
Многу сме загрижени поради тоа што претставници на ОН, независни експерти и судски претставници се сè повеќе цел на лични напади, закани и дезинформации што го одвлекуваат вниманието од сериозните прашања за човековите права, изјави портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права, Марта Хуртадо.

Албанезе веќе е под санкции од САД, кои ѝ ги блокираа сите сметки и кредитни картички откако во извештајот заклучила дека израелската операција врз Газа претставува геноцид. Нејзиното семејство, кое живее во САД, завчера поднело тужба против администрацијата на Доналд Трамп, со барање за укинување на санкциите.
Изразувањето на нејзините ставови за фактите, онакви какви што ги констатирала во израелско-палестинскиот конфликт... е заштитено со Првиот амандман. Во суштина, овој случај се однесува на тоа дали САД може да санкционираат некое лице, да го уништат неговиот живот и животот на неговите најблиски, вклучувајќи ја и ќерката која е државјанка на САД, затоа што не се согласуваат со препораки или се плашат од нивната убедливост, се вели во тужбата.