Британската служба за мониторирање на рекламите го забрани ТВ спотот за аналгетикот Нурофен заради заведување на корисниците дека тој има специјална моќ во однос на болката. Ваквата одлука се смета за пресвртна точка во начинот на кој компаниите смеат да ги рекламираат своите општи аналгетици.
Во сосема независен процес, австралискиот федерален суд го казни производителот на Нурофен, фирмата Рекит Бенкисер со 1,7 милион долари заради манипулацијата дека тој производ знае да 'нишани' на посебни болки како што е мигрената. Австралиската комисија за конкурентност и заштита на потрошувачите побара отштета од 6 милиони долари.
Претходно оваа британска фармацевтска компанија беше опоменета да престане маркетиншки да сугерира дека нивните производи имаат некаков специјален механизам по кој ја лоцираат местоположбата на болката.
"Продуктот се апсорбира во стомакот и преку крвниот систем се дистрибуира насекаде во телото, не постои механизам по кој супстанците од производот активно го бараат изворот на болката, без оглед дали е тоа глава, нога или грб," потсети британската агенција за стандарди во рекламирањето.