Се споделуваат линковите од настаните. а коментарите варираат, од чудење, до осуда и воглавно прашањето "зошто баш најдобриот, најдобрата, најдобрите"...
Го знаев Гоце од бебе, го знаев и Горан кој минатата година на истиот датум загина, и другар ми Сашо кој замина пред три години. И малиот Андреј кој машки се бореше со опаката болест и ја изгуби битката, и малку повозрасниот Глигор кој во втората битка се предаде, и Михаил, и Мише, и Тоше, и моите родители. Сите добро ги познавав. За сите нив знам дека навистина беа добри луѓе. Тие беа предобри.
И не само јас, туку и секој што познаваше некого од нив, ќе каже дека беа добри, дека беа најдобри. Но заминаа. Сите пред време заминаа. А јас верувам дека заминаа онаму каде што одат добрите.
Насекаде има добри луѓе. И овие кои јас ги споменав беа добри. А некои луѓе се добри во бизнисот, некои во политиката, некои во науката, некои во уметноста, некои се добри гејмери. Но преку последно набројаните, некако станува појасно зошто играта им е предизвик, и зошто најдобрите најбргу стигаат до целта.
Ако некогаш сте играле виртуелна игра, тогаш сигурно знаете...
Играта има почеток, појаснување како се игра и секако крај, односно цел. И логично...Би играле ли ''гејмерите" игра која нема смисла, односно игра нема крајна цел?
Секако дека не.
Па страста кон играта е што побрзо и пред другите да стигнеш до целта, со што подобар резултат.
И така... Грабиш кон целта, но имаш препреки. Се обидуваш повеќе пати на една иста препрека, стекнуваш рутина и продолжуваш. Ако не оди, бараш помош, бараш објаснување како да поминеш. Имаш можности да минеш - од овде или од онде.
И почнуваш од љубопитност да експериментираш. Често се колебаш, бидејќи само еден е вистинскиот пат. По другиот пат- губиш живот. Но имаш нов. Обично по три или по пет ''животи", зависи од играта. Можеш и да стекнеш нов живот низ играта на одреден број поени или собрани бонуси, нели?
И така во некои игри, како што се развива играта, така можеш да менуваш и оружје, да собираш повеќе поени, полесно да минуваш, и на крајот стигнуваш до целта. Дали ќе добиеш медал или пак бакнеж од принцезата, или пак ќе можеш да се потпишеш кога ќе го срушиш рекордот, а во поново време и можност да го споделиш на ФБ резултатот јавно, сеедно е. Битно е да се стигне до целта за сатисфакција. Оној што ја создал играта ја предвидел и наградата. А до целта и до наградата најбргу стигаат само најдобрите.
Како и во игрите, така и животот има почеток (раѓање), појаснување за правилата на игра (животното искуство и моралните вредности) и крај, односно цел (смрт, односно населување во животот вечен, барем според мноштвото религиии, вклучувајќи ја и нашата православна).
Би се труделе ли луѓето да останат во живот ако нема во него смисол, односно ако нема крајна цел?
Страста за живот е онаа које нѐ држи во живот, стравот од неизвесноста што после крајот, што после смртта, но и надежта дека има награда на небесата за она што сме го преживеале на земјата. Тоа нѐ држи во живот и нѐ прави храбри борци кои се борат за подобра награда, која пак зависи од резултатот, односно квалитетот на животот. И волно или неволно, грабиме кон смртта.
А додека трае играта, односно животот, се јавуваат препреки кои со црковна терминологија ги нарекуваме искушенија.
Многупати паѓаме во искушенија, кои ако повеќепати ги повториме - стануваат страсти и не ни даваат лесно и брзо да чекориме низ животот. Некои од нив нѐ влечат кон провалија. Постојано паѓаме, никако да тргнеме нанапред. Бараме помош преку покајание и исповед, се растеретуваме и пак сме во игра. Но, пак и пак, од човечка љубопитност- често грешиме и паѓаме. Секое паѓање е како во играта -- губење живот. Но нѐ очајувајте. Секое покајание ни е можност за нов живот.
Сепак...
Во реалниот живот имаме многу повеќе можности за покајание отколку во игрите животни. Ако се вооружиме со морални доблести и искуство низ животот, ќе постигнуваме подобри резултати во духовниот живот.
И на крај стигаме до целта.
Секој стига до смртниот час. За нас кои веруваме во Бога и во наградата што е предвидена од Него на небесата, значи дека сме стигнале до целта. Ако креаторот на играта е оној кој ја одредува наградата, така и Творецот на животот е Оној кој ја одредува наградата. Уште веруваме дека човекот се сели на небесата кога има најмала осуда, кога е најспремен. Затоа не е чудно што најдобрите први стигаат до целта, што први ја примаат наградата небесна и животот вечен.
Креаторите на видео игрите ги сакаат добрите гејмери. Ги сакаат мајсторите на играта, а сите ние ги сакаме добрите. Веројатно и Творецот на животот ги сака добрите луѓе. И затоа...
Почивајте во мир мои мили мајстори на играта наречена живот. Уживајте во наградата која ја стекнавте на небесата. Убавите спомени на вас ќе ни ја ублажуваат болката од вашето отсуство.
А ние?
Ние од вашето искуство ќе се поучуваме како да стигнеме до целта, како и ние да станеме мајстори на играта.