Едно октомвриско утро 2017, жена седи покрај болничкиот кревет на нејзиниот татко. Собрано е цело семејство за да бидат со нивниот човек за кој лекарите им соопштиле дека веројатно ги живее последните часови од својот живот.
Во некој момент, жената решава да провери нотификации од интернет, ја гледа онаа од CBS и „дознава“ дека татко ѝ, оној кој лежи жив покрај неа - починал!
Таткото е Том Пети, кого поради незгасливата потреба на публиката од информативни дразби и незгасливата потреба на медиумите да се биде прв, глобално го прогласија за мртов седум часа порано.
Интернетот одамна се фати на орото на интернет економијата која те тера да објавуваат што побрзо, што поемотивно и што почесто. Во таа брзина да се биде прв (што пак кај нас е секундарен проблем бидејќи најметастазирани се лешинарите кои ги чекаат првите, за да им удрат копи-пејст), медиумите ја губат својата битна мисија, да им помогнат на читателите да го разберат овој заебан свет.
Новинарите знаат дека да се погреши е неизбежно во работата, но едно побавно и помирно темпо од она во кое залауфани, сигурно би помогнало. Новинар на CBS од извор во полиција слушнал дека Пети починал, куката побрза тоа да го твитне и за неколку минути, цел свет „знаеше“ дека рокерот се одјавил. Да не беа социјалните мрежи и CBS да требаше само да се подготви за вечерните централни вести, или пак новинарот да пишуваше за утрешен весник, оваа вест сигурно ќе била проверена. Но заради општата зависност од нови дози допамин, фалшливата вест била пуштена како една во непрегледната листа „вонредни вести“.
Парадоксот на ваквата лажна итност е дека луѓето читаат сè повеќе зборови и сè повеќе време минуваат читајќи, а завршуваат со многу помалку јасност, контекст и разбирање.
Всушност, ако некогаш ќе решите да прочитате „сè од денеска“, на крај гарант ќе заборавите што било вчера. Дури и најдобрите медиумски брендови се под постојан притисок рафално да исфрлаат содржини, бидејќи ако се застане, конкуренцијата едноставно ќе ги преклопи.
Интернетот е неограничен простор кој „треба да се пополни“, медиумите се плаќаат по импресии или број на видени страници и тие факти го диктираат темпото да се штанцаат што повеќе содржини, а содржините да бидат што побрзи и што повознемирувачки.
Баш е греота кога во тоа брзање ќе се поремети семејство кое е собрано околу болниот како во примерот погоре, но кога ќе се одзумира и погледне големата слика, тоа е само мал пример за тоа како новинарството сè помалку служи за пренесување информации и знаење а сè повеќе се сведува на „мајсторијата“ кој ќе направи поефикасен ремет. Секоја веб адреса е очајна за вашето внимание и зборовите што се користат - вонредни вести, шокантно, невидено, ексклузивно, бомба, атомска, нуклеарна, термонуклеарна бомба - се само една од алатките за искамчување кликови.
Видете ги „вонредните вести“ и на големите странски куќи, ретко која вонредна вест не би можела да причека до вечер или утре. Некогаш овие важни сигнали деа се има случено нешто важносе изгубија во баналноста од пречестото користење. Дозволете си некаков информативен пост од два-три дена во кој ќе проверувате што се случува наоколу само еднаш дневно и ќе сфатите дека животот тече и без константната интернет инфузија.
Затоа е и Офф.нет, место кое е замислено да им се најде на оние кои сфаќаат дека за да бидеш во контакт со себе, треба понекогаш да се исклучиш од „срањето“ и за да можеш да го слушнеш својот глас, треба некаде да се тргнеш од „бучавата“.
Оваа вест е ок пример за тоа. Наместо ваков чаршаф од статија, во истото време можевме да наштанцаме барем пет други содржини, а вие, наместо да дојдете до овде со читање, можевте да прелистате барем 20 други.
Тогаш зошто и ние и вие го правиме ова?
Затоа што ни се може. А тоа не е малку. Тоа „ни се може“ е вистинскиот луксуз во овие „масовни“ времиња.