Нешто не е во ред со таа глупост. Ортодоксните Дарвинисти, 150 години од објавувањето на клучното дело Потеклото на видовите своевремено би можеле да се кладат дека глупоста ќе заврши како и опашката кај човекот – ќе отпадне како непотребна.
Затоа што механизмите на еволуцијата (мутација, генетски дрифт и природна селекција), требаше да бидат немилосрдни и низ борба за опстанок, од генерација во генерација да ги елиминираат оние гени кои се манифестираат во особини недоволно прилагодени на опкружувањето, за постепено да ги трансформира организмите во поуспешни, подобро адаптирани и конечно, поинтелигентни.
Зошто тогаш глупоста не исчезна под притисокот на селекцијата?
Заради цивилизацијата. Развојот на човечките општества го прави преживувањето полесно и го слабее влијанието на надворешната селекција. Оваа "кратбриева хипотеза" дека човечкиот вид станува се поглупав со текот на развојот шармантно ја има обележано филмот на Мајк Џуд Идиократија од 2006-та.
Но, таа хипотеза (глупите ги има се повеќе затоа што повеќе се репрoдуцираат од паметните па вториве ги снемува) знае да води кон прилично невкусни еугенични заклучоци чии ужасни примени сме ги виделе во историјата.
Добри вести: има доста модерни истражувања кои покажуваат дека IQ-то на луѓето низ историјата не само што не опаѓа туку и расте (иако уште стои демографскиот парадокс дека развиените општества се се помалку плодни).
Но, зошто тогаш глупоста е така невоедначено присутна. "Ако паметта е така убедлива предност во еволуцијата, зошто не сме поуниформно интелигентни?", се прашува Сали Ади во статија на New scientist, бавејќи се со темата што паметните луѓе ги тера да прават глупави работи.
Зошто глупоста често ги погаѓа и интелигентнит луѓе? Затоа што веројатно глупоста и интелигенцијата не се исклучуваат.
Интелигенцијата е способност на човекот да се прилагоди на нови услови но дали е таа доволна да се опишат сите ментални способности кои ги сметаме за интелигентни?
Когнитивните психолози Даниел Канеман и Амос Тверски тврдат дека при обработка на податоци, мозокот се потпира на два различни система: еден од нив може да се мери со традиционален IQ тест и е поблизок до логиката но истовремено, човекот донесува одлуки и со помош на далеку помалку познатиот апарат наречен интуиција. Второво може да биде драгоцено ако мора брзо да одберете како во пештера да не ве изеде мечка или пак дали да закочите или забрзате во некоја напната сообраќајна ситуација.
Последниве години се појавуваат бројни трудови кои укажуваат на еволутивните предности на - предрасудите. Некои дури фаворизираат стереотипни модели на размислување како алатки со кои побрзо се реагира во ситуација без впуштање во детални анализи. Звучи нефер, но од еволутивна точка е паметно што сакаме да се тргнеме настрана од луѓе кои ни мирисаат необично или се однесуваат поинаку од вообичаените норми – веројатноста заради тоа да ни се случи нешто непријатно е поголема.
Андре Спицер и Матс Алвесон коваат термин функционален идиотизам, за (глупо) однесување кое ги следи (глупите) правила за да се живее убаво, лагодно и да може да се пренесе својот генетски материјал понатаму.
Истражувајќи го однесувањето на способни и интелигентни експерти ангажирани од компании и државни установи, тие покажуваат дека таквите исклучително добро се прилагодуваат кон ригидните правила на игра, водејќи сметка за личното добро.
И за крај, постојат и трудови кои укажуваат на една друга околност – дека луѓето со текот на еволуцијата воопшто не се вежбаат да носат логични засновани одлуки туку само онакви кои им овозможуваат да бидат убедливи во комуникација со другите. А логичното и убедливото не е исто, што може да се види од политичката историја, од Цицерон до денес.
Ако се сетиме на податокот дека денес секој четврти маж на планетава носи некој ген на Џингис Кан, тогаш јасно е дека крвожедниот Џингис својата еволутивна задача ја исполнил на најпаметен можен начин.
С. Бубњевиќ