Цртичка

Мал текст за крадењето и кодошењето

Што ако од 1945 до 1992 и се кодошело исто како што се крадело? Кој ќе остане нелустриран? Ќе остане ли семејство во Македонија барем без еден „информатор" што поткажувал кој што рекол (за доброто на татковината)? Се надевам дека ќе остане, не едно туку многу... секој народ треба да си се соочи со своите слабости, општествени болести и пороци, без оглед на тоа колку соочувањето може да е непријатно...

Проблемот со лустрацијата на луѓе од времето на социјализмот во СРМ сè повеќе ми наликува на проблемот со крадењето во истиот период и истата ни земја. Луѓето крадеа и поткраднуваа од тогаш доминантната „општествена сопственост" кој колку може; некој листови хартија од канцеларија, друг цевки и жица од градилиште, трет жито од задруга, четврт столици од кафеана, петти многу повеќе. Епидемијата на крадењето беше толку раширена што многумина крадеа и такви дребулии како крпи и чаши од хотел, лажица од авион, точак од подрумот на комшијата, тоалет-хартија од туѓ нужник... И на оваа слабост си ги подучуваа и децата, кои имаа од кого да видат. Се крадеше сè и сешто, кој што стигне, колку може и што може, и се разви специфичен непишан закон: „Кради колку можеш само гледај да не те фатат“.

Големите и вешти крадачи дури беа и почитувани како способни луѓе. Марксовата прочуена реченица „Религијата е опиум за народот“ изгледа беше сфатена не само буквално туку и во преносна смисла, па и библиската заповед „Не кради“ почна да се смета за остаток од непросветеното минато.  Во услови на отепан и поништен систем на традиционални вредности и искривоколчена етика каде крадењето не се сметаше за особено зло, многу од старите навики продолжија и во добата на веќе дводецениската „транзиција". Па приватизацијата во РМ беше еден невиден грабеж, или не беше?  Тоа беше круната на еден неколкудецениски процес на спонтано уривање на етиката кај луѓето и развивањето на себичноста, телесноста  и самооправдувањето како неопходни особини за опстанок во новото време. Закопај си ја совеста и гледај да не те фатат - пат до успехот. За жал, така си тераме и ден денес, независно дали во парламентот мнозинство ни има едната или другата партија. Не е до партиите, туку до менталитетот на луѓето.

А сега да ве прашам нешто: Што ако од 1945 до 1992 и се кодошело исто како што се крадело? Кој ќе остане нелустриран? Ќе остане ли семејство во Македонија барем без еден „информатор" што поткажувал кој што рекол (за доброто на татковината)? Се надевам дека ќе остане не едно, туку многу повеќе, ама не можам да тврдам. Ќе се најде ли јунак-историчар да истражи и да објави статистика колкав процент од населението, колку луѓе биле врбувани и се согласиле да си ги поткажуваат колегите и соседите кој што помислил, рекол или направил „против државата“? Општо земено, колкав бил бројот на „соработниците“ со органите на безбедноста: еден на 50, еден на 10, еден на 5? Не знам, а би сакал да знам.  И ќе се најде ли јунак да ја истражи врската меѓу така покажаната лојалност (кон социјализмот, братството и единството  и самоуправувањето) и евентуалниот напредок во кариерата и општествената хиерархија кој токму заради тоа му бил остварлив на „соработникот“? Видете, според мене, секој народ треба да си се соочи со своите слабости, општествени болести и пороци, без оглед на тоа колку соочувањето може да е непријатно. Само така може да ги надмине и да не му се повторуваат. Без тоа, нема иднина. 

Со почит, Тихомир. 

 

п.с. 

Не е лошо да се има на ум и онаа: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли  камен...“. (Јован, 8:7)

 tihomirmail@yahoo.co.uk

31 јули 2013 - 19:02