Со рацете се смеат, плачат, те молат, ти кажуваат дека се гладни или жедни. Дека нешто е вкусно или досадно. Дека си итар, паметен, луд или глуп. Те тераат кај што не треба. Имаат посебен уличен кодекс кој на почетокот ми беше малку глупав. Додека и јас не се заиграв. Обично гестикулациите им се припишуваат на јужњаците, на Наполетанците и Сицилијанците. Ама, верувајте ми, и моите пријатели од Трентино, Венето, Фриули, од тие "ладните" , мафтаат.
Понекогаш тоа го прават за да се дообјаснат, како зборот да не им е доволен, па додаваат раце, нозе, очи, прсти, нос, уши, сè. Некогаш гестикулираат за да привлечат внимание кај соговорникот или да го засилат интензитетот на расказот. Постојат и амблематични гестови кои го заменуваат зборот и зад еден таков гест се крие цела приказна. Несомнено, се работи за цел кинетички систем на изразување кој понекогаш е многу едноставен и интуитивен иако не го разбирате италијанскиот.
Овие симболични гестови главно се однесуваат на јадење и пиење, на емотивни состојби, за предупредување или соопштување, за комуникативни цели, од типот се-слушаме-по-телефон, или или читај-овде. Или пак за да изразат сомнеж и несигурност. Нормално, има и такви кои заменуваат некоја јазична вулгарност или пцовка. Најинтересни се секако оние кои немаат потреба да постојат како на пример: " Многу е гужва". Првите години често грешев повеќе со рацете отколку во коњугација на глаголи.
Кога сум гладна, на пример, се фаќам за стомак, а тоа во Италија значи: "Сита сум."
За да се одгатне што сакал да каже соговорникот, некогаш треба да се биде ептен ин ту. Денес затоа, лекција улична култура и малку италијанштина.
Сигурна сум дека со сликиве, не можам да доловам многу и затоа спремив клип, само многу се смеев и крајниот резулатат испадна доста неозбилен. Плус после тоа, многу ноќ, јас гладна, се заплеткав и ајт во корпа. Најдов затоа многу верна и комплетна верзија за пољубопитните.
Да, така е. Кога соговорникот е Италијанец, изгледа како да комуницирате со вулкан. А тие напротив делуваат симпатично дури и кога се досадни, дури и кога тропаат глупости. Мафтаат со рацете, превртуваат очи, се фаќаат за глава, за гради, за јајца (ова, кој прати Калчо веќе го знае), имаат гримаси за секоја прилика, театрални се и кога не е потребно. Па ти се приближуваат како од далеку да не ги сфаќаш, па го зголемуваат волуменот на гласот, па се распискуваат. Театар во живо.
Те фаќаат за рамо, ги ококруваат очите и од страна изгледа како да расправаат битни егзистенцијални прашања, а уствари ти кажуваат како поминала утакмицата.
И да. Изгледаат баш како да се слика на сопствените стереотипи. Исто како што ги цртаат во карикатурите или ги исмејуваат во норвешки и холандски реклами, вриштат од чувства и кога се непријатни, кога се лути, сомничави, неодлучни, гладни, кога се весели или задоволни. Скоро цел живот инфантилни и примитивни. И јас си се фатив за оро и денес додека зборам со некои луѓе пипкам, штипкам, гушкам и тоа сигурно не заради недостаток на зборови. Туку од вишок емоции.
За крај, си се критикувам, не во ред да ги ставаме сите во ист кош .
Ќе сретнете сигурно Италијанци кои не се размафтуваат. Некогаш ќе сретнете некои кои убаво зборат кога зборат, а тука италијанскиот сигурно им е од помош. Некои зборат без усул. Како би се рекло тука , дома ги научиле да зборат ама не и да ќутат. Овие разграканиве во некои прилики се супер друштво, а многу често и не се. Зависи на која нога сте станале и колку сте испиле предходниот ден. Некои пак, поубаво зборат со гести. Или со гестикулации. И тука, италијанската алтернативна азбука фино се позајмува.
И на крајот, драги мои читатели сигурно ќе се согласите, дека некои други, независно кој јазик го зборат, најубаво зборат кога молчат.
Емили, Италија