Затоа што ги заинтересира тинејџерите за поезија. И на добар дел од нив им го расчисти патот кон Рембо, Верлен, Бодлер....
Затоа што кога Мартин Лутер Кинг го кажа легендарниот "I have a dream" говор, Дилан беше на пар метри од него, со штотуку отпеани "Only a Pawn in Their Game" и "Blowin' in the Wind".
Затоа што во матурантската книга запишал дека негова амбиција му е да го следи Литл Ричард.*
Затоа што ја спаси фолк музиката од прегратката на брадестите типови во плетени џемпери кои сонуваа да бидат морнари или војници (со исклучок на Вуди Гатри).
Затоа што ја напиша првата анти-љубовна песна (It Ain't Me, Babe)
Затоа што ги зема The Hawks и ги трансформираше во The Band, веројатно најспремниот рокенрол организам на сите времиња (гледајте го The Last Waltz на Скорсезе, ќе се уверите во тоа).
Затоа што во времето кога сите ги тркаа своите ега со тоа колку ќе помогнат на сиромавите Африканци, тој имаше храброст да предложи со дел од парите да им се помогне на земјоделците кои заради лихварски хипотеки остануваат без дом и работа (што го инспирираше Вили Нелсон да ја формира Farm Aid).
Затоа што ги направи прифатливи валканите стихови. Да не биде песната саде љубов и романтика и шајнихепи.
Затоа што беа потребни шест актери да го доловат во биографскиот филм за него (I'm Not There, на Тод Хејнс). Еден од нив беше црнечко дете, друг(а) беше Кејт Бланшет.
Затоа што секоја година приходот од неговиот божиќен албум ги добиваат хуманитарни организации.
Затоа што знаеше колку ризикува кога премина од акустична на електрична гитара па сепак го издржа целото исвиркување на разочараните фанови на легендарниот концерт во Њупорт 1965.
Затоа што иако знаеше дека не е најталентиран за тоа, си дозволуваше да си игра со цртање, пишување новели или правење филмови.
Затоа што наспроти инсистирањата на жолтиот печат, приватниот живот го држеше настрана од јавноста.
Затоа што имаше храброст да објави сингл од 6 минути (види "How Does it Feel?") Пред таа песна, сингловите не траеја повеќе од 3 минути, за да се максимизира профитот од џубоксите.
Затоа што имаше клучно влијание врз Битлси. Ленон има обелоденето дека и по три недели знаеле без престан да свират негови песни.
Затоа што знаеше да збуни новинари и медиуми
новинар: "Deep down, you must have convictions"
Бов Дилан: "Nah, deep down there's nothin' but guts, intestines."
Затоа што ја напиша неверојатната "A Hard Rain's a-Gonna Fall" штотуку излезен од тинејџерски години. И објасни дека во неа секој стих е посебна песна за која му е страв дека нема да поживее доволно за да успее да ја напише.
Затоа што со себе на турнеја го зема Ален Гинзберг.
Затоа што е најцитиран автор во американски правни случаи. На него и неговите стихови, адвокати се повикале 186 пати. Битлси се цитирани во 74 случаи.
Затоа што на концерти постојано ги преправа своите класици, и тоа до непрепознатливост.
Затоа што му ја набаци "All Along the Watchtower" на Џими Хендрикс.
Затоа што секогаш кога критиката ќе го отпишеше тврдејќи дека е веќе исцеден како автор, ќе извадеше фантастичен албум.
Затоа што кога влегуваше во Rock and Roll Hall of Fame, Спрингстин прецизно го опиша неговото значење: "Дилан ни го ослободи умот како што Елвис ни го ослободи телото".
Затоа што Том Вејтс го опиша како планета која допрва мора да биде истражена. "За еден поет, Дилан е суштински како што за столарот е чеканот, шајките и пилата". И затоа што кога се запознале (синот на Вејтс му лупал бубњеви на Дилан), Вејтс пред него имал трема како средношколец.
Затоа што Скопје беше рамнодушно на него. На неговиот концерт на Саем не само што не беа исполнети сите седишта туку добар дел од публиката беа странци кои работат овде.
Затоа што на глупите им даваше шанса да се покажат. По неговиот концерт во Скопје, еден овдешен блогер напиша "Дилан вечерва докажа дека не знае да пее".
Затоа што не џабе сите овие години толку имаме пишувано за него, дури и кога тоа значеше да ја губиме онаа публика која само Пржино ја интересираше.
-----------
п.с. Да ве вратиме на онаа точка што Дилан напишал во матурантската книга*.
ОК?
За оној билмез што нападнал новинар на Телма, во неговиот матурантски алманах го пишува ова:
Тоа е тоа.
Земјаните секогаш ќе живеат на различни планети.