Приказната за WinRAR и пробниот период кој никогаш не истече

Евгениј Рошал е руски програмер роден во 1972 година, познат по создавањето на форматот RAR во 1993 и WinRAR во 1995. Неговото дело стана легендарно поради „trial“ периодот од 40 дена кој никогаш не истече за милиони корисници. Тоа е приказна за генијалност, доверба и дека не секогаш работите најдобро одат со сила.

Евгениј (Ежен) Лазаревич Рошал е роден во 1972 година во Чељабинск (Русија, тогаш Советски Сојуз). Уште како тинејџер се занимавал со програмирање, прво на стари советски компјутери како МК-61 и Агат.

На 21 година, во 1993, креирал нов формат за компресија на датотеки кој го нарекол RAR (Roshal ARchive-. Во тоа време, најпопуларен беше ZIP форматот, но RAR е подобар: подобра компресија (до 10-15%), вграден repair (да поправа оштетени архиви) и подобра поддршка за поделба на големи датотеки. Тоа беше време кога хард-дисковите беа скапи и мали, а интернетот бавен - така што добро компресирање значеше многу.

Во 1995 година, на негови 23 години, го понуди WinRAR -  брз, едноставен и многу моќен. Заедно со брат му Александар Рошал, кој се занимавал со маркетинг и бизнис страна, ја дистрибуираа преку класичен shareware модел:

  • 40 дена бесплатен trial период.
  • По 40 дена требало да се купи лиценца. Тие 40 дена никогаш не истекоа. 

Никој човек никогаш не ја купи, бидејќи и - не мора.

WinRAR никогаш не се заклучува после 40 дена. Кога пробниот период ќе истече, се појавува мало прозорче со порака:

„WinRAR is not free software after 40-day trial period. You must either buy a license or remove it from your computer now.“

Кликнуваш OK и програмата продолжува да работи скроз нормално.

Нема тупење со DRM (Digital Rights Management), нема блокирање на функции, нема нагло исклучување. Само таа мала, блага (и троа досадна) порака која се појавува секој пат кога ќе ја отвореш програмата.

Резултат? Милиони луѓе ширум светот со години и децении го користат WinRAR во „пробен период“.

Зошто ова е генијално? 

Заради вирусната дистрибуција: секој студент, секој домашен корисник, секое интернет кафе имаше WinRAR.  А сепак Рошал собираа пари, од големи компании како банки и владини институции кои не смееја да си дозволат да користат„пиратски“ софтвер поради политиките на compliance и лиценцирање. Побезбедно за нив е да си купат лиценца (по околу 29-40 долари).

Малку пари а мирна глава.

Наместо да се бори против „пиратеријата“ со агресивни мерки (кои често ги тераат луѓето кон алтернативи), Рошал ја остави таа работа на доверба.

По повеќе од 30 години, во 2026-та година, WinRAR сè уште работи на истиот начин. Пробниот период никогаш не истече. 

Евгениј и натаму работи во позадина, обезбеден е, мирен и задоволен со себе. Во 2004 година, авторските права за RAR и WinRAR ги пренесе на брат му Александар, за да може тој самиот да се фокусира на програмирање и подобрување на форматот.

А не создаде само формат и софтвер, туку и културен феномен - софтвер кој сите легално го користат „нелегално“. А притоа тој заработува солидни пари од чесни (поточно уплашени) компании.

Проценки велат дека со брат му заработуваат околу 30-40 милиони долари годишно.

29 април 2026 - 13:07