Го сакаш ли Скопје?

Земјотресот мора да престане

Ако ова беше писмена работа на тема „Катастрофалниот земјотрес во Скопје" веројатно петтооделенецот јас ќе ја започнеше со „26-ти јули 1963 година, датум запишан со црни букви во срцето на секој Македонец...". Бидејќи не е писмена работа а јас не сум стигнал до петто оделение (на интернет сите имаме по 10 години), излагањето по темата ќе го започнам со едно реторичко прашање: Драго Скопје, дали земјотресот некогаш ќе престане?

ЗЕМЈОТРЕС? КОГА БЕ?

Роден сум 23 години после катастрофалниот земјотрес. Тоа е доволен временски период Мајкл Џордан два пати да почнувал ко руки, од нула, и два пати да ги патосирал на најелегантен начин сите противници кои му застанале на патот до 12 (2х6 де) НБА прстени. Значи, меѓу мене и земјотресот лежат 64.584 поени на Џордан, скоро четири втори светски војни и една цела историја на модерна суверена, независна република Македонија, (нека ни е честита, шо би рекол Киро Глигоров). Немам спомени на некое старо Скопје, акции за солидарност, другарот Тито, Танге и Циборовски. Ама ко и секое полурадознало дете, знам доволно за сите нив од приказните на моите родители, роднини, повозрасни пријатели кажани некогаш на мое, некогаш на нивно инсистирање.

ШО ПА ТОЛКУ ПРИКАЗНИ РАСКАЖУВАЊЕ?

Убаво им било бе. Убаво, среде сето злопатење да видат малку бел ден. Убаво им било на нашите во најмалиот главен град на најмалата република во старата федерација да се фокусира толкав хуман интерес од целиот свет. Убаво им било да чујат зборови на надеж како „Ќе изградиме ново и поубаво Скопје". Убаво им било да гледаат како доаѓаат донациите од стотина земји од кои се изградени домови за стотици илјади граѓани. Убаво им било да погледнат како човечкиот дух триумфира над природната катастрофа. Градот е разрушен, но обединет. Од плоштадот Македонија до центарот на Њујорк и седиштето на ООН, сите застанале зад обновата на малото неважно Скопје сместено што поблиску до границата меѓу големите и важни северњаци и кротката Вардарска бановина. Впрочем, зборовите на генералниот на Екс Ју Маршал Тито набргу после потресот се: 

"Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност."

ЧЕЈ СЕА, КАЈ ГО КАЖАЛ ТОА ТИТО?

Пред кооперација, ебате, качен на гајба после пар пива и еден месен нарезок. На телевизија. На радио. На грамофон. Од кај да знам кај го кажал.

ПА ОД КАЈ ЗНАЕШ ДЕКА ГО КАЖАЛ?

Пишува на Гугл, а пишуваше и на стара железничка станица, онаа која денес е (сеуште нераспеан) музеј токму поради земјотресот. Но на разрушените ѕидови на старата железничка веќе ги нема овие зборови на браварот Тито бидејќи новата гарнитура читајќи ги наназад некако успеа да пронајде сотонско значење во нив и поради страв од нова скопска апокалипса ги отстрани елегантно. Што е сигурно, сигурно е. Али не е страшно, такви работи се случуваат постојано. Еве и швабите цел Берлин на Алберт Шпер го реновираа (питамсига.ком) за да не ги потсеќа на Третиот Рајх и злокобниот Итлер, та ние се фураме за еден Тито.

АМА ТИТО Е ГОВЕДО, КАЖАА НА ВЕСТИ.

Такааеее. Отприлика дискусијата про и контра овој лик од нашата историја оди вака: Абе...Тито беше добар за Скопје, стариот имаше врски низ сите дупки на планетава и стварно ги заангажира сите со искрени или фејкерски хуманитарни мотиви да помогнат реално! за обнова на градот, амаааа.... тој беше комунист! (Имаше вошки) И прати наши луѓе на Голи Оток и запна за Срем кога сакавме да шибаме на Солун и сеа Солун не е наш и наместо да одиме на наше море на Халкидики и да бутаме гиро и тзазики плаќајќи на патриотска фискална сметка, ние одиме во Охрид и си плаќаме по 150 денари за да играме карти.

АМА ШТО СИ ЗАПНАЛ ТИ ТОЛКУ ЗА НЕГО?

Ма баш ме заболе, од Гевгелија па нагоре мене за Тито мајсторе. Човекот бил само главен аниматор на масите во и вон земјата за она што следело како неопходно за денес овде да нема холивудско студио кое ќе ја користи локацијава за снимање на филмови од Втора светска војна, туку Скопје да си е поле за културен натпревар меѓу народите, град кој ја знае сегашноста но не го заборава минатото. Уствари, гледаш и сам дека не го забораваме славното минато на овој народ?

МИСЛИШ НА СПОМЕНИЦИТЕ НА ПЛОШТАД? НЕ ЈАДИ БАБУРИ, БАШ СЕ ДОБРИ!

Мислам! И добри се бе. Kaкви има...

АМА НЕЛИ ЗА ЗЕМЈОТРЕСОТ ЌЕ ПИШУВАШЕ?

Знаеш ли ти што е земјотрес воопшто? Пази Вики што вели: „Земјотрес или потрес е природна појава (освен ако не ги прашаш оние кои веруваат дека вонземјаните се рептили маскирани во луѓе – заб. авт.), која што е резултат на поместувањето на тектонските плочи, движењето на земјината кора, при што се ослободува голема енергија што води до потресување на земјата." И после земјата е така, малку како потресена.

ЗНАЧИ СЕ ДВИЖАТ ПЛОЧИТЕ, ПРОМЕНУВААТ ПОЛОЖБА И СЕ ТРЕСЕ ЗЕМЈАТА, ЗНАМ, ЗНАМ.

Уште малку да се направам паметен со цитати од Википедија (освен она во заградите): „Јачината на потресот зависи од повеќе фактори, како што се количината на ослободена енергија (колку помалку секс, толку посилен оргазам), длабочината на хипоцентарот (душичката на потресот, местото каде се почнува), оддалеченоста од епицентарот (место на површината каде земјотресот најмногу се осеќа) и составот на земјината кора (себеобјаснувачки). Земјотресот се манифестира со потрес или дислокација на земјиното тло."

ИЛИ ДИСЛОКАЦИЈА НА БУКВИ ОД СПОМЕНИК

Или таква дислокација. Или дислокација на рамо, вилица или сендвичара на плоштад. Гледај на тоа како на одложен ефект на земјотресот. Впрочем, самиот земјотрес се шири во бранови. А Бран-ко-бран. Си патува дури не дојде на местото каде што наумил да дојде.

АМА ПА НЕЛИ СКОПЈЕ СЕ СЕЌАВА?

Се сеќава де. Секој од нас се сеќава на нешто. И човек со стандардни три деца, жена, викендичка, автомобил, тостер и златен ретривер се сеќава на првиот бакнеж и првата љубов. Секогаш ќе си ја памети, можеби и ќе ѝ направи споменик некаде на плоштадите во својата глава и ќе остава цвеќе на споменикот на секоја годишнина, или ќе фрла паричка во фонтаната под споменикот замислувајќи желба секој пат кога ќе се најде во лошо располож....

АЛО ДУБРОВНИК, КАЈ ЗАТЕРА СЕГА? ВО СКОПЈЕ СМЕ, ПОЛА ВЕК ПОСЛЕ ПОТРЕСОТ.

Добро знам кај сме. Добро знам дека Скопје навистина се сеќава. Се сеќава на трагичното утро. Се сеќава на сите жртви. Се сеќава на сите храбри и беспоштедни. Се сеќава на единството и на моментите во кои националната, верската и идеолошката припадност апсолутно немаат никакво значење. Во дел од времето, во краток дел од нашата човечка историја сме она што треба да бидеме – луѓе. Ма какви луѓе, надлуѓе. Надлуѓе дигаат камења со раце и вадат повредени од под урнатини. Надлуѓе со денови не спијат за да им помогнат на оние на кои им треба помош. Надлуѓе се и оние кои на 2000 километри од Скопје збираат пари за да изградат бараки и на бездомните да им кажат дека имаат каде повторно да сонуваат. Кога надлуѓето се на сцена, земјотрес нема. Не може да има. Анфорчунатли... кога ќе се вратиме на избеганоста од себе, земјотресот пополека повторно започнува. Енергијата повторно се акумулира. И се ослободува, кај секој во различен период од животот. Сите ние сме мали потенцијални земјотреси за Скопје, секој еден ден.

ЗНАЧИ, ЗЕМЈОТРЕСОТ НИКОГАШ НЕ ПРЕСТАНАЛ?

Престанал, само кога имало вистински Земјотрес.

Онаков, како напад на Вонземјани. Онаков кога си беспомошен и моментално религиозен, бидејќи само молејќи го Бога за секој случај потпрен под армирано бетонска греда можеш да се надеваш на најдоброто. Тука нема екипирање. Сите го јадеме истиот. Не можеш да фатиш алијанса со Злите Сили на Земјината Кора и да профитираш за сметка на комшијата кому му крцка куќата. Тешко дека на капетанот на флотата од Нубиру кој може да те исчезне со помош на чечкалица и упаљач (не знам баш како, ама јебемлига, вонземјанин ли е што ли е, треба да знае ваков трик) ќе му понудиш дил со кој ќе те направи Генералисимус шеф на Воена Хунта во твојата земја. Не батка. Во трагедија, лебот е исто бел за сите и ќе го делиме подеднакво.

ЗОШТО НЕ ГО ПРАВИМЕ ТОА КОГА НЕМА ЗЕМЈОТРЕС?

„Де бе вие ама сте досадно вредни, само би нешто да правите..." – Одговор од Црногорецот до Јапонецот кога обајцата се наоѓаат на брод кој тоне, а косоокиот загрижено го прашува балканецов „Што да правиме, што да правиме?".

За Скопје. За сеќавање на жртвите на земјотресот, за сеќавање на духот на солидарноста.

Но и за сеќавање на: Дарко Панчев против Данска и 1-1 со Европските Шампиони, пукање на шампањско на плоштад и „Да ни е честита суверена Република Македонија", Ману Чао на лизгалиште пред 15 години (пак ќе дојде есенва, јес!), Би Би Кинг, Реј Чарлс, Чик Кориа, Пет Метини и сиот тој Џез. Скопје се сеќава на сите лета во парк, стотици акустични гитари и литро со литро под ведро небо во најубавиот хотел со милијарда наместо пет ѕвезди. За сеќавање на Кометал Ѓорче Петров, цепелинот на Кастратович и Будимир и качувањето на врвот. За Цеца на Речиси Градски, за Тоше на Градски и К-15 на Најградски стадион. Пинк, Дип Парпл, Сантана. За сеќавање на Пиколомини (мајкемугаспалим), но и за сеќавање на Зорба (чао комшии, ша се ради?). За сеќавање на сите изгрејсонца од Средно Водно, журки прекинати од полиција, милијарди буреци од Ѓорчета се до Чаира. За сеќавање на сите соништа кои ги сонуваме секој ден. За сеќавање на нас и на тоа какви треба да бидеме. А не сме. Не секогаш.

Добра вест: тоа може да се промени, од овој момент. Активирај го земјотресот во себе. Сруши ги сите нестабилни кули од карти од 150 денари партија, карта на малограѓанштина или карта на голема република за малокурефци. Збриши ги бараките од предрасуди и стереотипи. Земи ги гневот и агресивноста и запали ги на ѓубриште. Сакај ги твоите, не свири на пешачки кога возиш и јади доста патлиџани и лубеница. Здроби ги бедемите кои егото ги гради за одбрана од минатите искуства кои се - минати. Живеј сега. Гради мостови повеќе од споменици. Гради ветерници. Биди Дон Кихот и не плаши се да згрешиш. Верувај. Претерувај. Оди до крај. Па почни пак од почеток. Пушти го земјотресот во тебе, нека истресе се на што не му е место во тебе. Надмини се себеси, биди суперчовек и постави го тоа како стандард, па труди се да го надминеш, повторно и повторно. Пушти му книжна десетка на заспан бездомник на тротоар, во внатрешен џеб, да се изненади кога ќе се разбуди. Почасти го комшијата пиво и ќебапи еднаш месечно. Купи ѝ цвеќе на жената во вторник, без причина, донеси и го дома во заби и земи ја во танго манир веднаш чим ти отвори врата. Пешачи и вози точак. Оди на театар, оди на Матка, оди по ѓаволите, оди некаде. Па пак врати се. Ова е твој дом.

Биди солидарен, биди брат, биди другар, биди човек. Изгради нов и подобар ти.

Така најдобро се сака Скопје.


Со посебна љубов за главниот град,
Бетмен

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT  

26 јули 2013 - 11:18