Јас имав едно детство кое сакав нејзе да ѝ го дадам.
Само нејзе латиците од ружи на главчето да ѝ ги спрострам
Латиците, светки и желби
од моите родендени сите пролетти
и сонцето ѕвездите
и во замрачка светулките над селските зелени бавчи со чемпреси и борје
Да ја научам да копа
да черупка
да корне кога во очи те гледа и да се забавува притоа
Со чисто срце
со бистар поглед да скока во сечија душа ласта како во бистра река
Така да ја научам
Така да ја научам
Јас имав една младост која ја не сакав никому да му се случи
Никому нит на душман!
Јас имав една гадна младост оти научив една тајна
Една малечка тајна
Научив како пенкалото се поврзува со вената и од таму
од срцето мастило како се зема
Научив од Исус, од Џибрил, Блејк, од Рочестер, од Ваjлд , од Конески, од Неруда, од Керуак...
Јас научив дека кога ќе си го извадиш срцето во слово и на хартија луѓето не знаат што да му прават – жими мене ти кажувам!
Јас научив дека таквата искреност ги збунува, а не напишаното кое може да биде убаво како торта или блуткаво како помија
Јас научив дека искреноста ги боли и дека не знаат веќе што со неа
Јас научив дека кога ќе го добијат тоа што го посакувале - уствари го губат
Јас научив дека мене потем лесно ми е
Јас научив дека тука долу многу полесно се чекори по земјата оти товарот на Љубовта од рамената ти е симнат.
Јас научив,
јас научив дека Љубовта од пеколот е.
Од Ѓаволот сам дека е измислена.
Јас научив уште млад оти таа треба да се споделува со луѓето за што помалце да ти ја оштети душата.
Да не се чува.
Јас научив дека таа треба да се раздава.
Да се раздава.
Со отворено срце
Со отворено срце кое го носам во градите, јас научив секому да кажувам : „дај ми ја пиле раката... дај ми ја!
Пипни со прстето тука - како Исус на неверниот Тома.
Јас научив дека поезијата е зло.
Јас научив дека поезијата е зло освен ако животот не ти е тоа.
Јас научив дека не сакам да знам ништо за поезија - за да не остарам или овенам.
Јас научив да слушам тоа што ми се слуша да читам тоа што ми се чита да јадам тоа што ми се јаде за да можам да останам вечно млад и никому потем да не му крадам енергија.
Јас научив уште од млад на оние што ми велат „чувај се" во мислите да им враќам: "Во пеколот кој ќе ме чува?!"
Јас научив уште од млад на оние што ми велат: "Бог ќе те казни и верувај во Бог" да им враќам – што знаеш ти за Бога –вчера ли бевте на пијачка?
Јас научив уште од млад која е разликата меѓу момче и маж и љубовник и ебач.
Јас научив уште од млад да мешам светлина и темнина, а само бојата на моето сиво око да сведочи за тоа.
Јас научив уште од млад како да простувам во тишина и со склопени очи за неколку секунди ѓоа сум синче на Буда.
Јас кој бев многумина научив.
Јас кој бев многумина решив да станам еден и да пишувам
Да раздавам.
Да раздавам.
Јас научив оти оние кои ми зборуваа за поезијата како за најубаво нешто никогаш не виделе гола девојка во езеро на полна месечина како се бања или дете кое се смее дури шлапа со нозете во кафеавите вирчиња.
Jaс научив уште млад дека оние кои се плашат од осаменост и тишина на крај најблискиот го оставаат така.
Јас научив дека оние најпаметните, најучените и оние кои сакаат да попуваат со светкави слова на усната молчат и да се во право пред полна софра оти ситна им е душата
Јас научив дека на крај словата на брадата им се измастени од печената срна или свиња и од скапи вина за кои тие не ја платиле сметката.
Јас кој можев оргии со многу девојки секоја вечер да правам научив дека е подобро храм да запалиш да се згреат илјадници бездомници ноќта - отколку на другар, на пријател или сосема туѓ дечко да му ја изебеш девојката која му лежи на душа.
Јас научив дека сите оние кои најмногу урлаат за убавината никогаш нема да имаа сила да клекнат пред нејзините стапала или грациозно со шешир да ја отпоздрават.
Јас научив оти самите тие никогаш нема да можат да ја создадат, а ја препознаваат како дијамант меѓу искршени стакла.
Јас научив дека на таквите им е криво и на погреб кога одат ама не од жал туку од што им е мака што тие не се покојникот или покојната на кои сите тој ден почит им оддаваат.
Јас научив оти тие никогаш почит кон себе и немале - јас научив таквите најмногу да ги жалам.
Jaс научив да тлеам кога во блиски се припивам да ги гушнам и без срам да бацувам во чело другар.
Јас научив да ја веднам главата кога ме фалат и величат и да рикам како ранет тигар дури градот сонува.
Јас научив дека оние кои се врзуваат за места, за град, за земја се како птички во кафез со отворена вратичка.
Јас научив дека таквите се како неми птички за кои се луди оние птици кои летаат.
Јас научив сам да си сум и стадо и волк и овчар.
Јас научив оти оние кои ми зборуваа за Бога и како не треба да го спомнувам во иста реченица со пичка се тресат од страв и се плашат од своите родени татко и мајка
Јас научив дека истите кога родители ќе станат мене повеќе од нив ќе ги болат солзите од нивните деца.
Јас научив оти тие луѓе се поблиски со тој нивен бог отколку со сопстевниот син, ќерка или со човека.
Јас научив дека тие луѓе се поблиски со нивниот бог – со нивниот бог кој не се насмеал никогаш.
Јас научив дека сите оние кои ми зборуваа за Љубовта ја криеле долго во себе и таа душата им ја отрула.
Јас научив дека ѕвездите се само изгризани дупчиња од молци на црната прекривка низ која проаѓа од позади Светлината.
Јас научив дека сите сме оттаму од Таа Сила и од Вселената и нејзе да ја ебам.
Јас кој бев многумина решив еден да станам и да пишувам.
Јас кој бев многумина решив во животот да бидам лажен, а вистински само на хартија.
Јас кој некогаш бев и ангел и поет и немав потреба никој да ме сака.
Немав потреба никој да ме сака зашто љубовта на илјадници е тежина.
Тежина.
И потем се заљубив.
Се заљубив во една смртна девојка.
И решив да бидам човек.
Да се смеам и да простувам.
Јас научив како сите фрлени камења од несреќните луѓе во дланката да ги пречекам.
Јас научив да ги стоплам тие камења во раката ѓоа душите нивни ладни ги греам.
Решив да давам.
И злобен да бидам.
Да давам и онолку колку што немам за да бидам полесен и така кон небото побрзо да полетам.
Јас научив дека сите зборови насамо во детство кажани од баба ми:
„Чужди кесмет ми си ти бре куќо бабина
дупнати ми ти се речињата
чужди кесмет ми си ти бре куќо моја – чувај ми се глуварка на ветар ми е душата..."
оти сè тоа... оти сè тоа - било вистина!
Jас научив ангелите кои одамна на небото сум ги среќавал да ги препознавам во луѓето околу мене
па и случајно на улица ако се разминам.
Јас кој свесно пак би му се смеел и на Велипеток на Исуса Христа во фацата дури страда
и би му ги украл шајките од неговите дланки за мене да ми ги стават
оти не можам да поднесам туѓа несреќа, а мојата во секое време и можам и морам!
Јас научив да бидам човек.
Јас научив ...
Јас научив да бидам човек каков што тие никогаш не виделе.
И не биле.
И нема ни да бидат.
Јас и таквите како мене го научија и Бога да проштева.
Го научив ноќта кога меѓу илјадници јас во себеси го замолив
Од крилјата кои мене одамна ми ги исече со градинарска ножица нејзе обетки да ѝ остави.
Да ѝ остави обетки на перницата од само две малечки бели пердувчиња.
Јас научив.
Јас научив да љубам и љубовта да ја раздавам.
Јас научив да проштевам и на злобата кај луѓето секојдневно како детенце во очи да ја гледам и да ѝ се смеам.
Да ѝ се ругам!
Да ѝ се потсмевам!
Јас научив злобата да ја залапувам ѓоа се бацувам со манекенка и научив со милост да ја увредам!
Јас научив да легнам пред хиени и да ги помилувам по образ пред да ме гризнат!
Јас научив срцето сам да си го кршам и сам да си го составувам!
Јас научив да бидам човек.
Јас научив човек да бидам.
Дарко Лешоски