Летни импресии

Супер си е Албанија

Идеме во ресторан. Некој кажа: "Супер се јаде и ништо не кошта, морско колку сакаш, све преубаво". Ама да слушаш совети од луѓе за одмор и ресторани без да ги знаеш, да веруваш на ојле дојле е исто како да читаш Трипадвајзор. Не знаеш како јадат дома, колку јадат, каде биле, колку биле и како израснале. Преголема демократија, никој дипломиран, а сите судии.

Се запотегаме, стариве мои, малотото мое, другарка ми Ана и јас во голема авантура. Решивме летниот одмор да го поминеме на Јадранско Море, во Ксамил. 

Ласт минит се договараме да смениме маршрута. Доста било од Грција. Сите што оделе во Грција сега оделе во Албанија. Морето било прекрасно, бисер чисто. Се наоѓало лесно за смештај, Албанците биле многу љубезни, а по ресторани да се скапеш од јадење морско и све џабе. Тоа каков ќе ни бил одморот требаше да го сфатиме уште на граница.

Пекол топло, стигаме на ред. Ни ги земаат пасошите и не ни ги враќаат. Четри пасоши поминале ама имало проблем со петиот. Ние се чудиме каков може и кој од нас би можел да има проблем на албанска граница. Немало уствари проблем. Се разбравме конечно. Ништо страшно. Им паднал системот. Саат време застој. Никој не се осмели да каже дека му се иде во ве-це, сите си се направивме на будали, нема нервози, конечно си стигнавеме на моренце уф уф.

Нема патоказ, ама еден е патот па не може да се згреши. Наеднаш викаме јас и Ана:

"Еј тато кај си се залетал ене го Ксамил."

Нема патоказ, ниту табла, а не дај Боже километри или нешто додатно. На картон, со црн спреј напишано фино лепо Ксамил.

Вртиме и стигаме до еден канал кој треба да се премине. И верувајте ми, ова не ни почетокот. Се качуваме на мовчето, пази на даските, пази на клинците, климај се лево, малку десно, една кола пред нас една зад нас, седум евра, исто ко со кола до Фиренце, пушти сајла, 4 минути. Стигнавме.

Мојот прв коменатар е нормално: "Не бе луѓе, не може ова да е приморско место, сугурно е некое селиште пред Ксамил." Лево пустелија, пичат сите со влечки и без кациги на моторчиња кои заедно со мирисот на градилиште прават загадување и го бојат воздухот сивкасто, исто ко во центар на Бангкок да си. Пиљарчиња со еден куп запрашинето овошје.

Лунгомаре, или приморското шеталиште што обично е првото нешто што се гледа, го нема ни со лупа да го бараш. Мирис на море, јок. Борче нешто, палма, н-и-ш-т-о. Нема ништо што по некоја асоцијација треба да ти наговести дека си на море. Ама, не. Тоа е мили мои, Ксамил, лично е прашинално. Здепаст и ружен.

Би го завршила текстов со задовлоство, но би ве лишела од гротескниот дел.

Океј. Почнуваме да бараме смештај. Два саати. Нè носат од еден па кај друг (многу доцна сфативме дека беше круг).

За смештајот додуше не можам да се жалам. Ако изолираш поглед на градилиште и на пустелија, главно све што видовме беше чисто и ново. Без логика и без никаков урбанистички план. Не се знае кој двор е чиј, ниту чие куче лае.

Спичкани и кисели, малку нервозни и накурчени, одиме на плажа. Не е песок, не се карпи ниту камчиња. Што е?

Одговорот е: Не знам.

Морето можда во нормални услови и е фино. Ама ако сакаш да легнеш, не знам веројатно дали и на четири ќе ти ја збере крпата. Вака изгледа ако ја црташ: лежалка, крпа, чадор, лежалка, две крпи, три чадори. Црвено, зелено, плаво. Гунгула, бои и бучкуруш. Секое лошо ти поминува, пошто глетката е бизарна. Си викаш, не знам, можда во Сомалија е полошо од ова. Ма јок бре. Нема.

Седнуваме на маса, конечно во пет, после цела епопеја, сакаме грч ладно пиво. Ана сака едно ладно нес, јас едно топло, некој сака сладолед, некој ладно пиво. Човекот цивилизирано ја зема нарачката.

Нема ништо од тоа. Само малку стопен сладолед за Матео. Нема струја два саати. Па нема ни топло ни ладно. Се гледаме. Не ни се верува.

Јас викам: Вени, види, идиси и несевртиназад. После им цититам Едгар Алан По.

Неверморе.

Идеме во ресторан. Некој кажа: "Супер се јаде и ништо не кошта, морско колку сакаш, све преубаво". Ама да слушаш совети од луѓе за одмор и ресторани без да ги знаеш, ојле дојле е исто како да читаш Трипадвајзор. Не знаеш како јадат дома, колку јадат, каде биле, колку биле и како израснале. Преголема демократија, никој дипломиран, а сите судии.

Морското океј, рибата океј. Ништо посебно, ништо ефтино. Пластична излепена маса што се дрма до зла бога и еден куп наши луѓе, да не можеш и да си пооговараш на раат.

Ако сакате да се пресоблечете во етничко морски амбиент, може. На неколку метри се слуша "Беееееее". Овца на плажа, чекирано.

Преспиваме.

Се спремаме да си одиме. Одиме на доручек. Доаѓа Албанка. Малку полничка ама тоа не ни смета. Шлап шлап шлаааапа шлап со машки влечки на нозе.

Мајка ми: "Што туку се влечеш мори види ја." Зема едно зеленикаво крпче, ја брише масата, после тоа со истото, врц столиците. Нарачуваме доручек, а заборавив да напоменам дека во све ова, Ана збори албански па све ни преведуваше. После петти пат, напред назад, жената не избрка. Ете така. Ни рече ојте си, да ве нема. На крајот, кој и да беше крив, ние посекако не можевме да ја избркаме.

И така направивме. Никој не зе заврте и патот го поминавме молчаливо и малку поразено. Секој за себе. Секој за понешто.Тато не може да ни опрости зашто го избкале од кафана.

Одморот траеше едно попладне, една вечера и еден доручек. Ама, ако сакате да знаете дали вредеше, ќе ви кажам. да.

Кога некој сака некого да насмее, до ден денес, си имаме џокер во џеб. Се вика Кса НеМил. И сето лошо поминува.

Текстов е за Ана, пошто и го ветив лани во септември. И на еден мој читател од Гевгелија кој една во една тапа-врела вечер, пред скоро два месеци, ми пиша мејл: "Емили, ај пиши нешто, топло е, жива досада." И нему му ветив дека ќе пишам.

Не секогаш сум екпресна, ама ветување си е ветување.

Емили

emabela@yahoo.com

11 август 2015 - 22:42