На телевизор се појавив на мои 12 години и преку "Балкан експрес" ја поздравив наставничката по германски со "Нечу да будем Швабо." Поминаа од тогаш 15 Бајрама. Во нив истерав речиси 3 години во 3 различни телевизии, 4 години на Џез ФМ 100.8, се калев во Литиум рекордс (денешен Пасворд,) спечалив диплома по комуникациски науки, за во лето 2009-то да станам дел од он.нет.мк. Благодарение на Мацановски и Јуруковски таму прописно го наострив приборот моливи.
Бидејќи активно бев вработен во медиум, се пријавив за програма за професионален развој на новинари и работници во мас медиуми и ја ќарив стипендијата. Следна станица, Флоренс, Алабама. Тука веќе втор семестар слушам повеќе предмети на Универзитетот на северна Алабама, се дружам и чактисувам (по битолски.) Во основа, покрај професионалниот развој се апгрејдувам и лично.
Пред да се качам на "параходот" свесно не замислував што ѓаол ќе ме пречека тука па во ова просторче на офф.нет.мк ќе се обидам да пренесам некои искуства, аспекти и вредности од животот во долината на реката Тенеси.
Се надевам дека ќе ви биде мерак да претрчате преку овие редови. Три за позор четири... САД.
На здравје!
"Где сам био, шта сам радио, како сам се у факинг Алабама насадио,"е првата реконструкција на рамбов стих која ми падна на памет по патот од аеродромот во Хантсвил до мојот нов дом. Ме уплашија и големината на небото, речиси целосно рамниот хоризонт и педесетинa различни цркви кои ги видов по 60-на милји долгиот пат.
[Гастербајтеско предупредување] Ќе ве стасам временски, но за старт сакам да ви го опишам збунетото горштаче кое прв пат во животот леташе со авион и од страв од 9-часовниот лет пиеше пиво на аеродромот во Виена во 9 сабајле.
Фасциниран од двете прекрасни близначки во тој големиот авион, очигледно Албанки по потекло, бидејќи носеа двоглави орли на градите, го прелетав океанот а сонцето ме следеше. Супер е кога од точка А полетуваш во 10 наутро, патуваш речиси 10 саати па пристигнуваш на точка Б во 2 попладне и цело време е дење.
Првиот "шта ти је Америка" момент е простиот формулар кој го пополнив во воздух и во кој Хоумленд сикјурити ме испраша некои основни техникалии. "Дали носите зеленчук со себе?" Поштено заокружувам: "Да." Лукот на баба ми Љуба. Семе кое заедно со дедо ми Александар го садат преку 60 години.
Истата владина агенција чии службеници имаат право и покрај внимателно издадената виза да не ти дозволат да влезеш во земјата, одлучи дека не сум доволно сумљив и ми рече добредојде во САД. Лукот ми го земаа, ама ракијата не! Ракијата е изработена по рецептот на баба ми Ѓурѓа, која за да и ја опишеш милоста и да и ја изразиш неопходната почит, и се обраќаш со - Мајче.
По американските стандарди кратко возење а по моите ко од Аеродром до Штулов, загубив битка против уморот и едвај да ги видов гломазните но лични згради и споменици во Вашингтон. Да е жив Ризаов што откако се чекиравме во хотелот донесе две точени Стели, за америчко тржиште. Од оние голтки пиво кои не ги забораваш и за жал, по кои од возбуда не можеш да спиеш до следниот лет кој треба да те одведе на Југ.
На аеродромот во Алабама ме пречека еден од вработените во Универзитетот на северна Алабама. Околу 60-на години старо чиче со мила и округла фаца. Првата насмевка во Алабама ми го украси измореното лице кога му го чув дијалектот и откако забележав колку е трапав со тоа автомобилот и ГПС уредот. Кажа дека од САД еднаш по грешка тркнал до Мексико дур бил на факултет, ја видел Канада на кратко и многу ретко ја напушта Алабама. Ќерка му била вегетаријанка па и се јави да и каже дека ниту јас јадам месо, за на крај да ме одведе во Демо'с, демек италијански ресторан.
Кога порачав пиво човекот ме погледна попреку. Веднаш сфатив дека алкохолот е проблем и прашав дали му пречи ако шпагетите ги изедам со два Сeмјуел Адамса. Површно и во комплетно неуспешен обид за сарказам ме праша дали ќе ми пречи ако тој самиот изеде еден "волан" телешко. Потоа дознав дека проповеда во некоја конзервативна црква која не верува во пиење алкохол.
Некако ме доведе до кај друг професор на истиот Универзитет. Типче на средина на своите 30-ти од Северна Каролина, прекрасна жена по сите нишани и две машки деца на 3 и 5 години. Прво ме понудија со пијачка, реков пиво и добив зимска верзија на Сем Адамс во август. Густо и релативно темно пиво со одличен вкус. Бапнав две и се извинив дека пушам (!?) на што домаќинов се насмеа и ме придружи во неговиот двор на цигара. Потоа ми ја покажаа кучката Софи. Песов има 11 години и се однесува ко да е 3-годишна. Дури и и даваат некои благи Валеријани и Б витамини да се смири. Со кучката се разбравме веднаш и на заедничко задоволство се уште мирисав на мојот матор пес, Цобо.
По кратка Ајпад презентација на Македонија и уште едно Адамсче, ми го покажаа мојот прв кревет во Флоренс, Алабама, каде минав 3 ноќи. Гостинско куќаре крај дом на луѓе од средната класа каде има повеќе топлина од сите кантри клубови, шменси хотелски фоајеа и вили. Откако ми посочија дека ми е дозволено се освен да им се измочам во креветот и да им ја запалам куќата, јасно беше дека фрижидерот за гостинот од далеку е полн со пиво. Заспав во собичка со бучен клима уред, голем вентилатор и Боб Марли постер.