
Најавуван од гувернерот Гевин Њусом како „Проектот што нема да умре“, жителите на Калифорнија на референдум во 2008 година ја поддржаа изградбата на супербрза железница, со која од Лос Анџелес до Сан Франциско ќе може да се стаса за 2 часа и 40 минути. Проектот стана црна дупка што голта милијарди долари, а по 17 години не мрднал од почетокот.
Претседателот Доналд Трамп сега ја укина и федералната поддршка од 4 милијарди долари за проектот.
Железницата што ни беше ветена сè уште не постои и никогаш нема да постои. Овој проект беше сериозно прескап, пререгулиран и не е испорачан, објасни Трамп.
Гувернерот Њусом најави тужба, но малку е веројатно дека и тие 4 милијарди долари ќе го спасат апсурдно скапиот проект. Дури и ако Калифорнија некако успее да најде 100 милијарди долари, нема да може да го изгради како што треба.
Кога гласачите одобрија 9 милијарди долари за планот во 2008 година, Калифорниската управа за брзи железници процени дека пругата ќе чини 33 милијарди долари и ќе биде оперативна до 2020 година - и тоа само за делот од долината Сан Хоакин. Трошоците оттогаш се зголемија на 130 милијарди долари, а ниеден дел не е во функција, забележуваат Џоел Коткин и Вендел Кокс од „Спектатор“.
Најраната проекција за завршување на пругата низ Централната долина – делница од 275 километри од Бејкерсфилд и Мерсед - е од 2030 до 2033 година. На тој дел има градежни работи, но остануваат уште потешките две третини, кои поминуваат низ планински венци.
Два големи тунели од 2,5 и од 21 километар не се ни во прелиминарна фаза на планирање. Треба да се пробијат тунели во вкупна должина од 48 километри под планините Сан Габриел и да се изгради делница од 24 километри на превојот Пачеко. Со досегашното искуство на надминувањето на буџетот на најлесната делница, пробивањето ќе ја крене конечната сума за проектот на 250 милијарди долари. За споредба, целиот буџет на Калифорнија е 321 милијарда.
Без пари од федералната администрација и без интерес од приватни инвеститори, тешко е да се види од каде би биле обезбедени парите. Ова го става гувернерот со нескриени претседателски амбиции Гевин Њусом во незгодна ситуација дали да продолжи да фрла пари во проектот или да ги пренасочи кон своите прогресивни приоритети како пензиите за јавните службеници и бесплатна здравствена заштита за околу 2,5 милиони нелегализирани имигранти.
Њусом тврди дека ќе го заврши проектот „по секоја цена“, иако тоа веќе се однесува на најлесната делница. Ако успее да ја заврши, таа ќе биде најскапата и најмалку користената брза железничка линија во светот, а Њусом во очекуваната претседателска кампања ќе треба да објаснува кај кои изведувачи или синдикатите завршиле милијардите.