
Некогашниот фудбалер на Спартак Москва, Спортинг Лисабон, Манчестер Јунајтед, Естудијантес и Бока Јуниорс, Маркос Рохо пред неколку дена стана нов член на Расинг Клуб од Авељанеда. Интересна епизода имало со новиот негов дрес.
Маркос Рохо отсекогаш го имал своето презиме позади на дресот, како и секој друг фудбалер. Но сега ќе игра само со името и почетната буква од презимето, Маркос Р.
Причина за тоа е што Рохо на латино-американски јазик значи црвено. Сега новиот клуб на стоперот е Расинг чиј најголем ривал е Индепендиенте чиј познат прекар е „црвените“ (El Rojo). А боите на Расинг се сино-бели.
Тренерот на екипата на Расинг, Густаво Костас е дете на Расинг Авељанеда. Играл за првиот тим, ги тренирал и младинците, а минатата година по трет пат бил поставен за тренер на првата екипа. Костас изјавил дека ништо што е поврзано со црвена боја не сака никој да носи во клубот.
„Дедо Мраз е единствен во црвено на кого му отворам врата во својот дом“, рекол еднаш Костас.
Се памети и една изјава на брат му.
„Ние не купуваме црвени коли и воопшто не користиме ништо со црвена боја. Така сме решиле уште на рана возраст. Ние сме од семејство каде секогаш се навивало за Расинг и тоа ни е предание“, рекол Фабио Костас, братот на тренерот на Расинг.
Интересно Маркос Рохо кој има повеќе од 61 настап за Аргентина, во кариерата претежно играше за клубови со црвена боја на дресови, како Манчестер Јунајтед, Спартак Москва, Естудијантес.
Подоцна во Бока Јуниорс остана 4 ипол години, стана капитен, главен играч, постигна 11 гола, освои шампионска титула во 2022-ра година.
Летово Маркос Рохо ќе го гледавме на Светско клупско првенство но тој се скарал со тренерот Мигел Анхел Русо и решил пред време да го раскине договорот кој му бил до декември.