Исповед 9

Велигден

Оти на нашава полутопка е нов почеток, и обновувањето на природата се одразува и на обновеноста на душата во сè што дише, и ја дочекало оваа пролет. Ако на моменти чувствувате живост и верба дека животот е убав, и ако душата ви е радосна ... Ви посакувам таква и да ви остане до следната пролет, а тогаш да Ви се придодаде радост врз радост, и сè да Ви се исполни со смисла.... зашто животот треба и да се живее, а не само за него да се мудрува...

   Бидејќи e Велигден, а кај нас голем дел од народот на последните пописи се изјаснува за православен, ред е и нормално е да напишеме нешто и за тоа. Ви ја упатувам оваа "нежна утринска мисла", Вам, пријатели што го славите овој ден, а на другите, што можеби не го почитуваат многу празников, но сепак се трудат да истрајат во доброто и животот да го поминат како луѓе, им посакувам да бидат здрави и силни во своите настојувања. Значи, да почнам од почеток и да Ви се обратам како што доликува:

    Почитувани пријатели, дами и господа, браќа и сестри, селани и градски луѓе, другари и другарки... човеци и човечици, мажи и жени, деца и старци, млади и стари, средовечни и возрасни, мачки и кучиња, лисици и волци, мечки и зајаци, бубамари и пеперутки, пчели и бумбари, мравки и штурци, пајаци и муви и останати бубачки и шумски ѕверки... ластовици, врапчиња, канаринци, гугутки, штркови и останати птици небесни... пастрмки, црвеноперки, крапови, кленови, сомови, јагули и други риби, дрвја и цвеќиња, питоми и диви, животни и растенија, суштества секакви, урбани и рурални, мекотели, тврдокрилци, папкари, преживари, глодари, понижени и навредени, богати и славни, зелени и зрели, болни и здрави, високи и ниски, дебели и слаби, слободни и затвореници, листопадни и зимзелени... и сите и сè од микроб до слон и од планктон до кит... Ве поздравувам, и на сите православни меѓу вас им го честитам Велигден, празникот на Воскресението. Оти на нашава полутопка е нов почеток, и обновувањето на природата се одразува и на обновеноста на душата во сè што дише, и ја дочекало оваа пролет. Ако на моменти чувствувате живост и верба дека животот е убав, и ако душата ви е радосна ... Ви посакувам таква и да ви остане до следната пролет, а тогаш да Ви се придодаде радост врз радост, и сè да Ви се исполни со смисла.... зашто животот треба и да се живее, а не само за него да се мудрува. Јас си заминав на моето скришно место, и со денови се будам со пој на птици, опкружен сум со безброј инсекти, многу дрвја и по некој човек, и се чувствувам пожив од лани, а и Вам ви посакувам истото да ве снајде.

   Некогаш, постоењето во сопствената кожа може да ни изгледа тешко, на моменти и бесмислено, па знае да ни се пристори и како казна за некаква грешка за која не сме ни свесни. Може наша, може туѓа, може на некој предок? Другпат, може да нè обземе чувство дека сè е исполнето со смисла и ред, и дека не сме случајно на земјава, и дека сме во мир со себе и светот и сè оди и води кон некое совешенство и цел. Ова се крајните точки, и ретки се, а животот главно е она што останува кога ќе се одземат ваквите исклучителни состојби; животот е она што оди по средината. Имало денови кога сум мислел дека можам да се качам на бел облак и на него да ги крстосувам небото и Вселената, кога сум се чувствувал близок со сè што постои, со сè видливо и невидливо, а имало и денови кога не сум можел да си се поднесам самиот па дури и сопствените прсти на раката сум ги доживувал како туѓинци. Доаѓа секаков ред. И дожд да врне, и сонце да грее... и мечка оро да игра. 


Достоевски рекол: "Убавината ќе го спаси светот". Бил Русин, а таму, денот со кој започнува седмицата не го викаат недела туку воскресение. Сега, завршуваат деновите на Велигденскиот пост, чија цел не е човек да ослаби некое килце и поубаво да му стојат фармерките, туку, преку телесниот пост и прочистените мисли да се врати колку што му е можно во состојбата на мир и согласие со сето создание, со сиот жив свет... а тоа, симболично кажано, е состојбата на Адам пред падот, кога во него немало грешка, ни завист, ни желба да биде нешто што не е... едноставно живеел, и бил во единство со сите битија во Едем. Еден од показателите дека човек конечно се вчовечил е постигнувањето на состојбата блиска до оваа, во која постојат луѓето што го надминале својот егоизам, својата празна самобендисаност, и може да се здружат и со „природните непријатели". Како монасите што чуваат не само мачиња и кучиња, туку и дружат со мечки и мечиња. Не сте виделе како на добар човек му слетува птица на глава? Или како непознато куче доаѓа кај некого да се гали? На тоа мислам. Не гледајте само да искористите нешто да испадне на полза на суровиот и приземен хедонизам кој сака да стане нова вера на нашето време, оти така никаде не се стигнува. Бидете ми живи и здрави, бидете она што сте, и гледајте да сте во мир со сè што постои. Велигден не е само повод за славење со мрсни ручеци и шарени јајца, туку е празник што ја слави конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото, на убавината над грдото. Пролет е. Празник е. За сите и за сè. 

 

4 мај 2013 - 21:47