Луѓето се често склони на глупост. На тоа ме научија последниве 10-тина години откако сум поголемка, па се среќавам со посериозни ситуации што често од мене ја ваделе најисконската глупост што може да му се случи на еден човек, затоа што градиш искуство, па се глупираш, па сам се заебуваш, па после се учиш и веќе не правиш бељи, па после пак ти промакнува нешто глупо... И така. Ама се учиш.
Не би сакала да се мешам во туѓите односи и љубовни врски, ама од сите страни ме спопаѓаат такви глупи приказни што, некако, не можам да не се навратам на тоа дека сам како што можеш да се заебеш, никој жив не може.
Прво, кај пишува дека ако имаш партнер/ка, со текот на времето треба да почнеш да личиш на жаба со дебели плешки што не се погледнува во огледало? И тоа на мажите им е полесно, можеби и ќе проќелават, али можат одма да ја избричат главата и да пуштат брада, па да заличат на Брус Вилис. Тоа, и затоа што на нив се потрошени најдобрите нозе и најдолгите трепки на светов. Ама девојки, со нас животот малку построго се понаша. А вие фаќате дечковци, се мажите и почнувате да личите на женски лик од К-15. Тоа нема смисла. И не е битно дали сте дебели или слаби, убави или грди, ако е некој покрај вас, тоа значи дека го надминал тоа. Не може да се шетате во вреќи за ѓубре, да не вадите бркови и да се фурате дека тоа е ваш избор и ваше право.
Значи, збориме за врски кои почнале здраво. Со задоволство. И почнуваат да личат на нешто незадоволително.
Без разлика што вашиот човек ве знае у најглупата тренерка, не е лошо да се има некое парче убава пижама или долен веш по фиока. НЕ МОЖЕ да има негативен ефект тоа.
Без разлика што сте видени со затнат нос и мрсна коса, не значи дека треба шминката и штиклите засекогаш да се баталат под изговор „е, до кога да се дотерувам". Засекогаш. Имате должност кон себе и кон тој што е покрај вас да бидете убави.
Ако ве сака, не значи дека треба да го поставувате истото прашање по 156 пати дневно, без разлика што драгиот маж неколку пати ви рекол дека не може/ не сака/ не е физички возможно во моментот да се одговори прашањето.
Ако не разговарате, драги мои мажи и жени, не се чудете што, види чудо: НЕ РАЗГОВАРАТЕ ПОВЕЌЕ. И правете си ќеифови. Така се вљубивте, ако не се лажам.
Не е фер кон никој од инволвираните страни да се помириме со ПОЧИТ. Страшното е што од 10 „љубовни" приказни што сум ги чула, 8 се базираат на почит. Не љубов, не камшик, не хулахопки – почит. Да се утепаш.
Списокот е долг... И веројатно ќе го надополнам во некоја наредна прилика.
Немаме пари, немаме време, имаме деца, имаме работа...
Каде е лезетот во сето тоа ако немаме разбирачка со човекот што сме го избрале да биде покрај нас?
Баба ми и дедо ми познавале еден стар брачен пар, починати веќе со децении, он кралски министер, она дворска дама. На нивни 90 и кусур години, имот одземен во комунизмот, изгубено дете и пензии ситни во споредба со претходниот начин на живот, они се секогаш дотерани, он со ракавици, она со бисери и штикли. И дедото секој месец ја носи во кино и театар и секој ден со часови играат шах и се кикотат. И баба ми знаела да ги праша: „Добро, уште имате муабет, после 200 години, вампири ниедни?"
Одговорот:
Секогаш.
Бидете умни.
Ви посакувам здрав и редовен сексуален живот.
Јана