Правичната распределба на генетските ресурси беше клучен столб на Конвенцијата на ОН за биолошка разновидност (CBD) од 1993 година. Сепак, оваа конвенција не се справи со „биопиратеријата“ - екстракција и комерцијална употреба на биолошки материјали без согласност или фер компензација за земјите и заедниците од кои потекнуваат.
Поради тоа, во 2014 година, беше усвоен Протоколот од Нагоја, кој воспостави правна рамка за фер пристап, и распределба на придобивките од биодиверзитетот ширум светот.
Протоколот е ратификуван е од 141 членка на ОН, но до денес има само еден единствен документиран случај за распределба на макар дел од профитот од производство на цвеќе за земји како Мексико, Филипините или Индонезија од кои потекнува материјалот. И тоа од јапонска компанија, а не европска.
Европската Унија и нејзините членки се задолжени да ги спроведуваат одредбите од договорот, но тие ги користат дупките од Протоколот – тврдат дека тој се однесува само на генетски материјали собрани по 2014 година. Таквото толкување ги исклучува комерцијално достапните растителни сорти, чија ДНК е пререгистрирана како интелектуална сопственост на неколку големи компании, претежно од Европа.

Тоа значи дека мал број европски компании денес имаат ексклузивни права на интелектуална сопственост врз генетскиот биоматеријал собран во времето на колонијалната ера.
Сопственоста е високо концентрирана: само 25 компании поседуваат речиси една третина од сите патенти за цвеќе, а една половина се кај одгледувачите кои ги развиле сортите.
Студија од 2022 година спроведена од канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ процени дека сортите заштитени со правата на одгледувачите на растенија додаваат приближно 2,5 милијарди евра во економијата на Унијата секоја година.
Холандската задруга „Ројал ФлораХоланд“, која претставува повеќе од 3.000 одгледувачи на цвеќе низ Холандија, оствари продажба од 5,4 милијарди евра во 2025 година. Две холандски компании контролираат 99% од регистрираните права за орхидеите што потекнуваат од Филипините и Индонезија. Слична е ситуацијата и со поинсетите, мексиканскиот национален цвет, и многу други видови цвеќиња.
