Американците почнале да ја користат оваа тактика од почетокот на мај кога веќе почна сериозно да се чувствува енергетската криза поради затворањето на протокот. Извори на Ројтерс посочуваат две специфични локации во кои вообичаено се преточувала нафтата – едната близу стратегиското пристаниште Фуџијара во Обединетите Арапски Емирати, а другата покрај брегот на Оман кај пристаништето Сохар.
Анализа на сателитски снимки и податоци за транспорт покажуваат дека во трансферите биле вклучени 92 брода. Груби пресметки врз основа на капацитетот на танкерите укажуваат дека биле шверцувани најмалку 90 милиони барели сурова нафта. Ова е релативно мало количество во споредба со 20-те милиони барели што секој ден поминуваа низ протокот, но е значително ако се има предвид блокадата.
Нема никакви докази дека шверцот бил целосно контролиран од американските сили, иако тоа го истакнале осум извори на Ројтерс. Наводно била ангажирана и приватна компанија за обезбедување. Централната команда на САД објави дека американските сили не учествувале во операции за трансфер на на нафта од брод на брод.
Танкерите требало да отпловат до точка за средба и да пловат во конвој на растојание од 3 до 4 километри со исклучени транспондери и фарови, наведувани од американската морнарица. Кога ќе ја напуштат иранската зона, тие се приближуваат до супертанкери, кои може да примат товар од повеќе помали бродови. За преточување се потребни 24 до 40 часа, во зависност од количеството. Потоа празните танкери се враќаат преку протокот, а супертанкерите чекаат додека не се наполнат до врв.

Оваа операција е крајно ризична. Двете локации за преточување се близу до граничната линија исцртана од Управата за Персискиот Залив – новооснованото иранско тело за управување со сообраќајот низ Ормускиот Проток. Управата ги наведуваше бродовите кон контролни пунктови на спротивниот брег од теснецот и ги пропушташе оние за кои постигнале дипломатски договор и понекогаш оние што платиле такса. Бродовите што не ги почитуваа наредбите беа изложени на ризик од напади со беспилотни летала и ракети од Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Едноставно не знаете кога Иран би можел да испрати беспилотни летала или топовски чамци за да ги спречи бродовите, објаснува Ноам Рејдан специјалист за поморски ризици при Вашингтонскиот институт.
На сателитски снимки од 11 јуни може да се видат 17 пара бродови што истовремено преточувале нафта. На 8 јуни кај Оман имало шест пара танкери групирани во мала област. На тој ден и во тој регион иранските сили го соборија американскиот јуришен хеликоптер „апачи“, за кој не е потврдено дека учествувал во операцијата.

Рејдан објаснува дека Иран со години користел идентична тактика за да ги заобиколи меѓународните санкции за извоз на сурова нафта. Се преточувало само преку еден пар бродови за да се избегне откривање, а и поради релативно малото количество нафта за извоз.
Иронично e што САД сега копираат примери од Кина, Русија, Северна Кореја, па дури и Иран, чии „темни флоти“ беа пионери во овие техники токму за да ги избегнат санкциите на САД и ОН, забележува Мајкл Фроман, претседател на Советот за надворешни односи.