Исповед 2

Како станав мачо-феминист

Значи цело време, цела историја и праисторија, откога постои човекот живееме во матријахат, а некои жени ги викаме мажи... впрочем, оние што поотмено мочаат... инаку, сите да сме ти биле исто.


Тихомир Јанчовски и Мартин Хомза, Скадарлија, Белград, 2010.

Си лежам јас така еднаш, пред едно 17 години, во една соба еднаш, во еден стан исто еднаш, под кирија станот тој, близу Маргит Хид во Будимпешта, и си правам муабет со другар ми Мартин Хомза, од Словачка. А бевме тогаш на постдипломски таму, Мартин и јас. Големи другари бевме.

Значи, си лежиме ние така, секој на по еден кревет, и едно време Мартин ми вели: „Јуноу Земјак" (еден на друг си викавме Земјак..ама работата е што на словачки земјак значи компир а не компатриот... да, да), ерго... „Јуноу Компир... ви ол хав вуман'с бадиз!" Што му текна бе... ај, ама реченица... море, што кажа човеков? Си мислам јас во главата тогаш, така, си преведувам на МК, ама тоа е... откај бе да сме имале женски тела? Да не одлепи овој, или од читање книги се мрдна, дал обратен бил а не знам... ил скакулци? А, сè си работеше на некои теми за жени во Средниот век, Мартин, пријателот од Братислава мој. По цели денови во библиотека киснеше. И му одговарам смело: „Вот вуман бадиз Земјак, бист ду гут им копф?" (Да, мешавме и јазици кога муабетевме јас и тој, често ни се смееја од страна. За полесно да се следи, отсега натаму само со македонски превод ќе раскажувам). На тоа изглаголи Мартин: „Јес, знаеш Земјак, ние сите сме родени од жена, мајка нè родила... а мајката е жена... значи од женско тело сме... и ние имаме женски тела." (пауза) Оооо, види, види, што зборел овој... има логика.

–Па на светов значи сите сме жени, и мажите и жените?

–Не бе, само нема маж со машко тело, постојат мажи и жени, ама сите имаат само женски тела.

-Имаш право, јо рајт, му велам јас, и ме замисли. Како да не ми текне и мене самиот до сега вакво нешто? Просто е, 2 и 2 се 4... Од што се раѓаш? –Мајка те раѓа... тело од нејзиното тело... плот од женска плот... не можам да најдам грешка во логиката. Значи цело време, цела историја и праисторија, откога постои човекот живееме во матријахат, а некои жени ги викаме мажи...впрочем, оние што поотмено мочаат... инаку, сите да сме ти биле исто.

И оп... ми светна! ЈУРИКА, што би рекол Архимед на англиски. А, Адам? Тој не е од жена роден, него Бог го создал. А сега? Тој е првиот, а жена му Ева е од него... нели неа од реброто Бог му ја направи, да има сопатник и да не му е досадно. ДА. „А, Адам... Мартин", му велам јас, „вотабаут Адам? Тој е маж, и Господ го создал, и каков католик си ти што зборуваш вакви работи?" А тој беше добар католик што оди на исповед и внимава на однесувањето и зборовите. „Невер мајнд, католик ор ортодокс, Год дазнот хев а џендер." (Нема врска, католик ли православен ли, Господ нема пол)

Кај отидовме сега? Стварно... која теологија кажува дека Бог е МАЖ? Ако беше маж, и Нему ќе му требаше жена, а штом постои жена, тогаш и секој маж е роден од жена и има женско тело, ерго ако Бог е маж, тогаш Бог е жена. Затоа Бог е Бог, и не е ни маж ни жена, и двете е и ниедно. Ете, оттогаш, од тој разговор меѓу Мартин Хомза и мене, меѓу Компирот и Земјакот, во собата во станот под кирија, сфатив дека е глупо да се прават разлики меѓу луѓето засновани на дихотомијата маж/жена. Сè е релативно.


 

10 април 2013 - 18:05