Во Авганистан е во тек првиот национален попис по 35 години, кој наидува на една неочекувана пречка: голем број Авганистанци немаат презимиња, туку користат само едно име, што во рамки на племенскиот живот во изолираните авганистански села е сосема доволно за препознавање кој е кој. Начинот на кој владата мисли да го надмине проблемот е да ги поттикне овие луѓе да одберат презимиња и на тој начин да може полесно да ги идентификува, да води сметка за нивното движење, и (наводно) за нивните потреби.
Сепак, ова сè уште не е регулирано со закон, туку се смета на добрата волја на Авганистанците да се воведе некаков ред. За разлика од Авганистан, други држави и влади низ светот не биле толку демократски настроени кога станувало збор за менувањето презимиња - шпанските колонијални власти, на пример, во 19 век на сила им ставиле презимиња на Филипинците, со тоа што објавиле (буквално) каталог со презимиња од кои семејствата можеле да бираат. Како резултат на тоа и денес голем број Филипинци имаат презиме што ги потсетува на колонијалното минато.
Истото се случувало во современа Турција, каде презимињата биле воведени заради градење на модерна, „западнизирана" нација. Законот за презимиња од 1934 бил замислен како „поттик за општествена реконструкција, чија цел било сплотување на граѓаните во една хомогена, национална единица“, што во превод значело бришење на секакви идентитетски маркери кои би го разликувале оној кој не е Турчин (или не е муслиман) од пошироката турска држава.
Во Европа пак оние кои немале презимиња до крајот на 18 век биле Евреите. Во 1787 Хабсбуршката империја со декрет побарала Евреите од сите провинции да прифатат постојано презиме, при што тоа требало да биде, или барем да звучи германски. Истото се случуваше во Бугарија со Помаците, односно со бугарските муслимани, кои во текот на социјализмот беа принудени да си го повратат нивниот „оригинален бугарски идентитет" и не само да си го сменат презимето, туку и името.
На наш терен никулци на презимиња се забележани во 12 век, во форма на патроними (добиени според името на таткото), а како релативно постојани и наследни презимиња дури од 19. век. „Релативно постојани" затоа што и тие биле менувани според потребата на режимите, во бугарска, грчка или српска варијанта, па се случувало еден ист човек во текот на животот да смени 2-3 варијанти на исто презиме (на -ов, -иќ или -ски). Во современа Македонија, пак, интересен, но за лингвистите и загрижувачки тренд, е бирањето на машки презименски облик при склучување брак од страна на жената (пример: Ана Стојановски), и покрај тоа што во македонскиот си постои женски облик на презимето (интересен текст на оваа тема тука). За тоа пак како интернетот ја усложнува промената на презимето, кога новото не може да се усогласи со постоечките кориснички сметки, пишувавме тука.
Сепак, пософистицираните владини администрации веќе не се потпираат толку многу врз презимињата. Според политикологот Џејмс Скот, автор на книгата „Гледајќи како држава" (Sеeing LIke a State), воведувањето на ЕМБГ, отисоци од прсти и ДНК профили, како и други начини на следење на движењето (и географското, и виртуелното) на граѓаните на една држава, прави презимињата да ја немаат онаа моќ на консолидација на одредена заедница како во претходните историски примери. Но тоа дека презимето веќе не е толку силна политичка алатка и не треба многу да нè опушта - тоа само значи дека начините да бидеме контролирани станале понапредни, и дека е потешко да им се скриеш.